Култура
44. ИФФК „Браќа Манаки“ ќе биде отворен со македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски
Годинешното 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 23 до 29 септември во Битола, а ќе биде отворено со македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски.
На денешната конференција за новинарите, која се одржа во „Хотел ‘Парк’ и спа“, директорот на Фестивалот, Симеон (Мони) Дамевски, го соопшти добитникот на „Златна камера 300“ за животен опус, а претседателот на Друштвото на филмските работници, Игор Иванов-Изи, го претстави лауреатот на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
„Познатата македонската актерка и продуцент Лабина Митевска е добитник на наградата ‘Голема ѕвезда на македонскиот филм’ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, што традиционално секоја година ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија. Наградата на Митевска свечено ќе ѝ биде врачена на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки”.
Оваа награда, утврдена во 2013 година, е замислена како признание за посебна контрибуција кон македонскиот филм и од самиот почеток критериумот е подигнат толку високо, што навистина не е лесно да се најде вистински кандидат и достоен лауреат. Оваа година се одлучивме за ѕвезда што со години блеска на големото платно со голем број главни и споредни филмски улоги и е еден од најуспешните продуценти во историјата на македонскиот независен филм. Станува збор за исклучителна актерка со која и лично сум имал можност да соработувам. Едно од најсензибилните и најфотогенични лица во современата македонска кинематографија и сосема заслужено ќе го носи и епитетот голема ѕвезда на македонскиот филм, истакна на денешната прес-конференција претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи.

Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, глумица (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020), Северџан Бајрам, актер (2021) и Горјан Тозија, филмски продуцент (2022).
„Оскаровецот Питер Бижу, кинематограферот на „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Sидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „9 ½ недели“, „Ричард III“ и редица други антологиски филмски остварувања е годинешен добитник на наградата „Златна камера 300“ за животен опус, соопшти директорот на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, Симеон (Мони) Дамевски.

Бижу има работено со многубројни звучни режисерски имиња од светот на филмот, како Алан Паркер, со кого се закитија со „Оскар“ во 1988 за драмата „Мисисипи гори“ со актерскиот тандем Џин Хекман и Вилјам Дефо, а со Џим Шеридан, Питер Вир и Луј Мал ги снимија антологиските филмови „Во името на таткото“ со Дениел Деј Луис, „Трумановото шоу“ со Џим Кери и „Штета“ со Џереми Ајронс и Жилиет Бинош.
Тандемската соработка меѓу Бижу и Паркер почна во 1976 година со филмот „Багзи Мелоун“ кога беше лансиран талентот на подоцнежната актерска ѕвезда Џоди Фостер, а заедно работеа и на антологиското дело од 1982, „Пинк Флојд: Sидот“.
Во плодната кариера на Бижу специфична е соработката и со прославената актерско-сценаристичко-режисерка група „Монти Пајтон“, со чиј култен режисер Тери Гилијам во 1979. Бижу го сними „Животот на Брајан“, бурлескна комедија/пародија за животот на Исус од Назарет, а во 1981 – „Временски бандити“.
По Венеција, „Домаќинство за почетници“ на отворањето на Манаки.
По светската премиера на филмскиот фестивал во Венеција, филмот „Домаќинство за почетници“, по сценарио и во режија на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“, ќе го отвори 44. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Директор на фотографија e Наум Доксевски, добитник на наградата „Мала камера 300“ на нашиот фестивал во 2018 за краткиот филм „Види ја ти неа“, во режија на Горан Столевски. Ова е втор долгометражен филм на Доксевски по неговото деби со наградуваниот филм „Сестри“.
„Домаќинство за почетници“ се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она што самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на својата девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени, кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сè за да останат заедно.
Главните улоги ги толкуваат: Анамарија Маринка (позната по филмот „4 месеци, 3 недели 2 дена“ на Кристијан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Северна Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Северна Македонија и Розафа Челај од Косово.
