Македонија
Денес кочниците се само во нашите раце, шансата за ЕУ е неповторлива, рече Ковачевски во говор за 8 Септември
Гласникот на слободата – 8 Септември, во предвечерието на овој голем и важен празник за македонската државност, Денот на независноста, повикува на нов, сигурен чекор напред, рече премиерот Димитар Ковачевски кој присуствуваше и се обрати на Свечената академија во чест на Денот на независноста, вечерва, во објектот на Филхармонија.
Премиерот во обраќањето кажа дека денес Европа и светот зборуваат за македонска држава, македонски народ и македонски јазик. Денес нашата родна земја е меѓународно признаена држава и ова е и мора да биде нашиот мотор.
„Денес кочниците се само во нашите раце и на дел од политичарите тука во нашата држава“, рече Ковачевски коментирајќи дека секој обид на ставање кочница на сопствената песрепктива е поврзан со туѓи интереси за геостратешки позиционирања, различни од македонската евроатлантска стратешка цел. Поврзани се и со популизам за политички предизборни и лични, материјални цели.
Премиерот ги цитираше Блаже Конески: „Јазикот е нашата вистинска татковина“ и Петре М. Андреевски: „Пиреј вирее на ова тло и ништо не ја ништи таа трева“.
„Патриотизам е да им се верува на Конески и Андреевски“, заклучи Ковачевски.
Во празничното обраќање, премиерот рече дека не треба никому да му оставаме простор да нè идентификува и да нè става во свој историски контекст. Бидејќи имаме своја историја и свој јазик, потврдени на научно, меѓународно ниво.
„Да продолжиме да се себепотврдуваме во меѓународното семејство на народи и држави, седнати рамноправни на масата во демократските сојузи. Затоа што само така, нашите аргументи, познати на светската наука, ќе бидат познати и за светската политика“, рече Ковачевски.
Ако нешто научивме во овие 32 години, вели Ковачевски, тоа е дека македонската стабилност е директно поврзана со интеграцијата во демократските системи, НАТО и Европската Унија, како и со внатрешната етничка кохезија.
„Заедништвото како европска вредност е во македонскиот код. Тоа заедништво секогаш се издигнувало над раздорот, од каде и да доаѓал. И затоа ние денес, ниту има од што да бегаме, ниту има од што да стравуваме“, рече премиерот.
Кажа дека неповторливата шанса за напредок ја имаме токму сега и е поврзана директно со нашата интеграција во Европската Унија.
„Се наоѓаме во неповторлив контекст, кога поради геополитичките прилики и потребата да се осигура стабилноста на европскиот континент, ние сме потребни на Европската Унија и на демократската меѓународна заедница, како што ни се потребни и тие на нас“, рече Ковачевски.
Додаде дека земја членка на Унијата добива 11 пати поголема европска помош од ЕУ – фондовите, од земја која е кандидат за членство.
„Фактите денес говорат и дека 80 проценти од македонскиот извоз оди во држави што се членки на ЕУ. Дека 50 проценти од увозот во земјава доаѓа од држави членки на ЕУ. И дека Европската Унија, во оваа 32-годишна независност стана нераскинлив дел од нашиот развој, има инвестирано огромни 3,3 милијарди евра во нашата држава. Затоа што веруваат во нашата искрена определеност кон европските интеграции, како наша стратешка цел, но и нивна стратешка цел“, рече Ковачевски.
Премиерот повторно предупреди дека ако не го направиме исчекорот во евроинтеграциите заедно со нашите соседи од Западен Балкан, на нашата држава и се заканува повторна изолација, повторно чекање и повторни блокади. А тоа значи и пропуштена шанса за напредок и обратно, назад и нова темница, во којашто уште долго ќе се лута како што се луташе 11 години.
Слободата значи и одговорност, рече премиерот и раскажа дека деновиве бил почесто меѓу младите и во пресрет на 8 Септември, на прашањето што посакуваат за роденденот на родната земја добил одговор: Сите да сме среќни.
„Ова нека нè обедини. Желбата за среќа. Желбата на нашите деца. Вербата на нашите млади. Копнежот на родителите. За среќа – дома, меѓу саканите, во родниот крај. Бидејќи тоа е остварливо“, додаде премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

