Македонија
Левица: Братот на пиштолџијата Kока ќе го спасува МЕПСО од скандалите во работењето
„Со поставувањето на Зуди Енузи Кока, брат на пиштолџијата Цуфи Кока, за директор на АД МЕПСО, едно од најголемите и најзначајни претпријатија во државна сопственост, продолжија меѓупартиските ценкања и поткусурувања меѓу ненародната предавничка влада на СДС и ДУИ, од една страна, и нивниот помал приврзок – Алијанса на Албанците, од друга. Иако Кока нема ниту еден ден искуство во енергетиката, тоа не беше проблем ненародната влада да го постави за директор на АД МЕПСО“, велат од Левица.
„Поразува и фактот што АА од една страна тврди дека за разлика од ДУИ сака да понуди нова вредност, а се согласува, дури и инсистира, нејзините кадри да бидат третирани и да ги уживаат истите привилегии како и кадрите од СДС и ДУИ.
Потсетуваме дека работењето на МЕПСО постојано го следат скандали. Последен во низата е одлуката да „репрограмираат” долг од 14 милиони евра на приватни бизниси, меѓу кои е и фирмата „У ПОВЕР“ ДОО експорт-импорт Скопје, во сопственост на синот на фракционерот во ДУИ Муса Џафери. Во досегашната работа на МЕПСО, ова е прв случај да се одобри репрограмирање на долг на должник, иако имало вакви барања на должници и во минатото“, соопштува Левица.
„Исто така, додека со Мепсо раководеше кадарот на ДУИ, Куштрим Рамадани, бевме дисциплинирани од страна на Европската мрежа на систем оператори, како држава која го нарушува европскиот систем за пренос на електрична енергија. Поради овој скандал, МЕПСО за еден месец плати 15 милиони евра поради недозволеното преземање од европската мрежа. За расипничкото трошење на парите на граѓаните во време кога струјата поскапува, повторно одговорност немаше.
Левица прашува: До кога есенцијалните општествени и државни компании ќе бидат жртва на несериозност, партиски пазарења, импровизации, непрофесионалност и криминал? До кога, наместо народни и граѓански, ќе бидат третирани како ничија сопственост или сопственост на партиите кои се на власт?
Политичката партија Левица повикува на итни и вонредни парламентарни избори, поради изгубениот легитимитет на оваа владина коалиција, која е главен генератор на криминалот и корупција во секоја општествена сфера на живеење и која нема никаков капацитет и стратегија да ги реши клучните проблеми кои секојдневно го уназадуваат македонското општество“, се додава во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

