Македонија
Петкоска: Наместо власта да се зафати со борба против криминалот, таа го амнестира свесна за фактот дека и се ближи крајот
„Повеќе од јасно е дека и власта станува свесна за фактот дека и се ближи крајот па затоа денес си создава законска рамка со која утре ќе ја избегне кривичната одговорност. За да биде уште по интересно или уште по сомнително дури и министерот за правда не стои како потписник на ова законско решение, туку ја пратил заменичката. За јавноста да потенцирам дека со овој закон кој го носат со брзина на светлината се предвидени помали казни за злоупотреба на службената должност која цело време ја прават“, истакна пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска на денешната собраниска седница.
Таа запраша за какво усогласување со европското законодавство, какви црни камења? Ова ли е правда, ова ли е мир, колеги?
Таа е децидна дека со овој закон низ само 2 члена ќе се ослободат оние кои нивните функции ги злоупотребиле за да прават криминал.
„Наместо да се зафатите со борба против криминалот, вие го правите сосема спротивното го амнестирате истиот. Не оставивте ниту еден единствен основ врз основа на кој оваа држава може да се нарече правна. За волја на вистината оваа Влада која самата себе си се прогласи за храбра, најхрабра е кога треба да се ослободат криминалците“, кажа Петкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес почувствуван во Делчево и Виница
Денес околу 15:48 часот беше почувствуван земјотрес во делови на североисточна Македонија, најмногу во Делчево, Виница и околните места.
Според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот бил со магнитуда од 3,2 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот потекнува од подрачјето на Благоевград, во соседна Бугарија.
Земјотресот се почувствувал со интензитет од III степени по Европската макросеизмичка скала, што значи дека граѓаните можеле да забележат кратко тресење, но без посериозни последици.
Од Опсерваторијата замолуваат сите што го почувствувале земјотресот да го пополнат прашалникот на ЛИНКОТ или да се јават на 112.
Македонија
Сиљановска-Давкова: ЕУ сè уште нема јасна стратегија за нашата европска интеграција и практикува двојни стандарди
Да се посветиме на реформите, не поради „политичката волја“ за уставните измени, туку заради владеење на правото, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на којашто се дискутираше за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2025 година.
Укажувајќи на неиздржаноста на забелешките за немањето политичка волја во државава, претседателката истакна дека ние досега манифестиравме енормна спремност во спроведувањето на барањата на ЕУ.
Таа го покрена и прашањето за преиспитување на процесот на евалуација од страна на Европската комисија. Компарирајќи ги досегашните 16 извештаи, посочи дека нотираниот прогрес е цикличен, а не линеарен, што говори дека оценките се одраз на актуелната перцепција на евалуаторот.
Годинешните оценки за земјава, според Сиљановска-Давкова, се под влијание на барањата за уставни измени.
Претседателката повтори дека наметнатите дополнителни услови коишто го попречуваат нашиот европски пат не се во согласност со темелните вредности и принципите на Унијата коишто налагаат почитување на уставните структури на државите.
Во обраќањето таа се осврна на можните компликации во одлучувањето во Комитетот за односи меѓу заедниците како резултат на евентуалните уставни измени. Укажа на спорноста на констатацијата во Извештајот за лоцирање на жените на изборните листи на недобитни позиции, со оглед на законската гаранција за родово неутрална квота.
Претседателката истака дека ЕУ останува уникатна политичка филозофија, што ужива поддршка кај јавноста, мотивира демократски реформи и стимулира промени што водат кон траен мир и стабилност на Западниот Балкан.
Според неа, интегрираноста на Западен Балкан во ЕУ ќе стави крај на „балканизацијата“ како феномен. Сепак, според Сиљановска-Давкова, Унијата сè уште нема јасна стратегија за нашата европска интеграција и практикува двојни стандарди.
На седницата се обратија евроамбасадорот, Михалис Рокас, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, претседателите на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, Венко Филипче и Антонијо Милошоски, како и пратеници од власта и опозицијата коишто ги изнесоа своите гледишта за годинешниот Извештај на ЕК.
Македонија
Министерот Тошковски опериран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска бил опериран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој вели дека следи краток период на опоравување и уверува дека МВР продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури.
„Денеска во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје бев подложен на успешна хируршка интервенција и се чувствувам стабилно. Во моментов сум под надзор на лекарите, по што следува краток период на опоравување. Ве уверувам дека Министерството за внатрешни работи продолжува непречено и ефикасно да функционира согласно утврдените процедури. Целиот тим професионално си ги извршува обврските и моето привремено отсуство нема да има никакво влијание врз тековните процеси и активности, ниту пак врз безбедноста на граѓаните“, објави Тошковски.
Тој додаде дека веднаш по завршувањето на периодот на опоравување, се враќа на редовно извршување на своите обврски во полн капацитет.

