Македонија
Демократски сојуз: Амнестијата на функционерите широко ја отвори вратата за криминал

Демократскиот сојуз цени дека измените на Кривичниот законик со кои се намалува висината на казните затвор за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружение, како и целосната декриминализација на јавните набавки кога е оштетена државата, широко ги отвораат вратите за натамошна криминализација и го промовираат принципот на легализација на високата корупција од носители на власта.
ДС укажува на неколку клучни елементи:
„Прво, донесувањето на законот се одвиваше во скратена постапка без поширока парламентарна и експертска расправа.
Второ, постапката се водеше со европско знаменце со што се оневозможи преку амандмани, односно со филибастеринг, да се блокира усвојувањето на законот.
И трето, министерот за правда бил против овие измени, но Владата сепак го достави законот до Парламентот.
Образложенијата што ги даваат премиерот и платени експерти, дека ќе се ефектуирала конфискацијата на имотот на функционерите криминалци, посебно проширената конфискација, дека повеќемина ќе одговараат итн. воопшто не држат. Криминалците од власта најголем дел од украдените буџетски пари ги префрлаат на странски сметки во даночни рајеви, кои се недостижни за правдата, а сомнителниот имот во Македонија го регистрираат на туѓо име.
Сосема е извесно дека ова е брутален напад врз владеењето на правото и правдата.
Со овие змени се амнестираат од кривична одговорност актуелните функционери, но ќе ги користат и тие што веќе се осудени за ваков вид кривични дела.
Поцелисходно е да се направи амнестија на тие што веќе се на издржување на затворска казна во врска со настаните од 27 април 2017 година, со што ќе се корегира неправдата. Тогашната амнестија беше селективна и во функција на уставните измени поврзани со имплементацијата на Преспанскиот договор.
Криминалот ги разгради институциите и полека но сигурно ја загрозува државата.
Криминално водство на државата не може да биде кредибилен фактор пред странците ,а уште помалку да ги штити националните и државните интереси“, велат од Демократскиот сојуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре облачно време, попладне дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер (над 60 km/h) и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса времето во следните денови ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди. Наместа ќе биде нестабилно со врнежи од дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град, особено во деновите од викендот.
Македонија
Средствата од заемот од Велика Британија ќе се враќаат по реализација на проектите

Средствата од заемот од Велика Британија ќе се враќаат по реализација на проектите. Министерот за транспорт, Александар Николоски, изјави дека условите за враќање и каматните стапки ќе бидат подобри од било што Македонија што позајмила претходно.
„Македонија добива најголем обем на средства досега за капитални проекти и со најдобри можни услови што може да се обезбедат во овој момент. Финансирањето ќе биде врзано со проектот, односно средствата ќе се враќаат откако проектот ќе се реализира и ќе почне да ја враќа инвестицијата“, објасни Николоски.
Прв бран на проекти што ќе се реализираат со договорот Влада со Влада со Обединетото Кралство се изградбата на брзата пруга од Табановце до Гевгелија, изградбата на клиничка болница во Штип, изградба на нов медицински факултет во Штип и студенски дом со 200 легла во Штип, понатаму реконструкција на клиничката болница во Тетово и изградба на болница со здравствен дом во Кичево, истакна вицепремиерот Николоски.
„Од четирите чекори, првиот веќе го имаме тоа се проектите. Сега одиме на прaвната рамка која што ќе ја завршиме во четврток и потоа набрзо да го ратификуваме Договорот во Собрание. И врз основа на тоа потоа одиме на финансирање. Нема да се работи за фиксно финансирање туку тоа ќе биде врзано со проектот. Кај некој проекти рочноста ќе биде пократка кај некои подолга, тоа ќе зависи од кондицијата на македонската економија и буџетот, од самиот проект итн. Тоа е прво, второ е тоа што се водевме од интересите на државата и во таа насока две работи се сигурни. Едно што волку средства ниту една друга меѓународна финансиска институција не е во можност воопшто да и ги понуди на Македонија, без ралика на каматна стапка, роковите за враќање итн. Второ е дека условите за враќање и каматните стапки ќе бидат подобри од било што Македонија што позајмила претходно. На наше инсистирање, средствата ќе ги враќаме откако ќе ги реализираме проектите, односно, грејс периодот да го врземе со периодот на завршување на проектите со цел проектот да носи пари а во здравството да носи бенефит во здравствената заштита”, изјави вицепремиерот Николоски.
Тој додаде дека ова е поттик за останатите државни институции да креираат проекти кои ќе бидат подготвени за финансирање.
Македонија
Усвоен нов закон: Ќе може да се вработуваат и корисници на пензија

Првпат во историјата на Македонија се усвои Закон за работно ангажирање на лица, на барање и на работниците и работодавачите, објави Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Работно ангажирано лице согласно овој закон, може да биде: лице кое не е во работен однос; вработено лице; самовработено лице; лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос; студенти; корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот и странец кој има регулиран престој согласно закон“, појасни тој.
Согласно овој закон лицата кои ќе бидат ангажирани по овој однос нема да ги загубат стекнатите права по другите односи.
„На овој начин ќе имаме граѓани кои ќе можат дополнително да заработат, држава која ќе наплати повеќе давачки и работодавачи кои ќе можат да ангажираат повеќе работници. За прв пат во историјата на Република Македонија се усвои еден ваков закон кој од зачетокот на независноста е барање на работниците и работодавачите“, објави Мицевски.