Култура
Костадиновска-Стојчевска во Крива Паланка: Голема жар, љубов и посветеност се вложени во културните настани во овој град

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска присуствуваше на отворањето на 18. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Јоаким Осоговски“, кој синоќа почна во Крива Паланка. Фестивалот го отвори КУД „8 Октомври“ од Крива Паланка, кое презентира сегменти од богатата етнокореолошка традиција на овој регион.
Костадиновска-Стојчевска истакна дека во сферата на културата во Крива Паланка се работи со жар, љубов и посветеност и на институционално ниво и во граѓанскиот сектор, а тоа може да биде успешен пример и за другите градови.
„Свесни сме дека сите активности што се од интерес како за домашната така и за меѓународната јавност од овој крај, како: ликовната колонија „Св. Јоаким Осоговски“, Меѓународниот фолклорен фестивал, Меѓународниот театарски фестивал, Фестивалот на детска песна, како и музичкиот фестивал „Џој-фест“, се должат во голема мера ентузијазам на организаторите и на искрената љубов и посветеност на учесниците. Токму затоа овие активности како и досега така и во иднина ќе ја имаат поддршката од Министерството за култура“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа ја нагласи важноста на традиционалното одржување на Меѓународниот фолклорен фестивал „Јоаким Осоговски“, кој секоја година ја презентира фолклорната традиција на нашата земја, но и на земјите од регионот.
„Овој меѓународен фолклорен фестивал, кој го носи името на светецот заштитник на градот, има континуитет на одржување и е препознатлив белег на културната мапа на градот и на државава. На Фестивалот секоја година се презентираат значајни кореографии и сценски адаптации од богатата фолклорна ризница на нашето поднебје, но и од пошироко. Верувам дека деновиве во Крива Паланка ќе имаме празнична атмосфера, во која стотици игроорци, преку ора, игра и песни, но и преку дружење и пријателства, ќе ја претстават сопствената традиција и ќе ја шират мисијата на културата, која е голем обединувачки фактор“, додаде Костадиновска-Стојчевска.
Организатор на Фестивалот е Центарот за култура од Крива Паланка. Фестивалот се реализира со поддршка од Општина Крива Паланка и од Министерството за култура. Настанот е дел од програмата на Кривопаланечко културно лето 2023.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на Ансамблот „Орце Николов“ на Скопско лето

Вечерва, 07.07.2025г. (понеделник) со почеток во 20:30 часот на Колонадата пред платото на Национална опера и балет ќе се одржи концерт на Ансамблот на народни песни и игри „Орце Николов“.
Концертот е насловен „Оро Орце“ по повод 80 години постоење на Ансамблот.
Влезот е слободен.
Ансамблот за народни песни и ора „Орце Николов“, е културно-уметничко друштво основано во Скопје, 1945 година. Формирано е од Синдикатот на металските работници на аеродромот Скопје, со задача да ги афирмира македонските народни ора, песни, носии и обичаи.
Култура
Македонската анимација стигна до Уругвај: „Јон Вардар против галаксијата“ на фестивал во Монтевидео

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ е официјално селектиран на 11. издание на Светскиот филмски фестивал во Монтевидео, кој ќе се одржи од 7 до 9 јули во главниот град на Уругвај. По Бразил, Аргентина, Еквадор и Венецуела, ова е петта држава од Латинска Америка каде што филмот ќе биде прикажан.
Во режија на Гоце Цветановски, „Јон Вардар против Галаксијата“ е научно-фантастична комедија која веќе ја освои публиката на бројни светски фестивали, комбинирајќи остар хумор и различни стилови на анимација за да ја раскаже неверојатната авантура на еден антихерој низ вселената.
Филмот е во сценарио и режија на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.
Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.