Регион
(Видео) Хаос во српското собрание: салата се тресе од свирежи и извици, работата целосно блокирана
Пратениците во српското собрание денеска ја продолжуваат седницата, а власта и опозицијата расправаат за предлогот за ребаланс на буџетот, за акцизите, како и за спорниот закон за трговски друштва и за избор на нов министер за економија.
Опозицијата претходно најави дека ќе ја блокира работата на парламентот и побара одржување вонредни парламентарни и белградски избори до крајот на годинава.
Пратеникот на Зелено-левичарскиот фронт, Радомир Лазовиќ, изјави дека опозицијата ќе ја блокира работата на парламентот и ќе побара итен одговор од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„На сите им е јасно дека власта не сака да ги исполни барањата на протестите, бараме распишување белградски и парламентарни избори за опозицијата како прв чекор да ги исполни барањата на граѓаните. Сметаме дека избори одржана до крајот на годината би било решение и бараме итен одговор од Александар Вучиќ. Ќе ја блокираме оваа седница додека не добиеме одговор за одржување на изборите и ќе продолжиме со протестите“, рече Лазовиќ.
На прес-конференција денеска говореа организаторите на протестот „Србија против насилството“ и пратеници во Собранието. Тие најавија дека бараат вонредни белградски и парламентарни избори до крајот на годинава и дека денеска ќе ја блокираат работата на парламентот.
Претседателот на собранието на Србија, Владимир Орлиќ, пред почетокот на седницата изјави дека со задоволство ја прифаќа желбата на опозицијата да учествува на изборите и дека за тоа ќе ги извести надлежните институции.
Пратеникот од Двери, Иван Костиќ, го поддржа предлогот на опозицијата за одржување предвремени избори и нагласи дека оваа партија, а како што вели и „државотворната“ опозиција, тоа го бара од март.
Пратеникот на Народното движење на Србија, Мирослав Алексиќ, ја повика премиерката Ана Брнабиќ да поднесе оставка од оваа функција, а претседателот Вучиќ да распише избори.
Претставниците на опозицијата почнаа да ја блокираат работата на парламентот веднаш кога членовите на Владата влегоа на седницата.
Сите пратеници на проевропската опозиција кренаа документи со кои бараа да се прекине насилството, да се преземе одговорност.
„Ќе работиме“, рече Орлиќ.
Сите претставници на проевропската опозиција станаа од столчињата и почнаа да го блокираат парламентот. Дел од толпата извикува „Забела, Забела“ и „надвор, надвор!“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

