Култура
„Домаќинство за почетници“ во режија на Горан Столевски е македонски кандидат за „Оскар“ за долгометражен интернационален филм
Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“, во режија на Горан Столевски, е годинешниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм.
Одлуката денеска ја донесе комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на комисијата, Кастриот Авдили – продуцент и режисер, Ана Стојановска – актерка, Марина Колоска – камера оператор, Лидија Мојсовска – режисерка, Емилија Ивановска-Атанасовска – костимографка, Ебру Мусли – актерка и Раде Василев – костимограф. Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите: „М“ во режија на Вардан Тозија и „Преекспонирано“, режиран од Елеонора Венинова.
„Домаќинство за почетници“, во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“ – Скопје неодамна ја имаше светската премиера на 80. издание на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што ја доби 17. Queer Lion награда во конкуренција од 16 филма, меѓу кои и филмовите Dog Man на Лук Бесон и Maestro на Бредли Купер. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, а продуцент е Марија Димитрова од „Лист продукција“ – Скопје. Главните улоги ги толкуваат: Анамарија Маринка (позната по филмот „4 месеци 3 недели 2 дена“ (2007) на Кристијан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија.
Членовите на комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм, според Статутот на Друштвото на филмските работници на Македонија, ги избира претседателот на друштвото, Игор Иванов, а изборот на членови го одобрува Американската академија за подвижни слики, уметност и наука (Academy of Motion Picture Arts and Sciences – AMPAS).
Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм од самото осамостојување на Република Македонија кога од Американската академија за подвижни слики (AMPAS) беше препознаено како единствена релевантна институција за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата.
96. церемонија за доделување на „Оскарите“ ќе се одржи на 10 март 2024 година во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасков
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасков.
-Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!, наведуваат од Драмски театар.
Манасков е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.

