Македонија
„Како само можевте да ги гледате в очи знаејќи дека ги убивате“, „Овој срам никогаш нема да си го испереме!“, доктори згрозени по случајот со Онкологија

Поради случувањата на Клиниката за онкологија по објавите на неделникот „Фокус“ дека на пациентите им биле давани физиолошки раствори, а скапите лекови против канцерогените заболувања завршувале на црниот пазар, на социјалните мрежи со свој став излегоа доктори згрозени од целиот случај.
„Како само можевте да ги гледате в очи знаејќи дека ги убивате“, прашува д-р Нико Беќаровски за групата монструми „затскриена во бели мантили“.
Според докторот Драган Даниловски, овој срам никогаш нема да се испере.
„Во крајна линија, ова е пораз и срам (и) за нас професорите на Медицинскиот факултет зашто сите овие што ги фатија со рацете во медот биле наши студенти на кои не сме успеале да им вградиме основни етички принципи. По ѓаволите, ќе да беа залудни сите мои 40 години стаж…“, пишува Даниловски.
„Јас денес со крената глава и насмевка ќе се појавам пред пациентите, секој нека си го носи сопствениот срам, цел живот го вложив за тој мантил со достоинство да го носам“, напиша Ненад Лазаров и порача дека денеска ќе се појави на протестот пред Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Со најевропскиот премиер, со Еди“: Таравари се сретна со Рама

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, се сретна со премиерот на Република Албанија и претседател на Социјалистичката партија, Еди Рама, за да му ја честита победата на изборите одржани на 11 мај, се истакнува во партиското соопштение.
Средбата, како што е наведено се одржала во просториите на Владата во Тирана, во пријателска и братска атмосфера.
„По тој повод, Таравари ја пренесе најискрената честитка во име на Алијансата за Албанците за изборната победа и повторното добивање на довербата од граѓаните за Социјалистичката партија и нејзината визија за Албанија.
„Со најевропскиот премиер во моментов или како што сите велат во овие денови: со Еди“, напиша Таравари по средбата.
За време на разговорот според соопштеното биле дискутирани и прашања од значење за Албанците во регионот, како и потребата за зајакнување на меѓуалбанската соработка на сите нивоа – политичко, институционално и општествено.
„Алијансата за Албанците високо ја цени улогата на Албанија како клучен фактор во поддршката на демократскиот развој и правата на Албанците во регионот и изразува подготвеност за понатамошно продлабочување на таа соработка“, стои во напишаното.
Македонија
Кирков: Скопје издржало многу, ќе ја издржи и Арсовска уште неколку месеци

На денешната седница на Советот на Град Скопје се обрати советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков.
Кирков на самиот почеток истакна дека Скопје претрпело многу катастрофи, но со преземањето на функцијата градоначалник од страна на Данела Арсовска, Скопје не видело поголема катастрофа.
„Градот Скопје претрпел многу катастрофи во поново време, без пардон, ќе кажам дека поголема катастрофа од градоначалничката Данела Арсовска и не постои. Како ни изгледа Скопје во моментот? Сите фонтани се жабарници, недостигаат букви на спомениците и тие не се одржувааат, не се исчистени. Буквално имаме една глетка на градот Скопје што не ја памтиме“, рече Кирков.
Кирков исто така истакна дека секоја критика од страна на советниците кон градоначалничката Арсовска резултирала со барање за извинување од нејзина страна и опомена пред тужба.
„И, за жал, ќе кажам, на секоја критика кон градоначалничката таа кон нас советниците се произнесува со барање за извинување или со опомена пред тужба. И нека е така, Скопје издржало многу, ќе ја издржи уште неколку месеци Данела, а потоа ќе постои и одговорност. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи оваа донација, ја поздравува и ги охрабрува сите фондации што имаат можност да помогнат во реновирањето на спомениците затоа што се во катастрофална состојба“, дециден е Кирков.
Македонија
Стојановски: Да го поддржиме ребалансот на буџетот, со тоа што би ги зголемиле платите на вработените во Град Скопје и во Противпожарната бригада

На денешната седница на Советот на Град Скопје, советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојаноски, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ како партија, но и како советничка група, секогаш ги поддржува зголемувањата на платите во јавниот сектор.
„Како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и како партија ВМРО-ДПМНЕ, секогаш сме ги поддржувале зголемувањата на платите во јавниот сектор и во Град Скопје. Затоа барам од сите колеги советници, кои се присутни во салата, да го поддржиме ребалансот на буџетот со тоа што би ги зголемиле платите на вработените во Град Скопје и во Противпожарната бригада – Скопје“, посочи Стојановски.
Тој потенцира дека и во минатото поднесувале иницијативи за зголемување на платите во администрацијата и во Противпожарната бригада.
„Покрај тоа што поднесувавме и во минатото иницијативи за зголемување на платите во администрацијата и во Противпожарната бригада, уште еднаш потврдувам и барам сите колеги советници да гласаме за зголемување на платите во Противпожарната бригада и во Град Скопје“, заклучи Стојановски.