Регион
Мисли дека е лидер на „Голема Албанија“, Курти покажа дека сонува за повеќе од независност на Косово, вели српски дипломат
Посетата на косовскит премиер Албин Курти на Скопје и Тетово, беше тема на анализа на српскиот дипломат Зоран Миливојевиќ.
Тој за Блиц посочува дека Курти ја спроведува својата и политичката платформа на неговото движење Самоопределување.
„Во основата на таа платформа е идејата за голема Албанија. Тоа е неговото кредо. Во таа смисла, во Северна Македонија се сретна само со опозициските партии со кои ги дели истите идеолошки ставови. Не треба да заборавиме дека Курти има своја партија во Албанија, со која учествуваше и на локалните и парламентарните избори, на кои не се снајде баш најдобро“, потсетува Миливојевиќ.
Како што вели, откако стана премиер, Курти „работи на промовирање на концептот за голема Албанија“.
„Преименувањето на улицата Скопје во Адем Демачи е симбол на посетата на Курти на Северна Македонија. Интересно е што досега нема реакција од Западот за оваа посета, иако таа влијаеше на целиот регион на Западен Балкан. Мислам дека Западот нема да реагира бидејќи Албанците се најверните сојузници на Западот кога станува збор за стратегијата за сузбивање на влијанието на Русија и Кина на Западен Балкан“, оценува Миливојевиќ.
Миливојевиќ смета дека посетата на Курти во Тетово го доведува во прашање пристапот кон деескалација во регионот.
„До тој степен што нема реакција од Западот на оваа посета, ќе има ново зголемување на тензиите. Курти прави две работи со својата политика. Прво, ја спроведува големоалбанската идеја и второ, влијае на безбедноста на целиот регион. Само оние кои ја спонзорираат државноста на Косово можат да го спречат од тоа, а тоа се западните центри на моќ“, заклучува Миливојевиќ.
Од друга страна, Фатмир Шехоли, директор на Институтот за афирмација на меѓуетничките односи, „фрла поинакво светло“ на посетата на Курти на Северна Македонија.
„Курти не ги посети Скопје и Тетово во својство на премиер, туку како обичен граѓанин на Косово. Албин Курти не е премиер на сите Албанци. Истакнувањето на албанските симболи е регулирано со македонскиот закон и устав, така што јас не гледам никаков проблем во тоа. Верувам дека пораките на Курти не само во „Скопје и Тетово треба да бидат во духот на европските трендови, и би сакал Курти да ја посети Прешевската долина во Србија и да испрати пораки за мир, стабилизација и создавање на еднаквост за сите граѓани, без разлика на етничката и верската припадност“, вели Шехоли.
Како што вели тој, владата на Курти се соочува со бројни корупциски скандали на Косово.
„Тие афери не можат да се прикријат со обиди да се дадат изјави кои немаат никакво значење, затоа секоја недела стигнуваат оставки од неговата влада“, вели Шехоли.
Кога виде што донесе неговата посета на Тетово и Скопје, Курти се обиде да се претстави како „наивен миротворец“.
„Република Северна Македонија ја сметам за партнер, сојузник и пријател. Таа има за цел европска интеграција како нас, таа е и членка на НАТО, а тука го имаме и НАТО. Тоа покажува дека нашите односи се одлични“, рече Курти.
Како што тврди, средбите со градоначалниците на Тетово и на Чаир нема да наштетат никому.
„Средбите не беа одржани како средби и собири против никого. Со добри односи меѓу нас никој нема да настрада. Други изјави не коментирам, но секогаш сме изразувале волја за соработка“, додаде Курти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

