Македонија
Заедничка воена вежба на Македонија, САД и Албанија во Скопје од 20 август

Владата на седница донесе Одлука за влегување и престој на странски вооружени сили во Македонија заради учество на заедничка обука и вежба „Joint Combined Exercise Training – 23“.
Заедничката обука и вежба „Joint Combined Exercise Training – 23“ е дел од Планот за билатерална соработка за 2023 година помеѓу Министерството за одбрана на Република Северна Македонија и Министерство за национална одбрана на Соединетите Американски Држави.
Специјалните сили на Армијата на Република Северна Македонија со 12 (дванаесет) припадници учесници на активноста, во период од 20 август до 01 септември 2023 година активно ќе учествува во подготовките и изведувањето на заедничката обука и вежба „Joint Combined Exercise Training – 23“ на територијата на Република Северна Македонија.
На вежбата е предвидено учество на 10 (десет) припадници од специјалните сили на вооружените сили на САД и 12 (дванаесет) припадници на вооружените сили на Република Албанија, со вооружување, опрема, моторни возила и материјално – технички средства.
Локација за учество на вежбата ќе бидат полигоните за обука и стрелиштата за изведување на гаѓања во касарните „Илинден“ – Скопје, „Страшо Пинџур“ – Петровец и „Ѓорче Петров“ – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Владата: Ќе го прифатиме секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите

Премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за економија и труд, заменик-министерот за економија и труд, државниот секретар во Министерството за финансии и советникот во Кабинетот на претседателот на Владата одржа средба со претставници на синдикатите.
Се разговараше за минималната плата, колективниот договор и репрезентативноста на синдикатите.
„Ставот на Владата во врска со зголемувањето на минималната плата е јасен и поврзан со закон. Имено, согласно закон Владата е обврзана да го определи нивото на минималната плата најдоцна до 31 март. Владата ќе го прифати секој договор помеѓу синдикатите и работодавачите, во моментот кога тој ќе биде постигнат во рамките на економско социјалниот дијалог“, велат од Владата.
Македонија
Утре променливо облачно време со локален дожд попладне

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има локален дожд, а на планините повремен снег.
Ќе дува умерен, а во источните делови и вдолж Повардарието засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во вечерните часови ќе има услови за повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Следува период на стабилно и топло време, освен утре и во сабота кога ќе има локални врнежи од дожд. Утринските и дневните температури ќе бидат во пораст.
Македонија
Работен состанок за решавање на предизвиците од областа на судските и дисциплинските постапки

Министерството за внатрешни работи се одржа работен состанок помеѓу претставници на МВР, Државниот правобранител на РСМ, Основниот граѓански суд-Скопје, Апелациониот суд-Скопје и Државната комисија за одлучување во управна постапка.
Целта на средбата беше дискусија за отворените прашања во врска со роковите за носење на решенијата во дисциплински постапки и други прашања од областа на судските и дисциплинските постапки.
Претставниците на институциите се договорија овие работни средби да продолжат и во иднина со цел меѓуинституционално решавање на сите предизвици со крајна цел заштита на правата на работниците и избегнување на финансиски импликации на штета на буџетот.