Македонија
Скопје треба да ги исполни обврските што ги презеде, вели бугарската министерка за надворешни работи
Позицицијата на Бугарија кон Северна Макеоднија е многу јасна – да се исполнат обврските договорени и прифатени во јули 2022 година, изјави бугарската вицепремиерка и шефица на дипломатијата Марија Габриел.
– Бугарија ќе продолжи многу јасно да ја брани својата позиција, да потсетува дека стоиме зад исполнувањето на сите услови поврзани со компромисот од јули 2022 година, јасно да се спротивставиме на обидите за лажни информации и дезинформации дека Бугарија има нови услови, а во меѓувреме јасно да опстојуваме на нашиот јазик, култура и идентитет, рече Габриел во одговор на пратеничко прашање во бугарското Собрание.
На пратениците им порача дека Народното собрание на Бугарија може да продолжи да биде многу корисно, но не е во надлежност на ниту еден законодавно тело да се произнесува за вакви теми.
– Сакаме многу јасно да покажеме пред РСМ дека само кога ќе ги исполнат обврските што самите се согласиле да ги исполнат, тогаш евроинтеграциите веќе нема да бидат сон, додаде Габриел
Прашана за предложена резолуција во американскиот Сенат, септември да се прогласи за месец на македонско-американското наследство во САД, таа рече дека МНР на Бугарија ќе направи се тоа да не се случи. Информира дека бугарското МНР уште од првиот момент кога дознало за поднесената резолуција презело активности, амбасадорот и генералниот конзул во Вашингтон веќе разговарале со тимот на сенаторот кој ја предложил резолуцијата. Габриел кажа дека дека процедурата во Сенатот е започната, но оти ќе направат се што е можно да не биде донесена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Филипче: Мора да има контрола на податоците од „Сејф сити“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање потенцираше дека СДСМ не е против системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, туку во сегашното решение постојат други сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат .
„Еден таков закон кој се однесува на проектот „Сејф сити“ во којшто се регулира еден дел од сообраќајот, со којшто се намалува ризикот од несреќи, сообраќајќи , апсолутно во тој дел го поддржуваме. Меѓутоа, има важни работи за коишто треба да се зборува“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче укажа дека треба да се има предвид економската состојба и стандардот на граѓаните, но и начинот на кој ќе се располага со податоците од граѓаните.
„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот ‘Safe City’ ги собира“, рече Филипче.
Притоа, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ има историја во злоупотреба на податоци и службите за безбедност и затоа е важно да има дискусија во Собранието за овие прашања.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, посочи Филипче.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.

