Македонија
Османи ги убедува пратениците: „Ова не го правиме под диктат на Бугарија, ниту поради уцена од нејзина страна“
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, упати писмо до пратениците на македонското Собрание.
„В петок почнува дискусија по која ќе следува гласање за второто најважно прашање, кое кој и да било парламентарен состав требало да ги донесе во историјата на земјата по независноста – по зачленувањето во НАТО, остварување на втората стратегиска цел на државата за приклучување кон напредното европско семејство на држави. В петок вие ќе одлучувате за европската иднина на Северна Македонија, определба за која работиме и работеа сите влади во изминатите 30 години. Од вас ќе зависи дали со прифаќање на промената на Уставот ќе ги продолжиме разговорите по поглавјата за членство во Унијата или ќе запреме во преговорите на подолг рок, до некоја нова шанса, без никаква гаранција за успех, поттикнувајќи го процесот на ‘пасошизација’ на граѓаните, кои бараат европска иднина за себе“, пишува Османи.
„Верувам и знам дека секој од вас сака да бидеме членка на Унијата составена од најдемократски и најбогати земји во светот, која гарантира мир, демократски развој и економски просперитет. Во процесот на преговорите имавме цел да ги зачуваме и зајакнеме македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет. Одговорно тврдам дека во тоа успеавме. Македонскиот јазик првпат беше прифатен и гласан во Советот на ЕУ помеѓу земјите членки и е недвосмислено дел од европските јазици. Овој факт не може никој да го побие.
Јас ги разбирам сите оние што стравуваат од можностите за натамошни обиди за негирање и наметнување нови билатерални услови. Најодговорно тврдам дека историските и идентитетските прашања не се дел од патоказите и одредниците од кои зависи отворањето и затворањето на поглавјата. Со оваа промена на Уставот ние само ќе ја зајакнеме нашата меѓународна положба и ќе ја зголемиме меѓународната поддршка за нашите цели. Преку преговорите шансите да продолжиме да ја промовираме и унапредуваме македонската национална посебност, историја и култура ќе бидат значително подобри и зајакнати“, се наведува во писмото на министерот.
„Секој човек и политичар би бил среќен да биде запаметен од историјата дека постапил правилно кога било најважно. Да остане запаметен дека бил на вистинската страна, дека не се колебал во одлуката со која помогнал земјата да оди напред, а луѓето во неа да живеат подобро.
Јас лично не се сомневам дека со оваа промена на Уставот ќе направиме каква било грешка, напротив, ќе отвориме ново поглавје на развој и стабилност за нашите граѓани.
Како што веќе многупати повторував во сите мои јавни настапи, оваа промена не менува ништо во положбата на Бугарите во земјата и во однос на правата што до сега ги имаа и им ги гарантира Уставот.
Оваа промена ни дава можност на Република Бугарија и на светот да им докажеме дека тие не се дискриминирани бидејќи реално тоа е така. Ова е можност да ги одземеме сите аргументи, а потоа да се втурнеме бргу кон реформските процеси, кои се најважни за нашите граѓани и во наш најдобар интерес.
Со промената на Уставот, ќе стане јасно дека покрај македонскиот народ, во земјата живее и дел од бугарскиот народ, кој се разликува.
И, конечно, одговорно кажувам дека ова не го правиме под диктат на Бугарија, ниту поради уцена од нејзина страна. Ова е компромис во преговорите откако нивниот меморандум до ЕУ за непризнавање на македонскиот јазик и нација не доби поддршка од земјите членки. Компромис со кој ги заштитивме македонскиот јазик и идентитет“, се додава во писмото на Османи.
Собранието утре и официјално почнува со работа со 123. седница, на која единствена точка на дневен ред е предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија.
Седницата треба да почне во 11 часот со утврдување на дневниот ред по што треба да почне претресот за потребата од носење на уставните измени.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ посочи дека нема да гласаат за отворање на Уставот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

