Македонија
Левица: СДС не може да ги убеди ниту своите пратеници да гласаат за бугаризација
Неуспешниот обид за промена на Уставот уште еднаш потврди дека криминалната власт на СДС и ДУИ е целосно делегитимирана, која единствениот легитимитет за своето владеење го влечи од лажните ветувања за европската агенда. ️Иако октроираниот премиер Ковачевски упорно манипулира дека сите пратеници од СДС ја поддржуваат промената на Уставот, останува фактот дека пратеникот од редовите на СДС, Диме Велковски, не се појави на седницата за гласање за уставни измени, велат од Левица.
„Неспособноста на оваа гарнитура политичари од СДС најдобро се отсликува во нивните излитени реакции дека пропаднатото гласање за промена на Уставот е антиевропски потег. Со ваквите очајни изјави раководството на СДС директно ги прогласи за антиевропски 80 % од граѓаните, кои се против промената на Уставот!
Дополнително, уште еднаш се потврди дека барањето за промена на Уставот има минорна поддршка кај македонскиот политички блок, со оглед на фактот дека само 32 пратеници од пратениците-Македонци гласаа да се стави точката на дневен ред. Бидејќи се работи за прашање кое најдиректно го задира македонскиот идентитет (поради континуираната негаторска политика на официјална Бугарија) било кое решение кое нема поддршка од мнозинството Македонци не може да биде легитимно, ниту пак да ги може да ги штити македонските национални интереси“, соопшти Левица.
„Тоа што пратеници на СДС не го поддржуваат антимакедонското барање за промена на Уставот, само ја најавува фрагментираноста на оваа партија, која конечното фијаско и пасокизација ќе го доживее на наредните парламентарни избори, кога и да се одржат.
Бидејќи е јасно дека криминалните СДС и ДУИ немаат никаков капацитет да ја спроведат европската агенда, со чие ветување дојдоа на власт во услови кога власта е целосно делегитимирана, единствено решение е предвремени парламентарни избори, каде народот конечно ќе се изјасни чии политики ги поддржуваат“, се додава во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.

