Регион
(Видео) Грција погодена од силно невреме, осум точки се критични
Грчките региони Магнезија и Споради ги зафати невремето Даниел, а први проблеми се забележани во Волос, во селата во Пелион и на периферијата на Тесалија.
Во Волос сообраќајот е во прекин на обиколницата, возилата се заглавени во близина на стадионот „Пантесаликос“, а противпожарните служби се обидуваат да ги ослободат возачите. Во голема неволја е и болницата во Волос бидејќи во ординацијата со машини влегла вода.
Карактеристично за ситуацијата е видеото што на „Фејсбук“ го објави градоначалникот на Волос, Ахил Беос, кој возачите што ги среќаваше на поплавените улици во Волос ги прашуваше каде одат.
„Каде одите? Ова што се случува е лудост. Сме кажале 100 пати. Апелирам до сите да не излегуваат од дома. Каде одите луѓе, каде? Погледнете до каде е водата. Не слушаш, каде одите сите? Од вчера ви кажуваме, реките ќе се излеат. Одете во своите домови“, порача Беос на „Фејсбук“, а пренесува „Прототема“.
Во пелионската област многу села се без струја, паднаа дрвја, а надлежните апелираат до граѓаните да не ги напуштаат своите домови доколку не е потребно.
Ноќта помеѓу понеделникот и вторникот беше проследена со силно невреме и со удари на гром, а во раните утрински часови силен ветер ги погоди општината Агија и брегот на Лариса поради што многу села во околината останаа без струја.
Поплави го погодија и Скијатос. Според градоначалникот на островот, Тодорис Цума, некои патишта се поплавени и апелира до граѓаните да не излегуваат од куќите, освен ако тоа не е итно, а поднел и барање за прогласување вонредна состојба во таа општина.
Метеоролозите најавуваат дека денеска обилни врнежи и невреме ќе има во Епир, на Јонските Острови, Пелопонез, Тесалија и на Евија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ се огласи за штрајкот со глад на Весиќ: Министерот во оставка одбива храна
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по посетата на штандовите на саемот за вино пред новинарите се изјасни за штрајкот со глад на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во заминување, Горан Весиќ.
Вучиќ рече дека му е жал поради тоа.
– Жал ми е поради тоа, ако можам на кој било начин да стапам во контакт со него, ќе го замолам да не го прави тоа. Тоа е се што можам да кажам – рече претседателот.
Српеските медиуми потсетуваат дека Горан Весиќ поднесе оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Србија пет дена по трагедијата во Нови Сад.
Откако вчера излезе веста дека министерот во оставка Весиќ е меѓу 11-те уапсени за падот на настрешницата, тој на својот Фејсбук профил
објави:
„Не бев уапсен, доброволно се одзвав на повикот на полицајците со кои дојдов во Нови Сад и се ставив на располагање на истражните органи за целосно да се истражат сите околности кои довеле до несреќата во Нови Сад.
Секогаш, како и досега, ќе бидам на располагање на надлежните органи и ќе докажам дека не сносам никаква кривична одговорност за овие трагични настани.
Адвокатската канцеларија што ме застапува во овој случај ќе комуницира со јавноста и медиумите за понатамошниот развој на настанот“, рече тој.
Регион
Падна снег, дува силен ветер: делови од Хрватска без струја, автопатот затрупан
Снег паѓа во Горски Котар и Лика и во делот на континентална Хрватска – од Загорје, Меѓумурје до Славонија. Силен ветер дува на Јадранот, во Риека ветерот урива дрвја и телефонски столбови.
Поради снегот, во Горски Котар и Лика во моментот нема слободен патен правец од внатрешноста кон Далмација, Риека и Истра и обратно за камионите со приколки и сите други возила што немаат зимска опрема.
Поради ветерот, на автопатот А7 Рупа – Крижишќе сообраќајот е забранет за автобуси, мотоцикли и возила со камп-приколки.
Регион
Силен земјотрес во Грција: се стресе островот Кос
Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала денеска ја погоди Грција.
Епицентарот на земјотресот бил на 36 километри од градот Кефалос на островот Кос на длабочина од 104 километри.
Засега нема информации за причинета материјална штета.