Култура
Одобрено е повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана, извести МСМЈЛК при УКИМ
Од новата академска 2023/2024 година ќе може повторно да функционира Лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана. Заедничките заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, за остварување на иницијативата за повторно отворање лекторат, дадоа конкретни резултати. Со официјален допис упатен до Македонското друштво „Илинден“ преку неговиот претседател, Никола Ѓурѓај, Деканатот на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, претставен од деканката, проф. д-р Есмералда Кромида, даде позитивен одговор на барањето за повторно отворање на Лекторатот.
Иицијативата за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана беше отпочната во декември минатата година, кога беше остварен работен состанок меѓу директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и претседателот на „Илинден“, Никола Ѓурѓај. Тогаш беше и доставено барање до УКИМ за отворање на Лекторатот на Факултетот за странски јазици во Тирана. По заложбите на МСМЈЛК при УКИМ и остварените дипломатски залагања, остварувањето на иницијативатата се засили во мај годинава кога во Тирана беше остварен работен состанок меѓу директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, деканката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Есмералда Кромида, продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Дрита Рира и македонскиот амбасадор во Албанија, Н.Е. Данчо Марковски. Состанокот во целост беше посветен на перспективите на македонистиката, а следеше откако МСМЈЛК при УКИМ веќе ги имаше остварено и сите чекори пред македонските институции за да се создадат услови за избор на лектор кој ќе ја изведува наставата по македонски јазик во Тирана, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на Лекторатот.

На состанокот во мај годинава, во дискусиите се согледа дека прифаќањето на оваа иницијатива е со взаемна подготвеност не само за повторно отпочнување настава по македонски јазик, туку и за заеднички натамошни заложби за афирмација на македонистиката во Тирана и за постојано развивање на соработката, што како што напоменува, може да резултира со брз развој на Лекторатот и постепено да се создаваат услови на Факултетот за странски јазици во Тирана да има и посебен студиум по македонистика.
По одржаниот работен состанок, МСМЈЛК при УКИМ ја подготви севкупната документација која му беше потребна на Факултетот за странски јазици во Тирана, вклучително и настанавните програми по македонски јазик, за да може иницијативата за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик да се оствари. Набргу потоа, следи ова, официјално известување од Факултетот во кое е нагласено дека од институционален – универзитетски и факултетски аспект, по остварената комуникација со МСМЈЛК при УКИМ и по добивањето на сите материјали подготвени од МСМЈЛК при УКИМ, остварени се сите потребни чекори. Во официјалниот допис со одговорот на барањето потпишан од деканката Есмералда Кромида се наведува дека Факултетот во својата дејност позитивно го оценува вклучувањето на јазиците од регионот, вклучувајќи го и македонскиот јазик.
Со ова се остварува една од клучните, стратегиски цели на МСМЈЛК при УКИМ за оваа, 2023 година. Претходно, МСМЈЛК при УКИМ, на Факултетот за странски јазици во Тирана и му подари повеќе изданија – учебници и зборници со предавања и научни трудови за македонскиот јазик, литература и култура, со кои веќе почна да се оформува македонистички дел во фондот на факултетската библиотека, достапен за сите студенти и професори на Факултетот. Со целосна посветеност, веќе се создаваат сите услови за непречено одвивање настава и забрзан развој на Лекторатот, кој ќе може да започне по спроведување на постапка за избор на лектор.
Интересот за изучување на македонскиот јазик во Тирана е голем, како кај македонското малцинство, така и воопшто во албанското општество, меѓу новите генерации филолози. Лекторатот по македонски јазик ќе биде клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина.
Во својата објава за добиениот официјален допис, Македонското друштво „Илинден“ од Тирана ги истакнува залагањата и поддршката од УКИМ и МСМЈЛК при УКИМ за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик, во комуникација и соработка со колегите од тиранскиот Факултет за странски јазици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.
Култура
Народниот театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја одигра претставата „Црнила“ на сцената на МНТ
На 21 февруари, во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе гостува претставата „Црнила“, во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, во режија на Дејан Пројковски.
„Црнила“ е психолошко-политичка драма, која ја разоткрива кревкоста на човековата етика во затворен систем на заговори и идеолошка дисциплина. Во фокусот е ерозијата на индивидуалната совест под притисок на колективниот мит. Наместо херојство, пред публиката се разоткрива човечката слабост, но и она што останува од човекот кога идеологијата ќе го проголта.

Вистинските „црнила“ не се историски, туку антрополошки — тие се појавуваат таму каде што човекот ја губи способноста за сопствено мислење и морален избор.

Во претставата играат: Како Неда, Сара Спиркоска, во улогата на Иван, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа како Милка, Александар Степанулески како Луков, Христов го игра Александар Тодески, ликот на Фезлиев е Димитар Ѓорѓиевски, како Методи, Михајло Миленкоски, Младичот е Илија Волчески, како и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.
Култура
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ гостува во МНТ
Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар, на 20 февруари, во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на истоимениот антологиски роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е моќна и емотивна сценска приказна, која отвора едно од најболните поглавја од македонската колективна меморија — судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна.

Преку личните судбини на ликовите, се отвораат теми за страдањето, истрајноста, идентитетот и достоинството, како и потребата приказните за минатото да останат живи и пренесени на новите генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, сценските движења ги потпишува Дамјан Цветановски, а музиката е на Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски, нагласувајќи ја улогата на театарот како чувар на историската и човековата вистина.