Продуцент на филмот е Марија Димитрова, а остатокот од авторската екипа ја сочинуваат: Ана Жежничек – сценограф, Роза Трајческа-Ристовска – костимограф, Александара Чевреска – арт-директор, Горан Игњатовски и Леонора Мехмети Хоџа – маскери, Ален Синкауз и Ненад Синкауз – композитори, Зоран Максимовиќ – снимател на звук и Ема Бортињон – дизајнер на звук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Патувања“ – изложба на колажи изработени на работилниците за одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Во објектот Мала станица, на 12 декември, во 12:30 часот, ќе биде отворена изложба на колажи изработени низ работилниците организирани по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Оваа година се работеше на тема – патување. Изложбата ќе биде поставена во наредните десетина дена.
„„Патувања“
Креативен инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Децата размислуваат и сонуваат за патување низ времето како нешто што нема да биде строго поврзано со законите на физиката, туку како нешто магично, како премин од еден во друг портал. Низ нивните креации тие раскажуваат визуелно-емоционални приказни, често во вид на времеплов, низ кои ги истражуваат сите аспекти од времето – минато, сегашно и идно. На овој начин, нивната уметност, не само што нуди приказна за нивното лично доживување на светот, туку и ги поврзува сите луѓе во колективна свест, во едно заедничко универзално искуство. Тие креираат визии за иднината, истражувајќи не само технолошки можности, туку и социјални и морални дилеми. Ја користат својата уметност за да ги предвидат можните резултати на одредени општествени или еколошки трендови.
Учениците работеа во колаж-техника, со интервенција на боја, и на апстрактен или конкретен начин ни го пренесуваат длабокото разбирање на последиците што може да произлезат од одлуките што ги носиме денес.
Проектот „Патувања“ е инклузивен проект во кој заеднички твореа учениците од гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“ – паралелка, меѓународна матура, ДСУРЦ „Партенија Зографски“ – училиште за деца со оштетен слух и говор. Ментори на учениците беа студентите од Факултетот за ликовни уметности – Скопје, водени од доц. м-р Велимир Жерновски и студенти од Универзитетот Фонтис од Холандија.
Преку уметноста, тие учеа за сите оние безвременски вредности како што се љубовта, прифаќањето, смислата на постоењето, нешта што не се зависни од времето, а сепак се толку универзални. Можеби тоа се и најважните лекции што секој од нас ќе треба да ги има на своето патување наречено живот“, пишува во најавата за изложбата од Националната галерија.
Едукатор на проектот е Маја Димитрова.
Култура
Со „Оче наш“ и доделувањето награди завршува годинешниот „Синедејс“
Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција се затемнува платното на овогодинешниот Cinedays. По седум интензивни филмски денови публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 филмови, но за наградите на фестивалот се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
„Имавме прекрасен фестивал и буквално „Се гледаме од другата страна“ со сите предизвици кои ни следеа во подготвителниот период. Филмската магија не покори и нас како организатори и гостите кои беа бројни и на ова издание. Сега сме во очекување на имињата на добитниците на наградите кои вечер ќе ги соопштат жири комициите во двете конкуренции“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на фестивалот.
По завршувањето на церемонијата на доделување на награди вечерва на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во кој македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од Dream factory.
„Филмот се бави со едно многу специфично место, место во кое во име на верата и духовноста, насилството се користи како оправдување за помош. Прва работа која ме наведе да размислувам за идеја на овој филм беше снимка од претепување во манастир во Црна Река. Таа снимка се појави во 2009 година, а контрадикторноста на сцената на сурово тепање на човек, со удирање на глава од икона на ѕид сосема ме збуни и вознемири. Од таму тргнав. Се разбира не би сакал да се генерализира на сите заедници кои пружаат духовна поддршка“ – вели режисерот Станковиќ.
Македонската страна на продукцијата во самиот филм ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски – Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и брилијантниот Тони Михајловски:
„Тони е блескав актер со исклучително богата кариера и многу ми беше инспиративно да работам со него“ – дополнува режисерот Станковиќ.
Покрај Михајловски, во филмот играат: Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ …
Филмот ја имаше својата премиера на 50 јубилејно издание на престижниот филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот Cinedays. По проекцијата, следи диџеј сет на Кунгфулиш, односно Ненад Стефановски од музичкиот состав Фулишгрин.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.

