Македонија
Врховен пресече: Владимир Талески нема право на помилувањето од Иванов, а ги потроши и сите можности да бара слобода во македонските судови
Врховниот суд донесе пресуда за случајот „Трапсортер” каде осуден е ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески. Поднесената жалба на него и другите осудени се оценуваат како неосновани, односно недозволени. Врховниот суд пресече и дека тие не можат да се повикуваат на даденото помилување од експретседателот Ѓорге Иванов. Со оглед дека обвинетите ги потрошија сите правни лекови и се обратија до сите судови во Македонија, сега можат да се жалат во Европскиот суд во Стразбур.
„Со пресудата барањата на осудените В.Т. и С.Б. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.30/17 од 31.03.2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 08.04.2022 година, се одбиваат како неосновани, а барањето на осудениот Ѓ.Т. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.30/17 од 31.03.2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 08.04.2022 година, се отфрла како недозволено“, известува Врховниот суд.
Во врска со наводите за дадените помилувања Врховниот суд констатира дека даденото помилување не произвело правно дејство бидејќи било дадено врз основа на членот 11 од Законот за помилување, која одредба не била дел од правниот поредок, што значи дека осудениот никогаш и не се стекнал со право да биде ослободен од кривичен прогон.
Исто така, Врховниот суд констатира дека постапката пред пониските судови како целина била спроведена во согласност со принципите и гаранциите содржани во членот 6 од Европската конвенција за човековите права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

