Македонија
(Видео) Каевски: ЕУ отвора врата за ново проширување во 2030 година, мора да ги поразиме блокадите на ДПМНЕ
„Официјални претставници на Европската Унија на Бледскиот стратешки форум испратија силен политички сигнал за ново проширување на Унијата во 2030 година. Ова се случува првпат по претходното проширување, со јасна временска одредница. 2030 година како можен датум за следното проширување на Унијата покажува дека тоа е временска рамка што и Владата предводена од СДСМ го постави како цел“, рече Дарко Каевски, портпарол и пратеник на СДСМ.
„Ова е уште една потврда дека нашиот план за членство е реален и остварлив. Овој многу важен сигнал од ЕУ ние мора да го искористиме. За нас како држава, која ги почна преговорите и која го привршува скринингот, е дополнителна причина зашто не смееме да ја пропуштиме оваа шанса.
Обидите за блокади на ДПМНЕ не смееме да дозволиме да се случат. Не смееме самите да се блокираме на патот кон ЕУ. Затоа е потребно е да донесеме важни, државнички одлуки за промена на Уставот и да продолжиме без натамошни пречки во ЕУ. Не се точни, односно лажни се тезите на ДПМНЕ и Мицкоски дека ќе имало нови барања за нови промени на Уставот“, изјави Каевски.
„Јасно е сѐ дефинирано во преговарачката рамка, со одлуката за уставните измени ние го продолжуваме европскиот пат, а тоа е потврдено од сите 27 земји членки на ЕУ. Лажни се и тезите на Мицкоски и ДПМНЕ дека уставните измени во овој момент не се важни затоа што тие се занимаваат со квалитетот на животот на граѓаните.
Градоначалниците на ДПМНЕ, кои се локална власт во 50 општини во државата, за 2 години не направија ништо за да го подобар животот на граѓаните. И, второ, затоа што нема подобар квалитет на живот за граѓаните од полноправно членство во ЕУ, кое патем токму ДПМНЕ и Мицкоски го блокираат.
ЕУ отвора врата за ново проширување и само од нас зависи дали ќе влеземе или ќе чекаме 20 години во изолација додека целиот регион напредува кон ЕУ. СДСМ, заедно со граѓаните, заедно со проевропскиот блок, ќе стори сѐ да ја обезбеди европската иднина на граѓаните, кои во огромен дел, над 80 отсто, сакаат да живеат во земја членка на ЕУ.
Се работи за иднината на нашите деца и за успехот на државата и ние тоа ќе го оствариме“, додаде портпаролот на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Власта не се откажува од авионот, туку од зголемувањето на платите за работниците!“, велат од СДСМ
„Власта се нема откажано од авионот. Буџетот на СОЗР за оваа 2026 година беше зголемен за 124 милиони денари и тој е непроменет. Во Категорија 48 (Капитални расходи), под ставката за опрема, оваа сума соодветствува на годишна рата за купување авион со рок на отплата од повеќе години“, велат од СДСМ.
„Власта одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати. Тоа потврдува дека авионот не е избришан од Буџетот.
А во Собранието пратениците на ВМРО-ОКГ не сакаат ниту да разговараат за нашиот предлог за ребаланс на Буџетот, ниту за новиот Закон за минимална плата од 600 евра.
Мислат дека со дефокус ќе направат луѓето да заборават на авионот и тивко да работат во позадина за во иднина да земат нов. Луксузот на ВМРО-ОКГ не трпи, трпат само работниците.
Авионот сакаат да го земат на лизинг, на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата.
Никој не е наивен! Граѓаните ќе плаќаат, платите на работниците нема да ги зголемат. Ќе има пари за авион, мебел, луксуз, тендери, но за работниците нема да има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

