Економија
Битиќи: Новата инвестиција од 45 милиони евра на германската „Костал“ ќе е високотехнолошка и ќе отвори над 200 нови работни места
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, оствари средба со главниот оперативен директор на германскиот концерн за производство на автокомпоненти „Костал“, Хансјорг Херман, и Директорот на „Костал“ Македонија, Виктор Мизо.
На состанокот, вицепремиерот Битиќи со директорите на „Костал“ разговараше за креирањето на добра инвестициска клима која се препознава од новите странски инвеститори кои доаѓаат во земјава, при што кажа дека за Северна Македонија претставува голем успех и фактот што постоечките компании одлучуваат да го прошират своето производство и започнат нови инвестициски проекти.
„Со директорите на „Костал“, Херан и Мизо веќе започнавме да ги финализираме деталите за нивниот нов инвестициски потфат кој е во вредност од преку 45 милиони евра и ќе овозможи вработување на нови преку 200 наши сограѓани“, изјави Битиќи.
На средбата, претставниците на „Костал“ го информираа вицепремиерот Битиќи дека ќе донесат технички најсофистицираната производна линија во државата која ќе служи за производство со воведување на SAC (Smart Actuator Charging) технологијата за производи наменети за Фолксваген Групацијата, за брендовите Фолксваген, Ауди, Порше, Шкода, Сеат.
Дополнително со новиот проект ќе биде воведена и новата SkinTec технологија за производство на кровни модули кои ќе бидат наменети за високата класа произведена од Daimler: Mercedes EQS, EQE, C+S Class, AMG SL.
Проектот, односно производството на овие компоненти предвидено е да започне во октомври 2023, а неговото завршување е предвидено на крајот на 2028 година, што значително ќе го зголеми нашиот извоз како држава, затоа што станува збор за производи со најголема додадена вредност кои некоја странска компанија ги произведува кај нас“, рече Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Земјоделците на протест поради ниските откупни цени во Струмица – Левица дава поддршка
Земјоделците од струмичките села денес повторно одржаа протест поради ниските откупни цени. Овојпат протестот беше во центарот на Струмица.
„Државата не води сметка за увозот на патлиџани, а прекупците се оставени со одврзани раце. Резултатот е ниска почетна откупна цена, која по правило до крај на откупот секогаш паѓа.
Со понудената цена, земјоделците не можат да си ги покријат ниту трошоците за производство што како краен ефект има дестимулација на земјоделците, намалување на производството во идните години, запустување на полето и иселување од државата“, велат од Левица.
За да се спречи тоа, како што додаваат, мора во наредните десет дена да се преземат итни мерки.
Пратеникот Сашко Јанчев и координаторот на Секор – земјоделие на Левица повторно беа на протестот да им дадат поддршка на земјоделците.
Економија
Поевтин бензин и поскап дизел од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,16 отсто во однос на одлуката од 20 мај.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,492 отсто, кај дизелот има зголемување за 0,845%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,513% и кај мазутот намалувањето е за 0,164%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,333%
Од 28.5.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 82,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 84,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 42,453 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 0,50 ден/лит, додека малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,176 ден/кг и сега изнесува 42,453 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 28.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Ангеловска-Бежоска: И покрај шоковите, стабилноста на домашната валута зачувана
На покана на Централната банка на Исланд и престижниот американски универзитет „Нортвестерн“, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на конференцијата „Макроекономската стабилност на малите и отворени економии – предизвици и лекции“, којашто се одржа во Рејкјавик, Исланд. Таа беше поканета да го сподели искуството за успешното задржување на стабилноста на девизниот курс во македонската економија.
„Во раната транзиција, како и многу други економии од ЦИЈИЕ, усвоивме стратегија на фиксен девизен курс за справување со хиперинфлацијата, којашто ја применуваме и во моментов. Таа е соодветна на карактеристиките на нашата економија, којашто има висока трговска отвореност (160% од БДП), висока зависност на извозот од увозни компоненти, висока финансиска отвореност (185% од БДП), како и релативно висок степен на евроизација на банкарскиот систем (околу 42% од активата е во евра). Овие карактеристики отвораат можност за висок преносен ефект од девизниот курс врз цените и финансиската стабилност, без позначителни ефекти врз економскиот раст“, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката се осврна и на последната криза, и на предизвиците за задржувањето на оваа стратегија. Таа потсети и на притисоците на девизниот пазар коишто беа видливи од почетокот на пандемијата до средината на 2022 година, за кои беа нужни значителни интервенции од страна на централната банка, коишто во одреден момент достигнаа 15% од девизните резерви.
„Активните интервенции на девизниот пазар беа можни благодарение на девизните резерви насобрани пред кризата, покрај поддршката од меѓународните финансиски институции во кризниот период. Насобраните резерви ги одразуваат претходните претпазливи макроекономски политики и постепената и соодветно распределена либерализација на капиталната сметка. Затегнатата монетарна политика, користењето сет од макропрудентни мерки првенствено насочени кон зголемувањето на отпорноста на банкарскиот систем, како и мерките преземени за зголемување на транспарентноста и комуникацијата со јавноста, коишто уште повеќе ја зајакнаа довербата во Народната банка, беа од клучно значење за одржувањето на стабилноста на девизниот курс“, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката подвлече дека и покрај шоковите од невидени размери, стабилноста на девизниот курс беше задржана, а нивото на девизните резерви во моментов е повисоко за близу 40% во споредба со преткризниот период.
На панел-дискусијата, којашто беше предводена од професорот Харис Делас, од Универзитетот „Сури“ и Институтот „Карл Брунер“, покрај гувернерката, учествуваа и гувернерот на Банката на Словенија и гувернерот на Банката на Естонија. На настанот учествуваа повеќе професори од престижни универзитети.