Македонија
(Видео) Спасовски и Бала од Тирана: Наши заеднички цели се безбедноста на граѓаните и европски институции
Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Тирана, Република Албанија по повод учеството на Конференција на министри за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес, оствари работна средба со албанскиот колега, министерот за внатрешни работи Таулант Бала.
На средбата двајцата соговорници изразија задоволство од реализирањето на оваа нивна прва средба, при што министерот Спасовски му честиташе на колегата Бала за назначувањето на функцијата министер за внатрешни работи на Република Албанија, со желби за успех, на личен и професионален план.
Истакнувајќи дека токму Министерската Конференција во рамки на Берлински процес во Тирана е добар старт за продлабочување на веќе успешната соработката помеѓу МВР на Република Северна Македонија и МВР на Република Албанија, министерот Спасовски рече:
„Преку заложбите за подобрување на добрососедските односи и регионалната соработка, особено на полето на прекуграничната соработка, како и успешното спроведување на имплементациските Протоколи на Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ, како и заедничкото учество во Регионалните иницијативи, можам да кажам дека соработката помеѓу граничните полиции на двете држави е континуирана. Пред се’ преку редовно одржување состаноци, размена на искуства и добри пракси и корисни информации за подобрување на ефикасноста на граничното управување, спречување на илегални миграции и сите форми на прекуграничен криминал, како и вклучување на други релевантни служби со цел соодветен пристап и постапување. А, како резултат на добрата соработка на надлежните служби на двете земји, се помогна во истрага на потешки кривични дела, од типот на убиства, разбојништва и тешки кражби“, истакна министерот Спасовски.
Во оваа прилика беше изнајден одговор на потребите на македонската заедница во Голобрдо којашто лани во ноември изрази интерес за изнаоѓање начин за продолжување на работното време на Граничниот премин Џепиште – Требиште, кој е од локален карактер и не работи постојано. Така, во голема мерка би се подобриле условите за живот на локалното население, како што беше решен проблемот со електрична енергија на истиот граничен премин.

Имено, на денешната средба двајцата министри се договорија да започнат подготовките од двете страни кои ќе значат позитивен одговор на барањата на македонската заедница во Албанија. Воедно, двајцата министри се согласија дека е постигнат значаен напредок, а потврдија дека и во иднина ќе се интензивираат сите активности коишто веќе се отпочнати, со несмален интензитет ќе започнуваат и нови, кои ги отвораат европските перспективи на граѓаните и на регионот.
Министрите Спасовски и Бала потенцираа дека заеднички цели им се безбедноста и сигурноста на граѓаните, владеењето на правото и европски институции.
Во таа насока и министерот Спасовски посака успешна реализација и плодна дебата на Конференцијата на министри за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.

