Свет
Ким: Се надевам дека заедно со Русите засекогаш ќе се бориме против империјализмот
Севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун, му ветил на рускиот претседател Владимир Путин помош во руската војна против Украина, објавија медиумите по неговата средба со Путин во современиот руски вселенски објект „Восточни“.
Русија застана да ги заштити својот суверенитет и безбедноста“, рече Ким на средбата со Путин, пренесува новинската агенција „Интерфакс“.
„Ние секогаш сме ги поддржувале и ќе ги поддржуваме сите одлуки на Путин и одлуките на руската влада. Се надевам дека секогаш ќе бидеме заедно во борбата против империјализмот и во изградбата на суверена држава“, додаде Ким.
Средбата меѓу Путин и Ким е прва посета на севернокорејскиот лидер на Русија во последните четири години. Покрај прашањето за ракетната технологија, според набљудувачите, на дневен ред на состанокот е и испораката на оружје и муниција од Северна Кореја за Русија.
Северна Кореја лансира две балистички ракети
Самитот на лидерите на двете земји, кои се повеќе и повеќе меѓународно изолирани, внимателно ги следат Вашингтон и неговите сојузници, веруваат дека би можеле да се договорат за трговија со оружје и одбранбена технологија. Американските и јужнокорејските власти изразија загриженост дека Ким ќе разговара за испорака на оружје и муниција за Русија, која потроши огромни резерви во повеќе од 18 месеци војна во Украина.
Москва и Пјонгјанг ги негираа таквите намери. На денот на состанокот Северна Кореја лансирала две балистички ракети. Изборот на состанокот на космодромот „Восточни“ – симбол на амбициите на Русија како вселенска сила – е важен бидејќи Северна Кореја двапати не успеа да лансира извидувачки сателити во изминатите четири месеци.
Путин најави дека Русија ќе ѝ помогне на Северна Кореја да изгради сателити, а на прашањето дали тој и Ким Џонг-ун ќе разговараат за испораките на оружје, тој одговори дека двајцата лидери ќе разговараат за сите прашања.
„Ким покажа голем интерес за ракетното инженерство“
На прашањето на новинарите дали Русија ќе му помогне на Ким да изгради сателит, Путин одговори: „Затоа дојдовме овде. Лидерот на КНДР покажува голем интерес за ракетното инженерство, тие исто така се обидуваат да развијат вселенска програма“.
Неколку часа пред очекуваниот самит Северна Кореја лансира две балистички ракети со краток дострел од област во близина на главниот град Пјонгјанг во морето кај својот источен брег, објавија јужнокорејската војска и јапонската влада.
Тоа е прво вакво лансирање додека Ким е во странство, велат аналитичарите. Ким патувал надвор од земјата само седумпати за 12 години на власт, сите во 2018 и 2019 година. Тој исто така двапати накратко ја преминал корејската граница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ одобри заем од 90 милијарди евра за Украина за одбрана и буџет
Земјите од ЕУ постигнаа договор за заем од 90 милијарди евра за покривање на финансиските и воените потреби на Украина за 2026 и 2027 година. Брисел има намера да ја изврши првата рата на почетокот на април за да обезбеди континуитет на странската помош за Киев, објави Euronews.
Амбасадорите на земјите-членки се согласија за правните текстови денеска попладне, откако Кипар, кој претседава со Советот, презентираше нова верзија на предлогот.
„Денешната спогодба покажува дека ЕУ продолжува решително да дејствува во поддршка на Украина и нејзиниот народ. Новото финансирање на помошта ќе обезбеди силна отпорност на земјата во услови на руска агресија“, рече кипарскиот министер за финансии Макис Керавнос.
Во исто време, додаде тој, испраќаме силна порака дека суверенитетот и територијалниот интегритет на државите мора целосно да се почитуваат, во согласност со меѓународното право.
Заемот од 90 милијарди евра, кој беше политички договорен на самитот во Брисел, ќе биде финансиран со издавање заеднички долг, а буџетот на ЕУ ќе дејствува како гаранција за инвеститорите. Според договорот, Унгарија, Словачка и Чешка ќе бидат целосно ослободени од сите финансиски обврски, вклучително и годишните плаќања на камати.
Европската комисија проценува дека преостанатите 24 земји-членки ќе мора да платат помеѓу 2 и 3 милијарди евра секоја година за покривање на поврзаните трошоци.
90-те милијарди евра ќе бидат поделени на два главни дела: 30 милијарди евра за буџетска поддршка и 60 милијарди евра за воена помош за купување оружје и муниција. Овој сооднос би можел да се промени ако заврши војната.
Парите ќе бидат исплатени постепено и ќе бидат предмет на строги услови. На пример, сите неуспеси во борбата против корупцијата во Украина би можеле да предизвикаат суспензија на помошта.
Од Украина ќе биде побарано да ги врати 90-те милијарди евра само под услов Русија да ја заврши војната и да се согласи да му ја надомести штетата на Киев. Со оглед на тоа што Москва експлицитно ја исклучи можноста за плаќање репарации, се очекува Брисел да ја одложи отплатата на долгот на неодредено време.
фото/Depositphotos
Свет
Руски напад врз пазар во Украина за време на утринската гужва, најмалку 7 убиени
Во руски напад врз градот Дружкивка во Донецката област што се случи утринава загинаа најмалку седум лица, а осум беа повредени, според првичните информации. Руските сили го нападнаа градот со касетна муниција и воздушни бомби, а пазарот беше директно погоден за време на утринската гужва, пишува „Украинска правда“.
Вадим Филашкин, началник на воената администрација на Донецката област, објави на социјалните мрежи дека руските сили го бомбардираа градот со касетна муниција. Градскиот пазар, каде што имаше голем број луѓе во утринските часови, беше директно погоден.
Филашкин истакна дека конечниот број на жртви во нападот сè уште не е потврден и најави дека ќе даде дополнителни информации за развојот на настаните. Според него, сите надлежни служби се на терен, им помагаат на повредените и работат на отстранување на последиците од нападот.
Градоначалникот додаде дека Русите фрлиле и две воздушни бомби врз Дружкивка. Нападите оштетиле индустриска зона, како и три станбени згради и три семејни куќи. Филашкин повторно го повика локалното население да се евакуира во побезбедни региони.
Свет
Француската агенција за храна: Електронските цигари носат ризици по здравјето
Француската агенција за храна, животна средина и здравје при работа (ANSES) денеска соопшти дека електронските цигари се поврзани со потенцијални среднорочни и долгорочни здравствени ризици, вклучувајќи кардиоваскуларни, респираторни и канцерогени последици, иако го признава нивниот потенцијал како привремена алатка за откажување од пушење.
По анализа на околу 3.000 научни студии и извештаи, ANSES заклучува дека ризиците по здравјето се поврзани со вдишување на токсични супстанции, присутни во течностите за е-цигари или создадени при нивното вдишување.
Според агенцијата, електронските цигари со никотин можат да предизвикаат кардиоваскуларни ефекти, како што е покачен крвен притисок, додека ризикот од респираторни и канцерогени ефекти постои и кај производите без никотин.
ANSES истакнува дека корисниците мора да бидат подобро информирани за здравствените ризици, а истовремено е потребно да се обесхрабрат непушачите и младите лица да почнуваат со употреба на електронски цигари.
Агенцијата заклучува дека овие производи можат да се сметаат за преодна опција во рамки на програми за откажување од пушење, но тој период треба да биде краток.
Според Барометарот за јавно здравје на Франција за 2024 година, околу три милиони луѓе во земјата користат електронски цигари.

