Македонија
Тренчевска: Нереално е барањето минималната пензија да биде 18 илјади денари, мора да се мисли на стабилноста на Фондот

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска потенцираше дека МТСП е отворено за секој граѓанин и од тие причини, вели беше одржана средба со Иницијативниот одбор на пензионерите кои протестираа и со Сојузот на здружението на пензионери.
– Состаноците беа конструктивни, барањата ги слушнавме и на Иницијативниот одбор и на Сојузот на пензионери. Се договоривме, јас како министерка да доставам информација до Влада, да формираме работна група за прашањето за минимална пензија, односно Закон или измени на Законот за пензиско за да утврдиме износ на минимална пензија, согласно сето она што значи стабилност на Фондот за пензиско и капацитет на државата.
Таа додава дека разговарале и за тоа преку работната група да се дојде до одредени мерки и политики од социјален карактер за да им се помогне на сите пензионери, со посебен фокус на пензионерите со минимална пензија.
– Не очекува ново усогласување со септемвриската пензија. Ги очекуваме деновиве податоците од Заводот за статистика, врз основа на ова ќе го знаеме точниот процент за усогласување на пензиите на сите пензионери, рече министерката.
Тренчевска очекува дека до крајот на годината ќе се најде соодветно решение како да се дефинира минималната пензија во државата, која што ќе биде над она што значи праг на сиромаштија.
– Законското решение кое што е во моментот и при носењето на новата методологија во 2022 година, сите пензионери се согласија, вели дека 50 проценти од трошоците на живот и 50 проценти од порастот на просечната плата, во изминатото полугодие, во однос на она што му претходело. Очекуваме да ги добиеме податоците и врз основа на нив ќе видиме колку ќе биде. Можно е шест, можеби нешто повеќе, се зависи од статистиката, рече таа.
– Секогаш кога се креираат политики мора да се мисли на стабилноста на Фондот за пензиско, 18 илјади денари пензија е нереална цена, затоа што минималната плата ни е 20 илјади, кажа министерката.
„Тоа ќе значи дополнително оптоварување на Фондот за пензиско и доведување во ситуација да после три, четири месеци, се прашаме дали сите 330 илјади пензионери ќе добијат пензија. Мора да водиме сметка за стабилноста на Фондот за пензиско осигурување. Тоа е вистинска грижа, не се потребни популистички мерки. Во неколку месеци ќе ги задоволат потребите на сите пензионери, но на подолг рок ќе се доведе во прашање стабилноста на Фондот. Нема да дозволам како министерка, да се доведе во прашање исплатата на пензиите на било кој пензионер“, додаде Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.