Македонија
(Видео) Попов: Кога мислиме дека дното е достигнато, владината коалиција не потсетува дека можеме уште подолу
„Ако сакате да уништите една нација и да се осигурите дека државата ќе оди во погрешна насока, почнете со уништување на образованието. Оваа изрека идеално ја опишува ситуацијата во која ние младите сме затекнати во времето на владеењето на ДУИ и СДС“, рече Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„И кога мислиме дека дното е достигнато, владината коалиција нè потсетува дека можеме уште подолу и уште полошо. Падот во животниот стандард, падот во инвестициите во образованието и науката, мизерната состојба и третирањето на студентите како маргинализирана група кулминира со тоа најголемиот државен универзитет оваа година воопшто да не се најде на Шангајската листа.
УКИМ не се најде на Шангајската листа не поради недостиг на перспективни кадри или недоволна мотивација кај управата, професорите и студентите, туку бидејќи приоритетите на владината коалиција се насочени кон провизии, матни зделки и немање грижа за иднината на Македонија“, изјави Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека инвестициите од буџетот за наука изнесуваат срамни 0,3 %, владината коалиција избра платите на министрите да ги зголеми 78 % отсто. Додека власта се обидува да протурка решение со кое студентот треба да преживува со мизерни 140 денари на ден, новите објекти на ФИНКИ и ФФК се оставени да скапуваат, а средствата ги пренасочи кон задоволување на бизнис-интересите на своите партнери од ДУИ.
Од ден на ден на граѓаните во Македонија сè повеќе им станува јасно дека потфрлувањата на Владата не се изолирани инциденти, туку целокупен крах и пропаст на системот, бавно движење кон состојба што може да биде кобна и безизлезна. Директна одговорност за нашите сограѓани, кои гореа живи, мизерната состојба со пензиите, платите и можностите за бизнис и вработување, очигледно се втемелени во идеолошката матрица на коалицијата што ја опустоши Македонија.
Едно е јасно – брзи промени мора да има доколку сакаме пристоен животен стандард, доколку сакаме просперитетна Македонија, која ќе се грижи за секој граѓанин, а преку инвестиции во образовната инфраструктура и науката ќе се погрижи оваа држава да има младина што својата иднина ќе ја гледа во достојна и праведна држава“, додаде Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петрушевски: Љупчо Дон Николовски потрошил 976.199 денари на кафеани и ресторани како министер за земјоделие, се однесувал како Бисера Антоанета
„Денес и во наредните неколку дена ќе обелодениме како Љупчо Дон Николовски покрај тоа што исплаќал милионски субвенции на фирми блиски до СДС без основ, и раскалашено трошел народни пари на лични задоволства и нему блиски луѓе“, вели Бране Петрушевски, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
„Љупчо Дон Николовски за три ипол години колку што бил министер за земјоделство потрошил 976.199 денари во кафеани и ресторани. Раскалашеноста е заштитен знак на СДС. 976.199 денари кога ќе го поделиме на 42 месеци, доаѓаме до сума од 23.400 денари, пари кои Дон Николовски ги трошел на кафеани. Ова го презентираме вака за и самиот Дон Николовски да сфати дека месечно во кафеани трошел по една плата, со која во државава живеат цели семејства. Првата година од своето министерување Дон Николовски потрошил 294.780 денари народни пари на кафеани и ресторани, а последната предизборната 2023 година цели 377.700 денари“, посочува Петрушевски и додава:
„На масата на Дон Николовски често се наоѓале јадења како телешки мускул, чаден лосос, ракчиња и разни морски плодови, а се пиеле и скапи вина како Алшар од по 3500 денари шише. Дон Николовски се однесувал како Бисера Антоанета и без пардон трошел народни пари на кафанско седенки, додека од друга страна лицемерно зборувале дека работат за народот. Ова е таа раскалашеност и лицемерие на СДС. Утре и во наредните неколку дена целосно ќе го разоткриеме Дон Николовски и неговиот раскошен начин на живеење и патување“.
