Култура
Доделување на наградите на 14. „Македокс“

Филмската програма на 14. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ се приближува кон крајот и на последната фестивалска вечер, 24 август, и ќе бидат прикажани четири документарни остварувања на локации во Куршумли ан, Сули ан и на платото пред Музејот на Македонија.
На програмата во Куршумли ан, во 21 часот, се краткиот документарец „Еве, и јас танцувам“ (Чешка, Германија/2023/21’) на Мохамад Вализадеган, чија приказна зборува за танцот како начин на себеизразување, но и за забраните за танцување во Исламската Република Иран, а долгометражниот документарен филм „Вика!“ (Полска, Германија, Финска/2023/72’) на Агњешка Цифка ја раскажува животната приказна на 84-годишната харизматична и колоритна диџејка Вика, која е вистинска ѕвезда во варшавските ноќни клубови.
Во Сули ан, во 20.30 часот, ќе биде прикажан последниот филм од програмата „Земја во фокус – Данска“. Станува збор за долгометражниот документарен филм „Музика за црни гулаби“ (Данска/2022/92’) на Андреас Кофуд и Јурген Лет, кои ги отвораат прашањата дали е можно емоциите на музиката да се пренесат со зборови.
На платото пред Музејот на Македонија, во 20.30 часот, репризно ќе биде прикажан документарниот филм „Спроти ветрот“ (Индија, Франција/2023/97’) на индиската режисерка Сарвник Каур, каде што монтажери на филмот се Атанас Георгиев и Благоја Неделковски, а композитор на музиката е Игор Василев-Новоградска.
Пред почетокот на филмската програма во Куршумли ан ќе се одржи церемонијата на објава и доделување на наградите на 14. „Македокс“. Фестивалот секоја година ги доделува наградите „Кромид“ за најдобар филм од главната програма, „Млад кромид“ за филм од програмата „Нови автори“, „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец, „Кокарче“ за најдобриот студентски филм и награда за најдобри етички идеи.
На последната сесија од годинешните „Разговори под смоквата“, кои ќе се одржат од 18 часот во Куршумли ан, ќе учествуваат членови на комисиите што одлучуваа за фестивалските награди.
Годинешното издание на „Македокс“, со мотото #пресечи, се одржува од 17 до 24 август, со тематски фокус на монтажата на документарниот филм. На фестивалот се прикажаа 75 филмски остварувања и присуствуваа над 100 гости и филмски автори од странство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Остануваме доследни за максимална грижа и вложување во заштитата на македонското културно наследство

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и државниот секретар Марија С. Ѓоргова денеска го посетија манастирскиот комплекс „Трескавец“ во Прилеп каде што треба да започне реализацијата на проектот за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Во изминатиот период овде беа реконструирани и опожарените конаци, а со тоа по повеќе од десет години се овозможи враќање на монашкото братство во овој комплекс.
– Во македонскиот духовен центар, манастирскиот комплекс „Трескавец“, наскоро треба да започне реализацијата на капиталниот проект на Владата и на Министерството за култура и туризам за конзервација и реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Основниот проект за санација и конструктивна консолидација на црквата, отстранување на влагата и реконструкција на подот е во завршна фаза. Очекувам во периодот што следува да се обезбедат сите дозволи за да можеме да почнеме со реализација на овој капитален проект, за кој за почеток обезбедивме 4 милиони денари. Во текот на 2026, пак, ќе се работи и на проектот за конзервација на живописот во црквата – рече Љутков.
Тој додаде дека овој комплексен проект ќе биде реализиран од мешани тимови од стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Република Грција, Заводот и музеј – Битола, Националниот конзерваторски центар, ИЗИС и од Градежен факултет – Скопје.
– Сакам да им се заблагодарам на сите учесници во проектот, како и на докажаните експерти во областа на заштитата од Република Грција кои денеска и лично допатуваа овде, во Трескавец, за да се запознаат со состојбата и да направат увид во досегашната изведба на проектот – рече Љутков.
Претходно, Љутков ги посети и црквата „Св. Благовештение“ и археолошкиот локалитет „Стибера“.
– Работите на капиталниот проект за конзервација и реставрација на црквата „Св. Благовештение“ треба да завршат до крајот на годинава. Треба да се изврши уште конструктивно зацврстување на носечката конструкција на иконостасот и конзервација и реставрација на резбата, за што се обезбедени 2,1 милиони денари, додека за соодветна туристичка презентација и промоција на археолошкиот локалитет „Стибера“, во тек се активности за тековно одржување. Археолошките истражувања на ова наше културно добро од највисок ранг ќе продолжат кон крајот на август.
Во врска со Центарот за култура „Марко Цепенков“, министерот информираше дека во најкраток рок ќе биде постапено по забелешките од Државниот завод за заштита и спасување и објектот повторно ќе биде ставен во функција.
Култура
Концерт на Националниот џез-оркестар и Пјер Миле и Бети Жардан

