Македонија
ЗНМ: Да се расчисти инцидентот во Град Скопје со новинарот Арсов
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира во однос на вчерашниот инцидент, кој се случил по седницата од која новинарот Мартин Арсов од ТВ „Сител“ известувал и бара од администрацијата на Градот да го расчисти до крај случајот за да нема шпекулации во јавноста, но и ризик од слични инциденти во иднина.
Според изјавата на Арсов, откога завршил со вклучувањето во живо во вестите на ТВ „Сител“, бил навредуван и физички нападнат од страна на лицето задолжено за односи со јавност во Град Скопје, Кристина Депо, за што тој објави: „Кога завршив со вклучувањето, ми рече дека е незадоволна оти сум кажал само дел од соопштението што го напишала, а не целото. Кога се доближив до неа, замавна и ми го удри телефонот“.
Денеска, до ЗНМ пристигна демант од Град Скопје, во кој има изјава од портпаролката Депо, каде што се отфрлаат тврдењата на колегата Арсов во врска со инцидентот:
„Во конкретниот случај за настанот што се случи на 31.8.2023 година, околу 16.22 часот, во Советот на Град Скопје новинарот Мартин Арсов буквално изнесе лаги во средствата за јавно информирање клеветејќи ме мене, Кристина Депо, дека бил физички нападнат. Јас и Градот категорично ги отфрламе изнесените лаги од страна на новинарот Мартин Арсов“, вели портпаролката во својата изјава.
ЗНМ укажува дека службениците што се одговорни за односи со јавноста на градската администрација треба да одржуваат коректен пристап во комуникација кон новинарите со цел градење меѓусебна доверба и почит, а во интерес на информирањето на граѓаните. Тие како и сите други службеници од централната и локалната власт не смее да се ставаат во улога на рецензенти во искажаните зборови на новинарите зашто на тој начин се прави притисок во известувањето и се оневозможува професионалното работење. Доколку било кој службеник има забелешки за работата на новинарите, на располагање ги имаат само регулативните механизми, каде што може да достави претставка до Советот на честа при ЗНМ или до Советот за етика на медиумите во Македонија.
Истовремено, ЗНМ укажува и на новинарите дека, доколку сериозно им се попречува работата или, пак, се предмет на физички напад, случајот веднаш да го пријават во ЗНМ и во Министерството за внатрешни работи, со цел да се преземат соодветни постапки за утврдување одговорност.
ЗНМ потсетува дека загрозување на сигурноста на медиумските работници во професионално вршење на новинарска дејност со последните измени од законот претставуваат кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

