Македонија
Поднесена пријава до МВР за заканите на интернет кон новинарите на ИРЛ

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) поднесе пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР за нарушување на безбедноста на новинарите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Пораките со заканувачка содржина се внимателно документирани и истите се од познати, но и анонимни профили на социјалната мрежа Twitter. Повод за овие закани е најавата на ИРЛ за новата епизода именувана како „Убиство во Тетово“ која се однесува на пожарот во модуларната болница што однесе 14 човечки животи, а премиерно ќе се емитува во недела, информираат денес од ЗНМ.
– Информираме дека со измените на Кривичниот законик, за кои се залагаше ЗНМ, а кои стапија на сила во февруари оваа година, загрозување на сигурноста на медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело каде што МВР и ОЈО имаат обврска да постапуваат по службена должност против сторителите. Казните за оние кои ја загрозуваат сигурноста како и за оние кои предизвикуваат чувство на несигурност или страв на новинарите, се парични казна или затвор до една година. Доколку пак, поради овие закани новинарите се предмет на физички напад казните за напаѓачите се повеќе години затвор, потсњтуваат од ЗНМ.
Здружението на новинари бара од МВР со внимателност да ги истражи заканувачките пораки кон новинарите на ИРЛ, а кон оние профили кои се познати од страна на истражните органи да бидат повикани корисниците на распит и да се преземат соодветни мерки против нив.
Потсетуваме дека Основниот кривичен суд веќе има позитивна судска пракса со условни казни затвор кон сторители кои претходно имаат објавувано заканувачки пораки на социјалната мрежа Facebook, а по претходни пријави од страна на ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска: Образовниот систем ќе има клучна улога во остварувањето на целите од Стратегијата за соработка со СЗО

Националната стратегија за соработка со Светската здравствена организација во следните пет години ги утврдува здравствените приоритети на државата, кои ќе се реализираат во соработка со СЗО и агенциите на ОН, како УНИЦЕФ и УНФПА, преку клучните владини министерства, институции и граѓанското општество. Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на презентацијата на Првата стратегија за соработка на СЗО со Македонија 2026–2030.
„Здравјето е основа на одржлив развој на секоја држава. Наша цел е да изградиме отпорен здравствен систем, заснован на еднаков пристап, превенција, дигитална трансформација и компетентни човечки ресурси. Неопходно е да ги унапредиме јавните политики за да можат да одговорат на комплексните здравствени предизвици со кои се соочува Македонија. Во реализацијата на оваа важна и одговорна задача Министерството за здравство не е само“, нагласи министерката Јаневска.
Преку подобрување на наставните програми, модернизација на лабораториите и практичните обука, поддршка за континуирана едукација на здравствените работници и соработка со универзитети и здравствени установи, Јаневска укажа дека воспитно-образовниот систем подготвува генерации со знаење, вештини и ставови потребни за препознавање, разбирање и ефективно справување со здравствените предизвици.
„Образованието има суштинска улога во развојот на систем што се грижи за сите и не остава никого зад себе. Училиштето формира вредности на еднаквост, развива чувство за грижа кон ранливите и создава капацитет за препознавање и спречување на насилство, занемарување и повреди, што е еден од приоритетите во Стратегијата“, рече Јаневска.
Таа се заблагодари на Светската здравствена организација за помошта во изготвувањето на Протоколот за реализација на настава во услови на топлотен бран, како и за обуките на околу 700 стручни соработници од основните и средните училишта за психосоцијална помош и поддршка во унапредување на добросостојбата и менталното здравје на децата и младите во образовните, здравствените и загрижувачките институции и средини.
Стратегијата за соработка со СЗО е петгодишен документ дизајниран да ги поддржи нашите национални здравствени цели, обврските поврзани со пристапувањето кон ЕУ, како и глобалните Цели за одржлив развој. Мултиресорскиот пристап кон нејзината реализација е услов за градење здравствен систем што ги следи протоколите, истовремено темелејќи се на вредности како човечност, правичност и грижа.
Македонија
За развој на лидери и менаџери меѓу административците Министерството за јавна администрација ќе соработува со ВИТА Институтот

Министерството за јавна администрација и ВИТА Институт за истражување, едукација, менаџмент консалтинг и коучинг од Скопје, денес потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на професионалните, менаџерските и лидерските капацитети на јавната администрација.
Овој Меморандум ја потврдува целосната заложба на Министерството за развој и јакнење на човечките ресурси на сите нивоа во јавната администрација.
Преку оваа соработка, Министерството за јавна администрација ќе обезбедува системски пристап кон професионалната едукација и континуираното јакнење на човечките ресурси на сите нивоа во јавниот сектор. Дополнително соработката со ВИТА Институт во рамки на програмите за менаџерски и лидерски развој ќе ја унапреди професионалноста, ефикасноста и современото управување во јавната администрација.
„Овој Меморандум ја потврдува нашата заложба за континуиран развој на јавната администрација и зајакнување на капацитетите на службениците на сите нивоа, со цел обезбедување професионална и ефикасна услуга за граѓаните“, истакна Горан Минчев, министер за јавна администрација.
ВИТА Институт, пак, преку своите програми придонесува кон развојот на лидерските и менаџерските капацитети преку примената на универзални принципи и пренос на добри практики од приватниот сектор и меѓународни искуства од јавниот сектор.
Со тоа се овозможува стекнување на применливи знаења и практични вештини кои директно ги поддржуваат реформските и развојните цели на институциите.
„Со ова партнерство ги комбинираме знаењата и експертизата од приватниот и јавниот сектор за да создадеме програми кои директно ги поддржуваат лидерските и менаџерските развојни цели на јавната администрација,“ – потенцира Христина Велковска, директорка на ВИТА Институт.
Министерството за јавна администрација и ВИТА Институт ќе соработуваат во повеќе области, вклучително размена на информации, усогласување на годишните програми за едукација, организирање на едукативни настани и конференции, како и примена на иновативни методи и меѓународни добри практики.
Македонија
ЗНМ и ССНМ: Недолично однесување на претставници на Министерството за здравство кон новинари е недозволиво

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост поради недоличното и непрофесионално однесување кон новинарки за време на јавен настан во Скопје, на кој бил присутен министерот за здравство Азир Алиу заедно со одговорното лице за протокол од министерството.
Непримерната комуникација од страна на вработената во министерството, одговорна за протокол, настанала откако група новинари ја замолиле за изјави, на што добиле одговор од нејзина страна дека не може, додека на една од новинарките се обратила со зборовите: „Невоспитана, дрска и најбезобразна новинарка“.
„Сметаме дека ваквото однесување е неприфатливо и несоодветно и претставува сериозен удар врз достоинството на новинарите, слободата на изразување и правотот на јавноста да биде информирана. Недостатокот на санкции за вакви инциденти може да создаде ризик од повторување на слично однесување од страна на други јавни службеници.
Воедно, го поздравуваме гестот на солидарност од останатите новинари и медиумски работници кои биле присутни таму и револтирани од недоличното однесување, колегијално го напуштиле настанот“.
ЗНМ и ССНМ апелираат до Министерството за здравство итно да го преиспита овој случај и да обезбеди соодветни мерки за професионално однесување на сите јавни службеници кон медиумите. Ова како што е нагласено, е од клучно значење за заштита на правото на новинарите на пристап до информации од јавен интерес и за одржување на довербата во институциите.