На 25 април, во Филхармонија со почеток од 20часот, Националниот џез оркестар ќе одржи концерт на кој како гости ќе ги има француските уметници Пјер Миле (труба) и Бети Жардан (вокал). Диригент на концертот ќе биде маестро Џијан Емин.
Роден во средината на 1970-тите, Пјер Миле се етаблира како инспиративен инструменталист и композитор кој покрај џез музиката соработува со бројни уметници од областа на рок музиката, како и разни други жанрови, од циркуска музика до шансони. Во својата кариера има настапувано со различни музички ансамбли, почнувајќи од биг-бендот на неговиот татко Jean-François Millet, потоа AB Sextet, Les Elles, и во поново време Surnatural Orchestra, покрај пијанистот Faraj Suleiman. Тој е лидер, ко-лидер и композитор во неколку ансамбли меѓу кои триото Ana Kap, дувачкиот оркестар Chromatic Museum, квартетот Blast, и квинтетите Renza Bô и Décor-um.
Бети Жардан е француска пејачка која живее во Нормандија и во својата кариера често соработува со Пјер Миле. Има студирано џез теорија на Конзерваториумот во Каен, а изучувала и индиска музика во Јужна Индија, каде престојувала повеќе од една деценија. Дел е од биг-бендот Jazz à Montpellier, како и составите Ana Kap и Breath & Breath. Betty e карактеристична по својот уникатен вокален стил и способноста да комбинира различни музички жанрови. Критиката за неа ќе забележи дека е препознатлива по „интеракцијата меѓу џезот и индиската музика кои ѝ даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност“.
„На концертот со Националниот џез оркестар имате можност да уживате во биг-бенд аранжманите на композициите и стиховите на Пјер Миле и Betty Jardine кои истражуваат различни емотивни пејзажи и човечки врски изразени преку музика и поезија, како и широк спектар на чувства, од носталгија и ескапизам до надеж, издржливост и интроспекција. Преку поетските текстови и музичките композиции, овие двајца уметници ја истражуваат убавината на сонот, текот на времето, невиноста на детството и борбата со себичноста и стравот. Секое нивно дело рефлектира длабока врска со културните, личните и универзалните моменти, спојувајќи ја имагинацијата со искрените рефлексии, притоа славејќи ја во целост човечката природа, во сета нејзина убавина и противречности“, се вели во најавата за концертот.
Култура
МНТ со претставата „Народен пратеник“ ќе гостува во Народно позориште – Белград

Македонскиот народен театар со претставата „Народен пратеник“ ќе гостува во Народно позориште – Белград.
„Со особена радост и официјално ја примивме веста од Народно позориште во Белград, за гостувањето со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин. Претставата која е од најсвежата продукција на МНТ, го доживува својот успех и надвор од границите. Овојпат, директорот Никола Кимовски со особена чест го прифати ова гостување да се случи на 4 јуни 2025 година. Претставата со фантастичната актерска екипа ќе се одигра на сцената „Раша Плаовиќ“.“, соопштија од МНТ.
Од таму велат дека ова е едно позитивно надополнување во патувачката агенда и организираната турнеја на Македонскиот народен театар, кое дава посебна динамика, ги обединува уметничките изрази, културните разлики и емоционалните искуства на различните сцени.
„За актерите, продукцискиот тим, пред сѐ за публиката, тоа е исполнување на инспиративни, креативни предизвици. Секој нов град и секоја нова публика носи нови искуства и возбуда кои го трансформираат и го осветлуваат доживувањето на уметноста. Таа е мост меѓу различни култури и традиции, овозможувајќи размена на идеи“, се наведува во соопштението.