Македонија
(Видео) Скопје денес: зјаат дупки кај подната фонтана од 2,5 милиона евра, галијата стои јагленосана, Вардар ја однесе надежта

Подната фонтана на скопскиот плоштад со години е сува, а ова лето саксии ги штитат граѓаните и туристите за да не пропаднат во дупките што зјаат на неколку места.
На само неколку чекори од плоштадот Македонија, галијата, која трипати беше опожарена, јагленосана стои во водите на Вардар, а покрај неа врбата крстена „Надеж“ исушена, кутната во водата и со месеци служи како брана за ѓубрето во Вардар.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, нема оправдување за очајната состојба на најстрогиот центар на градот. Од нејзиниот кабинет не одговорија на прашањата од „Макфакс“ за плановите на оваа владејачка гарнитура во Градот, ниту за подната фонтана ниту за галиите ниту, пак, за скршената од невреме врба.
Подната фонтана, која е дел од проектот „Скопје 2014“, беше пуштена во употреба во 2015 година и за нејзината изградба беа потрошени 2,5 милиона евра. Дефекти често се случуваа, па имаше периоди кога не работеше, а по посетата на папата Франциско во 2019 година, од безбедносни причини, како што тогаш објаснија градските власти, од фонтаната беа изведени некои елементи, па таа воопшто не се врати во употреба. Во меѓувреме, неколкупати камиони пропаднаа во фонтаната, па за да се спречи возењето на плочникот каде што е таа, сега просторот е ограден со жардиниери со исушена трева и бетонски топки.
Врбата со име „Надеж“ настрада во невреме пред една година. Се скрши, падна во водата на Вардар и така остана. Оваа врба, заедно со другите две, „Вера“ и „Љубов“, се дел од проектот „Три врби во Вардар“ на авторката Искра Димитрова и чинеа 278 илјади евра.
Во близина на врбите амбиентот на запуштен град го надополнува изгорената галија, која поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, почна да ја урива, но набргу сопреа сите активности, галијата неколкупати беше запалена. За градоначалничка беше избрана Арсовска, која не ги соопшти плановите за оваа и за другите две галии Вардар.
Емре Елез
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.
Македонија
Оставката на Папазов помина на владина седница

Владата ја прифати оставката на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Советот на општината ќе треба да назначи в.д. градоначалник на Кочани, откога одлуката ќе биде објавена во „Службен весник“.
Инаку, Папазов ја поднесе оставката по пожарот во дискотеката „Пулс“ каде животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени и префрлени низ клиниките во земјава и странство.
Папазов по оставката беше приведен и одреден му беше притвор. Во куќен притвор се и неговите двајца претходници од градоначалничката фотелја.
Според истрагата, тројцата осомничени градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16 март кога се запали дискотеката, не ги извршиле своите правни обврски во согласност со Законот за заштитата и спасувањето, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење угостителска дејност. За целиот овој период, како што беше истакнато, Општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект.