Македонија
(Видео) „Должничко ропство, сметките од 1.000, стануваат 100.000 денари“ – извршителите да го почитуваат законот побараа собраните на протестот
Почитување на законот за застарување на долговите, изготвување правилник, но и кривична постапка за извршителите кои не ја исполнуваат законската обврска, побараа собраните на денешниот протест „Стоп за ивршителите“ пред Министерството за правда.
Демонстрантите носеа транспаренти со написи „Ропството не е завршено, само обликот е друг“ и извикуваа: „Апаши, лопови“.
Активистката Ана Глигорова изјави дека живееме во должничко ропство каде од 1000 денари, сметките стануваат 100.000 денари.
„Собрани сме по повод донесениот закон од Собранието во јуни за застарување на долгови и за висината на каматната стапка. Донесен е закон според којшто може ретроактивно да важи застарувањето. Извршителите не го почитуваат и тврдат дека им е потребен образец од Министерството за правда за да можат да се поведат по закон“, рече Глигорова.
Нагласи дека се работи за нешто што е протвуставно и ја поткопува самата држава, а кривични дела прават не само извршителите тукку и нивните надредени.
„Бараме од министерот за правда да им даде обрзец, формулар според кој би постапувале и би го решиле проблемот“, рече таа.
Демонстрантите побараа и министерот да обезбеди почитување на законот, да го повика претседателот на Стопанската комора на извршителите и да побара извештај зошто не се поитува. Понатаму, да се изготви правилник, како ќе се применува членот 368 од законот за Облигациони односи. Ако не се почитуваат одредбите од законот, да се побара дисциплинска, прекршочна и кривична постапка од извршителите.
„Ова е самоволие на извршителите. Се крши законот од страна на институциите, државата, а тоа е поткопување на државниот поредок“, истакнаа говорниците.
Маријан Ристоски од Конфедерацијата на сидикатите ја опиша ситуацијата како апсурдна. Пратениците од мнозиснтвото го предложија законот, изгласан е, потпишан од претстедателот, објавен во службен весник и некој сега сака да прави будала од граѓаните, рече тој.
Ги повика пратениците да излезат и да кажат што изгласале.
„Не сакам да верувам дека ова е некоја игра, па да кажат ние предложивме закон, но Уставниот суд ако го прекина, не го почитува, ние не сме моќни ништо. Тогаш направиле дупли грев“, објасни Ристоски.
Говорниците ја критикуваа и адвокатката комора дека е за оспорување на овој закон, па прашаа „чии слуги се тие“.
Организаторите на протестот најавија дека нема да прекинат да си ги бараат правата. Како следни чекори од протестите најавија блокирање на институции, крстосници, а тврдат дека за протестот има голем интерес и во другите градови од државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

