Економија
Николовски: Со поддршка на Европската Унија обезбедуваме нова опрема за ГЕН Банката при Институтот за тутун
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска го посети Научниот Институт за тутун во Прилеп, којшто е една од најстарите научни институции на Балканот и следната година го слави својот 100-ти роденден. Институтот за тутун е важна научна институција во производството на тутун и сите овие години успешно ја извршува своја научна дејност.
Преку Програмата за рурален развој, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), обезбеди финансиска поддршка за Институтот во вредност од 5.740.000 денари, за поставување на систем за наводнување (капка по капка) на опитните полиња. Системот наводнува 14 хектари површина на која се сади сортата “Прилеп 66”, која е сопствена сорта на Институтот.
Министерот Николовски заедно со директорката на Научниот институт, проф. Д-р Валентина Пеливаноска ги посети опитните полиња каде веќе е поставен новиот систем за наводнување (капка по капка), извести МЗШВ.
Министерот Николовски исто така ја посети и Ген банката која е во состав на Институтот за тутун, во која се чува семенски материјал од 56 сорти и се одржуваат сите автохтони сорти на тутун.
Преку ИПА програмата со средства од ЕУ Институтот доби нова опрема која ќе помогне за научни цели и поддржување на автохтоните раси. Ген банката, со поддршка на МЗШВ, Управа за семе и саден материјал, преку ИПА проект е доопремена со четири нови, современи апарати и тоа: ртилиште за семиња, aвтоматски електронски бројач на семки, eлектрична сушница и дехумификатор.
Во текот на денешната посета на Прилеп, министерот Николовски го посети и Музејот за тутун, кој е еден од најголемите тутунски музеи во светот. Оваа година одбележува 100 години од организираното производство на тутун во Прилеп, и 400 години откако тутунот дошол во Прилеп.Музејот содржи над 4.000 експонати. Некои од нив им припаѓале на познати иматели од историјата и кулоарската историја, некои им припаѓале на познати личности од благородништвото или биле користени во посебни историски прилики.
Компанијата БИМФООД од Прилеп е уште еден позитивен пример на успешена ИПАРД приказна, која максимално ја има искористено секоја можност од ИПАРД програмата, со дури три апликации. Преку средства од ИПАРД програмата, оваа компанија има реализирано поддршка во висина од 19,9 милиони денари за набавка на опрема со која го има проширено и модернизирано своето производство, воведувајќи модерни технологии. Како компанија БИМФООД е еден од лидерите на Балканот во собирањето, преработката, пакувањето и дистрибуцијата на диви печурки, а во својата дејност вршат откуп и преработка на овошје и зеленчик.
Во тек е последниот јавен повик за мерката 3 од ИПАРД 2 програмата во вредност од 8,8 милиони евра наменет за инвестиции во основни средства, опрема, за преработка на земјоделски и рибни производи. Крајниот рок за поднесување на барања за овој повик е до 18 септември 2023 година.
Наскоро преку распишувањето на првите јавни повици започнува и реализиарањето на новата ИПАРД 3. Како земја лидер први во регионот со буџет од над 90 милиони евра европска поддршка ја започнуваме новата ИПАРД програма, за нови инвестици и модернизација на македонското земјоделство, се додава во соопштението на МЗШВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

