Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски да си даде оставка, тој и ЕУ се далеку како зима и лето
„Ковачевски да си даде оставка, тој и ЕУ се далеку како зима и лето. Во ЕУ не се оди со криминална влада, каде тендерите и личните бизнис интереси на поедини моќници се пред доброто на граѓаните и државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека Ковачевски зборува за ЕУ, неговата сопруга и кум го шират бизнисот со фотоволтаици, купуваат земјиште за багатела, а неговиот коалиционен партнер Груби добива луксузни возила на користење од пријатели како да се работи за велосипед.
Ковачевски е далеку од ЕУ и заради заробеното обвинителство и судство, кои одлучуваат по партиски наредби. Во ЕУ полицијата не чека со месеци да расветли убиство, ниту пак се краде оружје од полициски депоа“, соопштува ВМРО-ДПМНЕ.
„Ковачевски е далеку од ЕУ и поради упропастените образование, здравство и култура.
Далеку е Ковачевски од ЕУ, зошто додека тој работи за тесна клика луѓе околу него, во ЕУ работат за народот.
Ковачевски нема капацитет да ја води Македонија кон ЕУ“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотресот со епицентар во скопското подрачје
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес, 04.11.2024 година, во 20 часот и 35 минути, регистрираше земјотрес чиј епицентар припаѓа на скопско епицентрално подрачје, со Рихтерова локална магнитуда ML2.0.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од населението на градот Скопје и околината, со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Вечерва почувствуван земјотрес во Македонија
Вечерва почувствуван земјотрес во Македонија.
Информацијата е објавена и на официјалната страна на ЕМСЦ.
Земјотресот е почувствуван и кај дел од жителите на Скопје.
Според податоците бил регистриран на границата меѓу Македонија, Србија и Косово во 19 часот и 35 минути.
Се уште не се објавени податоци за неговата јачина.
Македонија
Состојбата во земјата е стабилна и нема индиции за загрозеност на границите, констатира Советот за безбедност
Денес во Кабинетот на Претседателката се одржа конститутивната седница на Советот за безбедност.
На седницата со која претседаваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова, присуствуваа членовите на Советот за безбедност по функција: Африм Гаши, претседател на Собранието, Христијан Мицкоски, претседател на Владата, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов.
На покана на претседателката Сиљановска Давкова, во работата на Советот за безбедност учествуваа и реферираа: началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
Советот за безбедност на седницата констатираше дека состојбата во земјата е стабилна и нема индиции за загрозеност на границите, интегритетот и суверенитетот на државата.
Присутните констатираа дека надлежните институции редовно ги следат состојбите во земјата и опкружувањето и дека системот за национална безбедност е функционален и обезбедува рано предупредување за евентуални закани и ризици.
Учеството на Армијата во НАТО-мисиите, ЕУ-мисиите и во мисии во ОН е успешно и продолжува, а бројот на учесниците во мисиите се одредува во зависност од потребите и одлуките на надлежните институции.
Советот за безбедност ќе се состанува на секои три месеци, а по потреба и почесто.