Култура
Во „Света Софија“ концерт на светскиот виртуоз на уд, Џозеф Тавадрос

Водечкиот светски виртуоз на инструментот уд, Џозеф Тавадрос, вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе одржи концерт во рамки на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“. На репертоарот ќе бидат негови авторски композиции.
Тавадрос е водечки виртуоз на инструментот уд, композитор и добитник на седум награди „Арија“ кои ги доделуваат претставниците на музичката индустрија во Австралија.Роден е во Каиро, неговата инструментална определба е инструментот уд, еден вид арапска лаута, претходник на лаутата и модерната гитара.
Виртуоз во вистинска смисла на зборот, не само според неговите технички можности туку и со неговата разновидност и чувствителност, Тавадрос настапува во концертните сали ширум светот поместувајќи ги границите на музичката изведба, и делејќи ја сцената со бројни изведувачи во интерпретација на иновативна, оригинална музика. Настапува како солист или во дуо со неговиот брат Џејмс на египетски перкусии, како и со неговиот џез квартет или како солист со камерни и симфониски оркестри.
Досега ги има изведувано сопствените композиции со Австралискиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, Симфонискиот оркестар на Аделаида, Националниот оркестар на Украина, Камерата Салцбург, а неговиот Концерт за уд и симфониски оркестар кој го изведе со Симфонискиот оркестар од Сиднеј е поместен на издание на АБЦ класикс во 2019 година. Досега тој е првиот и единствен австралиски музичар чије дело е изведено од страна на Академијата за стара музика во Велка Британија. Има снимано музика со бројни џез музичари: Џон Аберкромби, Рој Ејрс, Џек де ЏОнет, Бела Флек, Мајк Стерн, Џои де Франческо, Ричард Бона и Кристијан Мекбрајд.
Во светот на класичната музика се издвојуваат неговите соработки со Ричард Тоњети, Вилијам Бартон, Браќата Григоријан, Кристијан Линдберг и Андреас Шол. Негови изведби можат да се слушнат на повеќе филмски и телевизиски остварувања. Оваа година Тавадрос настапи на отворањето на Светскиот економски форум во Давос, а од страна на Бритн Синфониа во Англија премиерно ќе биде изведено неговото дело „Три стадиуми на ретроспектива“. Тавадрос е избран да биде еден од 50 композитори кои ќе напишат фанфар во чест на 50-годишнината на Сиднејската опера. Во 2016 година, Џозеф Тавадрос е одликуван со орденот на Австралија за неговиот придонес кон музиката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Објавен конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“

Министерството за култура и туризам го објави Конкурсот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година.
Со државната награда „Мајка Тереза“ се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Конкурсот трае од 2 до 30 април 2025 година, а е објавен и на веб-страницата на Министерството за култура и туризам.
Култура
Димитрија Доксевски избран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Актерот Димитрија Доксевски на денешното свечено Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) е избран за нов директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Според статутот на ДФРМ, мандатот на Димитрија Доксевски важи за следните две изданија на фестивалот.
Димитрија Доксевски ја презентираше предлог програмата на фестивалот и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера, соопшти ДФРМ.
Димитрија Доксевски е македонски филмски и театарски актер, сценарист и продуцент, роден на 28 јули 1983 година во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2006 година во класата на проф. Кирил Ристоски, а во 2014 година магистрирал режија на истиот факултет во класата на проф. Слободан Унковски. Својата професионална кариера ја започнал во Македонскиот народен театар во 2006 се до 2011. Продолжил кратко да работи во Кумановскиот театар во прериодот од 2011 до 2013, по што во 2014 година се приклучил на ансамблот на Драмски театар Скопје и се до денес е активен член на тој театар. Покрај настапите на матичната сцена, Доксевски има учествувано и во претстави на други театарски сцени низ Македонија, како и во филмски и телевизиски проекти во и надвор од Македонија.
Учествувал во организирање и продуцирање повеќе театарски претстави, организирање на повеќе од 20 музички настани со артисти од целиот свет, продуцирање и организација на 2 големи музички (open air) фестивали со повеќе од 20 интернационални изведувачи, продуцирање и реализација на кратки филмови, играни видеа за деца и театарски претстави.
Култура
Љуљзиме Лека-Муљаку во Чифте амам со циклусот „Метаморфоза II“

На втори април, среда, во 19.00 часот, во Чифте амам ќе биде отворена самостојна изложба на Љуљзиме Лека Муљаку со наслов „Метаморфоза II“.
Љуљзиме Лека Муљаку припаѓа на современата уметничка сцена и ја претставува генерацијата уметници кои својата дејност ја започнале со визуелен израз од 90-тите години.
Таа ќе се претстави во Националната галерија со 50 слики од различни формати, интересен циклус со дела изработени во акрилна техника.
Изложбата „Метаморфоза II“ е нов циклус на дела кој претставува реалистичен поглед на егзистенцијалните естетски вредности. Фигуративната композиција на овој циклус ја отсликува егзистенцијалната уметност на женската невиност и достоинство.
Ликовното претставување тесно се поврзува со идејата на женскиот феномен во нашето општество и го претставува нејзиното диспропорционално присуство во видлив облик.
Изложбата ќе биде поставена до 13 април 2025, а куратор е Нарона Љума Весели.