Свет
Се бореше против политичката мафија и нарко бандите, беше осудуван и прогонет: Кој е убиениот претседателски кандитат на Еквадор

Еквадорскиот претседателски кандидат Фернандо Вилавиченцо, кој беше застрелан на крајот од предизборниот митинг во Кито, беше еден од ретките политичари кои јавно зборуваа за врските на владата со организираниот криминал, пренесуваат странските медиуми.
Одговорноста за неговото убиство ја презеде криминалната група „Лос Лобос“ (Волци).
Неколку дена пред убиството, Вилавиченко изјави на националната телевизија дека добил неколку смртни закани, за кои тврдеше дека доаѓале од осудениот водач на криминалната група „Чонерос“, Алијас Фит, кој наводно му наредил да престане да го спомнува во јавноста.
Но, одговорноста за неговото убиство ја презеде криминалната група „Лос Лобос“ (Волци), која своевремено се одвои од групата „Чонерос“.
„Лос Лобос“ е втората по големина банда во Еквадор со околу 8.000 членови, од кои многумина се зад решетки. Се верува групата е поврзана со мексиканскиот картел на новата генерација „Халиско“, кој тргува со кокаин.
Како член на Националното собрание, Вилавиченко отворено зборуваше за корупцијата и насилството предизвикани од шверцот на дрога во земјата. Јавно кажа дека Еквадор станал „нарко држава“ и рече дека ќе се бори против политичката мафија.
Вилавиченцо беше еден од најгласните борци против корупцијата на политичката сцена на Еквадор, особено за време на владеењето на поранешниот претседател Рафаел Кореа, кој беше на чело на таа земја од 2007 до 2017 година.
Тој беше осуден на 18 месеци затвор за клевета, за изјави во кои го критикуваше поранешниот претседател.
Од „островот на мирот“ до земја на нарко банди
Еквадор некогаш беше безбедна и стабилна земја во Латинска Америка. Некогаш се нарекуваше „Исла де Паз“ (остров на мирот), но криминалот се зголеми во последниве години, поттикнат од зголеменото присуство на колумбиските и мексиканските нарко картели, кои се инфилтрираа во локални криминални банди, пренесува „Си-Ен-Ен“
Насилството е најизразено на брегот на Тихиот океан на земјата додека криминалните банди се борат за контрола и дистрибуција на дрога.
Сите кандидати на претседателските избори во Еквадор ветија дека ќе се борат против ескалацијата на насилството.
Но, влошената безбедносна и економска ситуација предизвикува повеќе Еквадорци да ја напуштат земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Објавени детали од состанокот помеѓу Стармер и Зеленски

Британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ги разгледаа вчерашните средби со европските и американските лидери, објави „Даунинг стрит“.
„Тие се согласија дека постои силно единство и цврста решеност да се постигне праведен и траен мир во Украина. Потоа се осврнаа на утрешните средби меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, кои претставуваат вистинска можност за напредок, под услов Путин да преземе чекори за да докаже дека е сериозен во врска со мирот. Тие се согласија да останат во близок контакт во наредните денови“, според канцеларијата на британскиот премиер.
Зеленски наведува дека имал детална дискусија со Стармер за можни безбедносни гаранции за Украина. Безбедносните гаранции се ветувања и механизми на кои Киев може да се потпре за да спречи уште една руска инвазија во случај двете земји да постигнат мировен договор, пишува Скај њуз.
„Тие гаранции имаат за цел да го направат мирот навистина траен ако Соединетите Држави успеат да извршат притисок врз Русија да го запре убивањето и да се вклучи во вистинска, суштинска дипломатија“, рече тој.
Зеленски додаде дека лидерите разговарале и за инвестиции во производство на украински беспилотни летала.
Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон ја предводат она што го нарекуваат „коалиција на добронамерните“ – група држави подготвени да распоредат таканаречени безбедносни сили за да го следат секој мировен договор меѓу Украина и Русија.
Регион
Албанија размислува за прво министерство управувано од вештачка интелигенција

Албанија ја интензивира употребата на вештачката интелигенција (ВИ) во државното управување со цел да го забрза процесот на пристапување кон Европската Унија и борбата против корупцијата, соопшти владата на земјата.
Албанскиот премиер Еди Рама минатиот месец ја објави можноста за формирање министерство што целосно би било управувано од вештачка интелигенција опишувајќи ја ВИ како најефикасен иден член на владата, пишува бриселски „Политико“.
„Еден ден можеби дури и ќе имаме министерство што ќе биде целосно управувано од вештачка интелигенција. На тој начин нема да има непотизам или судир на интереси“, рече Рама на прес-конференција во јули осврнувајќи се на дигитализацијата.
Локалните ИТ-експерти веќе развиваат модели што би можеле да се користат за избор и назначување дигитални министри, а Рама сугерира дека Албанија би можела да стане првата земја со цела влада базирана на вештачка интелигенција, вклучувајќи го и премиерот.
Иако идејата сè уште не е преведена во официјалната политика, вештачката интелигенција веќе се применува во неколку сектори на државната администрација: од контролата на јавните набавки и следењето на даночните и царинските трансакции до откривањето нелегална градба, надзор на плажите и на плантажите со канабис со помош на дронови и сателити.
Со цел да се подобри безбедноста на патиштата властите планираат да користат препознавање лица за да испраќаат дигитални предупредувања и казни до возачите.
Вештачката интелигенција се користи и во дигиталните јавни услуги – повеќе од 95 проценти од административните услуги се достапни преку порталот e-Albania, каде што на граѓаните им помага виртуелен службеник за вештачка интелигенција.
Според владини податоци, платформата овозможила повеќе од 49 милиони трансакции и им заштедила на граѓаните повеќе од 600 милиони евра.
Албанија ги почна преговорите за членство во ЕУ во 2022 година, а вештачката интелигенција сега се користи за преведување и анализа на сложени правни документи во процесот на усогласувањето со законодавството на ЕУ, кое опфаќа речиси 250.000 страници.
Иако властите ги нагласуваат предностите на технологијата, експертите и опозицијата предупредуваат дека вештачката интелигенција не е замена за реформите.
Како дел од промотивните активности, вештачката интелигенција беше користена и за создавање анимирани бебешки верзии на европските лидери на самитот во Тирана во мај, кои ги пречекаа гостите со дигитални гласови на нивниот мајчин јазик.
Европа
Кремљ: Договорен распоредот за разговорите Путин – Трамп, ќе има и прес-конференција

Договорен е распоредот за разговорите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, изјави советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.
Тој рече дека тоа ќе биде приватна средба, со преведувачи, за време на која ќе се дискутираат чувствителни прашања.
Централна тема на состанокот ќе биде решавањето на кризата во Украина, но двајцата лидери ќе разговараат и за трговската и за економската соработка, рече Ушаков.
Средбата ќе почне во 11.30 часот по локално време, а времетраењето на разговорите ќе зависи од тоа како ќе се одвива дискусијата, рече Ушаков.
На крајот од самитот двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција. Трамп и Путин ќе имаат и поширок состанок со делегациите и работен појадок, објави „Скај њуз“.