Македонија
„Анима мунди“: Што се случува со животните во свињарската фарма во село Таринци, општина Карбинци?
„Затворено, забарикадирано, камион ставен назад за да не може да мине никој. Пустелија, затворени врати и во согласност со информациите што се споделени до нас и кои бараме да бидат проверени, живи околу 5-10.000 животни се веќе осми ден без вода и јадење во простор без вентилација, оставени да умрат“, велат од „Анима мунди“.
„Во меѓувреме, осуда на смрт и престрелки помеѓу институциите, населението, каде ќе се закопаат 10.000 животни, кои без некому око да му трепне скапуваат живи во агонија додека не испуштат здив. Оние што ова ќе го преживеат, најиздржливите, најизмачените, ги чека масакар. Садизам, бруталност, која надминува секоја граница на разум.
Бедна држава, која наместо мерки на превенција, хигиена, дезинфекција, исклучување контакт, засилување на царинските контроли на граничните предели за да се спречи неконтролирано внесување свинско месо, одлучува да крене паника и повика на масакар на свињите, а нивното убивање финансиски го компензира.
Ако сите епидемии се решаваа со убивање, немаше да има живи суштества на планетава!
Монструозна е оваа приказна и секој сегмент на нашето општество. Ваква инертност кон туѓата несреќа, страв и страдање; третманот на свесни и чувствителни суштества небаре се отпад, а не живи битија, е клучен фактор што нè деградира како општество, како луѓе.
Македонија е земја што ја водат политичари без морал, свест и доблест; пеколот за животните“, се додава во соопштението на „Анима мунди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

