Македонија
СДСМ: Седницата за уставните измени ќе покаже кој е „за“, а кој против ЕУ
„Повеќе нема простор за Христијан Мицкоски и неговите манипулации пред јавноста. Денешната седница во Собранието на која ќе се расправа за уставните измени ќе покаже дали Мицкоски и ДПМНЕ се за или дефинитивно се против ЕУ“, велат од СДСМ.
„Со уставните измени се зајакнува мултиетничкиот карактер и македонскиот идентитет, затоа што македонскиот јазик е признаен во ЕУ и со преговарачката рамка и поради дефиницијата за македонската посебност.
Измените на Уставот се потребни за да продолжи нашиот евроинтегративен процес и отворањето на поглавјата од процесот на преговори“, соопштува СДСМ.
„Но, Мицкоски со голема леснотија кажува дека е подготвен да им ја блокира европската иднина на граѓаните земјата, исто како Груевски.
Седницата е последна можност, да покаже Мицкоски дали избрал интеграција во ЕУ или е за изолација, седнат во скутот на Левица.
Доколку ја одбере Левица и анти-европскиот блок Мицкоски отворено застанува против Македонија, против врвните национални и државни интереси на македонската држава-членство во ЕУ“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.
Македонија
Дел од Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов – крак 48. (општина Аеродром)

