Македонија
СДСМ: ДПМНЕ е антиевропска партија, која не сака да бидеме членка на ЕУ
„Јасно е дека ДПМНЕ е антиевропска партија, која во суштина и не се разликува од политичката партија Левица. Истовремено, Христијан Мицкоски е против ЕУ, како што беше и против членството во НАТО. Ист како Груевски, кој 11 години го блокира членството во НАТО и земјата ја држеше во изолација и надвор од европските интеграции“, велат од СДСМ.
„За лична кариера Мицкоски сака да држи како заложник цела држава, цел народ. Скапа е цената на таквите блокади на Мицкоски и ДПМНЕ, тие значат уште 11 години загубени години за целиот наш народ, за нашата држава, но нашите граѓани немаат нови децении за губење.
80 % од македонските граѓани се за членство во ЕУ, дури една четвртина од гласачите на ДПМНЕ се за членство во ЕУ“, соопшти СДСМ.
„Членството во ЕУ значи економски просперитет, подобар животен стандард, поголеми плати, социјална правда.
Државите кои се зачлениле, во првите 5 години имаат од 70 до 100% зголемување на платите на нивните работници, имаат економски раст, зголемување на БДП.
Држава членка на ЕУ добива огромна финансиска помош од различни фондови, 11 пати поголема по глава на жител од земја кандидат.
СДСМ, заедно со граѓаните, заедно со проевропскиот блок, нема да дозволи ДПМНЕ да ја загрози европската иднина на државата“, се додава во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Собраниска делегација на студиска посета во Бундестагот
Делегација на Собранието и претставници на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, присуствува на дводневна студиска посета во Бундестагот во Берлин, Германија.
Во состав на делегација се претставници на собраниска служба предводени од генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар Бобан Стојаноски.
Предмет на студиската посета се институциите кои се дел од надзорот над безбедносно-разузнавачкиот сектор во Германија.
Делегацијата имаше можност да слушне како функционира парламентарниот надзор во Германија, земја која обезбедува посебно релевантни примери, со оглед на нивната воспоставена и повеќеслојна рамка за надзор на разузнавањето, вклучувајќи ги парламентарните механизми и механизмите за заштита на податоците.
Во текот на посетата беа остварени работни средби со претставници од надзорните тела на кои беа споделени најдобрите искуства и практики од германските колеги.
Работната посета има за цел да го поддржи професионалниот развој на Службата на Собранието, преку компаративни сознанија и конкретни алатки за зајакнување на надзорот на разузнавачките служби во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.
Македонија
(Видео) „Ги чекаме децата да се појават и да кажат ‘Каде си ма мајче?’“ – мајките на загинатите во „Пулс“ дојдоа на судењето, лути се на бранителите на обвинетите
Со гнев, тага и болка почна судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, каде животите ги загубија 63 млади луѓе.
Мајките кои ги изгубија своите деца зборуваа пред судот за болката што не минува, за неправдата што ја чувствуваат и за срамот што, како што велат, го носат адвокатите кои ги бранат обвинетите.
„Со тоа што ги бранат обвинетите, повторно ги убија нашите деца“
Светлана Стојанова, мајка на Андреј Стојанов, рече: „Голем срам за адвокатите кои ги бранат обвинетите. Немаат чувства во оваа трагедија каде ни ги убија децата. Дали имаат они деца, и дали така би постапиле на наше место? Не посакувам на никој да е на наше место, да ја почувствува оваа болка со непроспиени ноќи и денови. Ги чекаме нашите деца секој момент да се појават и да кажат ‘Каде си ма мајче’? Со тоа што ги бранат обвинетите, повторно ги убија нашите деца, а со тоа не убиваат и нас. Во име на парата и корупцијата, згаснаа млади животи.“
Таа додава дека сите деца кои загинале биле воспитани, талентирани, културни, деца кои никогаш не би направиле зло.
„Отидоа на концерт да се забавуваат, не отидоа да ги убијат. Сите сме од скромни семејства со минимални плати, и успеавме да ги школуваме, сите талентирани. Мојот син беше и крводарител, програмер, задоволен од животот кога застана на свои нозе. Среќен што успеа. Нека го слушнат крикот на мајките и нека се замислат што прават и како ќе ги бранат обвинетите.“
„Мојот син дојде од Скопје за концертот, а јас бев во Турција, не го видов за последен пат“
Својата болка ја сподели и мајката на Андреј Лазаров, млад фудбалер кој дошол од Скопје само за да присуствува на концертот.
„Мојот син дојде од Скопје само да присуствува на концертот, беше фудбалер, Андреј Лазаров. Си дојде во 9.30 вечерта, јас бев во Турција на екскурзија и не можев ни да го видам, толку беше. Дошол, а јас не го видов“, рече таа.
Мајката зборуваше за сите семејства кои ја носат истата болка.
„Сите семејства на децата што загинаа, како нашите, сите се со истата болка. Преубави деца, талентирани деца. Нека се чукнат тие во глава што беа седнати на тие столчиња и ги бранеа обвинетите, нека се замислат дали имаат деца. Со кои пари ќе се вратат дома? Унаказени сме за цел живот“, рече таа.
Додека судењето влегува во првата фаза од постапката, семејствата велат дека за нив секој ден е нов суд, нова битка и нова надеж дека правдата ќе ја најде вистинската тежина. За нив, ова не е само процес, туку барање за одговорност и човечка реакција во трагедијата која ги скрши нивните животи.
Македонија
Општина Чаир: Започнува опремувањето на општинските училишта со нов инвентар
Општина Чаир денес презеде значаен чекор кон подобрувањето на условите во основните училишта на општината. Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, оствари работна посета во Основното училиште „Лирија“, каде што беше пречекан од директорката на училиштето, Теута Идризи. Посетата се реализираше по повод доставувањето на новиот инвентар, кој веќе е распределен во училиштето, информираат од оваа општина.
„ОУ „Лирија“ е опремено со 200 модерни клупи и 400 ергономски столчиња, кои се прилагодуваат според возраста и висината на учениците, создавајќи покомфорни услови и пофункционална средина за одвивање на наставниот процес. Истата донација е реализирана и во Основното училиште „Хасан Приштина“, при што во двете училишта ќе се уредат вкупно по шест наставни кабинети со нов инвентар“.
Целта на Општина Чаир како што нагласуваат е во рок од една година сите основни училишта да бидат опремени со нови клупи и столчиња од овој стандард, со што значително ќе се унапредат условите во училишната средина и стандардите на наставата.

