Македонија
Зајкова: Кој е планот на опозицијата или планираат повторно да нè остават во чекалницата уште 17 години?
Исправени сме пред одговорноста да донесеме одлука што суштински ја определува иднината на државата и на граѓаните. На сите ни е совршено јасно дека само преку уставните измени можеме да ја осигуриме европска иднина затоа што тие значат почеток на преговорите по поглавја. Оваа тема, особено во последната година, ја разорува државата однатре по сите основи. Тема што нè троши, нè разјадува и создава ирационални, но многу опасни поделби. Последиците ги гледаме секој ден и ќе стануваат и повидливи и потешки – и на економски, и на социјален и на меѓуетнички план. Затоа што секогаш кога треба да се донесе одговорна и тешка одлука, наместо решение, опозицијата создава нов конфликт, се креираат непријатели и се тргнува во лов на вештерки, вели пратеничката и претседателка на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова.
„Секој ден вознемиреноста на граѓаните е сè поголема, а причината за тоа сме сите ние 120 пратеници. Затоа што дозволивме, наместо решение на проблемот, во нас да гледаат – проблем. Со нашиот вокабулар, со поделбата на предавници и патриоти, со одвлекување на вниманието од реалните проблеми“, додава таа.
Пратеничката и претседателка на ЛДП истакна дека претставниците на опозицијата ги манипулираат граѓаните, а се претставуваат како нивни бранители и спасители од Албанците или од Македонците, од Грците, од Бугарите, од Србите, од Турците, од Американците и којзнае до каде ќе оди списокот, кој постојано, за интерни, теснополитички интереси се продолжува, во зависност од моментните потреби.
„И пријателите и непријателите ги создаваме сами. Така е и во приватниот живот, така е и со државата. Да живееш во постојан страв дека сите ти се непријатели и дека еден ден ќе ти одземат сè и ќе те остават без покрив над главата е само израз на сопствената несигурност, немање самодоверба и неспособност да создаваш пријатели. Така е и со идентитетот. Тоа е нешто што генерации зад тебе го создавале, а ти и да сакаш не можеш да го избришеш, уште помалку тоа може да го направи некој друг во твое име“, рече Зајкова.
Зајкова прашува кој е ставот на опозицијата? Што тие ќе направат по изборите ако до ноември не се создадат услови за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ? Повторно ли ќе нè внесат во чекалницата, во која поминавме 17 години. Дали тоа нема да нè чини изгубени генерации?
„Кандидатскиот статус го добивме во 2005 година. И тогаш, со донесување тешки, но рационални одлуки, повторно од страна на партиите што седат во ова мнозинство. Благодарение на тие одлуки се случи безвизниот режим со земјите членки на ЕУ. Сега лесно се патува во ЕУ, се отворија можности за студирање на нашите млади луѓе на престижни универзитети надвор од земјата, можности за вработување и поддршка на своите дома, овде во државата, за стекнување нови искуства и вештини. Се отворија европските фондови, од кои се финансираа и сè уште се финансираат огромен број проекти во сите општини и во кои се ангажирани многу млади и паметни луѓе, кои на тој начин си ја обезбедуваат егзистенцијата овде во државата. Нам ни останува да ги носиме одлуките, а не да бегаме од нив. Да бидеме дел од процесот што ќе ја движи нашата држава напред и ќе ѝ овозможи развој и прогрес во европското семејство бидејќи тоа е нашата иднина“, заклучува претседателката Зајкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.