Македонија
Мажот од Кочани кој почина од западно нилска треска дал податок дека не патувал никаде
Мажот од Чешиново-Облешево кој почина од западно нилска треска во Македонија, до Инситутот за јавно здравје (ИЈЗ) дал податок дека претходно немал патувано во друга држава.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, објави дека 78-годишниот којшто почина на 16 септември чувствувал вознемиреност, губиток на свеста, температура и малаксаност.
Првите симптоми кај пациентот се појавиле на 9 септември. Следниот ден бил пренесен во Клиничката болница во Штип, каде по дијагнозата уште истиот ден бил препратен на Инфективната клиника во Скопје.
Покрај него, регистрирани се уште три случаи на западно нилската треска во земјава, од вкупно 30 тестирања.
„Првиот случај е тестиран во април и човекот е од Струмица, импортиран од Кенија. Вториот е човек од Кочани, импортиран од Тунис, во јули тестиран во ИЈЗ. Третиот случај е тестиран во август. Човекот е од Тетово и не изјавува дека имал патување“, рече Андоновска.
Објасни дека Западно нилската треска кај 80 посто од случаите не покажува симптоми, 20 отсто се со благи симптоми на грип, а кај помалку од 1 отсто може да биде зафатен централниот нервен систем.
ИЈЗ поседува тетсови за детектирање на западно нилска треска во моментов.
Македонија
Државниот секретар Петрушевски на министерска конференција „Сараевски миграциски дијалог“
Државниот секретар на Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски предводеше делегација на министерската конференција „Сараевски миграциски дијалог“ која се одржува во Јахорина, Босна и Херцеговина во организација на Министерството за сигурност на Босна и Херцеговина и со поддршка на Владата на Швајцарија.
Настанот има за цел дискусија за предизвиците во управувањето со миграциите на кој учествуваат министри и директори на полициски служби од регионот, како и претставници на меѓународни организации и експерти од областа на миграциите.
„Заедничкото дејствување и промовирање на интересите е незаменливо, не само како цел сама по себе, туку и сигнал до остатокот од Европа дека сите земји од Западен Балкан ја споделуваат решителноста на ЕУ за ова прашање. Регионалната соработка може да доведе до опипливи резултати на полето на безбедноста и правдата со слобода за луѓето кои живеат во регионот, а во исто време да ги задоволи грижите на граѓаните на ЕУ. Напорите за справување со криминалните закани за стабилизацијата и развојот на регионот, како и за самата безбедност на ЕУ, ќе бидат успешни само доколку земјите од Западен Балкан и ЕУ соработуваат во борбата против корупцијата и транснационалниот организиран криминал“, меѓу останатото истакна државниот секретар Петрушевски.
Издвојувајќи ја регионалната полициска соработка како интегрален дел од оперативната средина на Министерството за внатрешни работи, државниот секретар Петрушевски го истакна фактот дека делиме заеднички граници, јазици, а се соочуваме и со слични или исти закани и дека посредувањето и олеснувањето на спроведувањето на регионалната соработка во спроведувањето на законите треба да бидат приоритет во заедничкото дејствување.
„Од аспект на обезбедувањето континуитет во полициската соработка на регионално или меѓународно ниво, од клучна важност е и воспоставувањето заеднички стратегии за управување со сите форми на прекуграничен криминал како основа за осигурување“, рече државниот секретар Петрушевски, надоврзувајќи се дека кога во една таква регионална стратегија за борба против организиран и прекуграничен криминал ќе поставиме индикатори за следење на спроведувањето на истата, ќе имаме институционализиран систем за следење и фидбек во однос на специфичните приоритети утврдени во таквата стратегија.
Своето учество во панел сесијата, државниот секретар го заврши со констатацијата дека за полициската соработка да биде ефикасна и ефективна, таа мора пред се да биде реципрочна, взаемна, двонасочна, базирана на меѓусебна доверба, и тоа не само помеѓу земјите од Западен Балкан туку и помеѓу нас и Европската унија.