Македонија
Кацарска: Не се согласувам со измените на кривичниот законик, не знаев дека се спремаат такви измени

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска присуствуваше на одбележувањето на денот на независноста во градскиот парк во Скопје, каде што на барање на неколку медиуми даде изјава во врска со последните актуелни прашања кои ја засегаат јавноста.
-Пред се би сакала да кажам дека сум навистина изненадена со носењето на овие измени од Кривичниот Законик, воопшто не знаев дека се спремаат такви измени. Како долгогодишен судија од Кривичниот суд секако дека не се согласувам со вакви измени на КЗ, поготово не за вакви кривични дела. Но јас би кажала и нешто друго во тој поглед. Ако досега судиите имаа донесено пресуди по сите тие предмети, се сомневам дека ќе имаше вакви измени на КЗ. Според овие измени, според она што го читам во медиумите, бидејќи јас не ги работам тие предмети, секако дека ке има застарувања на поголем дел од овие предмети што се во Кривичниот суд, но не знам кои се и колку бидејќи јас не ги работам.
Во поглед на моите предмети, јас имав неколку предмети од СЈО и истовремено го работев и предметот за нападот во Собранието, и сите мои предмети не само што се правосилно завршени, туку и се завршени и со вонредни правни лекови и пред Врховниот суд и таму се потврдени пресудите, затоа и реков, ако судиите имаа донесено во меѓувреме пресуди се сомневам дека ќе дојдевме до ситуација да имаме измени на Кривичниот законик, одговори Кацарска.
На прашањето каков е нејзиниот став што овие измени се донесоа експресно а дел од законите па и изборот на уставните судии се закочени во комисиите, Кацарска одговори:
Навистина сум фрапирана како тоа се донесе закон, без никаква опструкција дури ни од опозицијата, а од друга страна две години и веќе неколку месеци не може да се изберат судии на Уставниот суд, не може да се комплетираме. Што значи каде што им одговара на политичарите не се прават опструкции, така се тера, таму каде што сакаат да прават опструкции може да ја блокираме државата.
На прашањето за дадените изјави во јавноста од страна на правници кои го оправдуваат намалувањето на затворските казни одговори:
-Јас не се согласувам со таква изјава, не можеме ние да имаме само благи казни, а конфискацијата дали ке успееме да ја спроведеме ние или не, затоа што оние кои го прават финансискиот криминал се многу интелигентни и итри во тој дел, а во поглед на високите казни имаше критики ако се сеќавате за пресудата за 27 април, дека сум дала драконски казни. Но, што правиме кога имаме слична ситуација и во Америка каде што се дадени повисоки казни за упадот во Капитол хил, таму има многу повисоки казни од 22 години, 19 години, што значи во рамки како моите казни. Ние не може да поистоветуваме висина на казни, конфискација итн., рече Кацарска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Македонецот кој спречи терористички напад во авион: „Реагирав инстинктивно“

На летот од Лондон до Глазгов се случи инцидент, откако еден од патниците извика дека има бомба, со слогани „Смрт за Америка, смрт за Трамп“ и „Алах акбар“. Патникот кој се закани дека ќе постави бомба беше совладан од Зоран Настески, по потекло од Македонија и Србија, кој живее во Велика Британија.
Настески го собори човекот на подот за време на летот и го држеше до слетувањето, кога го презеде шкотската полиција. Во меѓувреме, во Велика Британија е започната истрага за терористичкиот напад. Индискиот „Јутуб“ канал „НДТВ“ објави видео од инцидентот, на кое се гледа моментот кога Настески совладува патник кој извикува дека има бомба и го навредува американскиот претседател Доналд Трамп.
View this post on Instagram
„Вчера наутро тргнав на одмор во Глазгов. Десет минути пред слетувањето, еден човек помина покрај мене држејќи кафе и телефон во рацете. На почетокот се плашев дека ќе ми истури топло кафе, па се засолнив. Потоа почна да вика дека има бомба и дека ќе го собори авионот, за да докаже дека политиката на Трамп е погрешна“, вели Настески, пренесува „Телеграф.рс“.
Патниците паничеа, додаде Настески, децата врескаа, а екипажот беше видливо вознемирен.
„Само реагирав инстинктивно, сакав да ги заштитам другите. Станав, го соборив, му го зедов телефонот и го држев за раце додека не слетавме. Набрзо ми помогна друг патник, не сум сигурен дали беше Англичанец или Шкотланѓанец“, рече Настески.
По слетувањето на аеродромот, пожарникарите и полицијата дојдоа на пистата и уапсија 41-годишен маж. Целиот настан го снимила патничка. Видеото набрзо станало вирално на социјалните мрежи.
По десет години работа во Велика Британија, Настески планира да се пресели со својата партнерка во Србија, каде што има семејни корени. Неговиот татко е Македонец, роден во Скопје, а неговата мајка е Србинка.
„Се селам во Белград затоа што ја запознав најпрекрасната жена на светот, Сандра“, рече Настески.
Авиокомпанијата „Изи џет“ објави дека човекот што го предизвикал инцидентот бил уапсен веднаш по слетувањето во Глазгов и дека персоналот на авионот бил обучен да се справува со вакви ситуации, за да не биде доведена во прашање безбедноста на сите во авионот.
Македонија
Започна изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Битола

Во општина Битола, денес беше одржан состанок, со кој се означи почетокот на реализацијата на проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води.
Во присуство на претставници на Министерството за животна средина, Министерството за финансии, изведувачот на пречистителната станица конзорциумот Лантаниа-Стентон градба-Карканиас, избраниот надзор- фирмата Ептиса, претставници на КЈП „Нискоградба“ и претставници на општинската администрација, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посочи дека овој стратешки еколошки проект е многу значаен чекор кон заштитата на животната средина.
Основната цел на проектот е да се подобри инфраструктурата за собирање и третман на комунални отпадни води, во согласност со директивата за третман на отпадни води и националниот закон. Според договорот, времетраењето на градба е 2 години и една година гарантен период. Со помош на ЕУ, се гради одржлив систем за отпадни води за идните генерации, преку инвестирање во чиста вода и зелени решенија што ќе обликуваат поздрава и поодржлива иднина.
Македонија
Дожд и грмежи вечерва и во раните утрински часови, јавува УХМР

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, во западните делови западен, а долж Повардарието северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Кон крајот на денот во северозападните делови облачноста ќе се зголеми и во текот на ноќта и во раните утрински часови ќе има локален дожд, повремено пороен со појава на грмежи и услови за краткотрајно невреме.
Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степеним јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, во раните утрински и претпладневни часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 33 степени.