Македонија
Отворен нов центар за дневен престој на деца со попреченост во Струмица
Од денеска во Струмица и официјално почнува да работи новиот центар за дневен престој на деца со попреченост. Во центарот за децата со попреченост ќе се спроведуваат разновидни активности, како и услуги со индивидуален третман. Услугите ќе ги спроведува здружението за поддршка во развојот и специјална едукација и рехабилитација на децата – „Едупрактика“, која заедно со Општина Струмица доби грант за развој на оваа услуга, извести МТСП.
Центарот е наменет за вкупно 44 корисници – деца со попреченост од 3 до 14 години. Од нив, односно 24 деца ќе може да ги користат услугите за дневен престој, а другите ќе имаат можност за индивидуален третман. Активностите во дневниот престој и индивидуалните третмани ќе ги спроведуваат тим од 10 вработени, составен од стручен персонал и негуватели.
Инклузијата и поддршката на родителите на деца со попреченост се еден од клучните темели на социјалната реформа, а центарот е во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светската банка. Овој центар е трет од ваков тип што се отвора во рамките на споменатиот проект. Дозволата за вршење дејност од социјална заштита на здружението за поддршка во развојот и специјална едукација и рехабилитација на децата – „Едупрактика“ им ја додели министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која во оваа пригода истакна: „Навистина се охрабрувачки пораките од родителите на децата со попреченост што ги посетуваат центрите и значаен е напредокот што го забележуваат кај своите деца. Посветеноста на стручниот персонал, обезбедувањето индивидуален третман во согласност со потребите на дечињата им овозможува полесно вклучување во образовниот процес. Нашата заложба како Влада и како Министерство е овозможување услови и можности за децата со попреченост, со што ќе им помогнеме на родителите, на децата и на заедницата. За мене, секој новоотворен центар за дневен престој на лица со попреченост претставува чекор кон остварување на таа заложба“.

Соработката со општините и нивната улога во препознавањето и дефинирањето на потребите на локалната заедница е клучниот аспект за успешни резултати на социјалната реформа. Исто така, од исклучителна важност е и вклучувањето на организации како даватели на услуги, кои заеднички со општините аплицираат за грант за развој на социјални услуги на локално ниво. Таков е случајот и со Општина Струмица и со здружението „Едупрактика“, кои заеднички аплицираа и добија поддршка за развој на оваа социјална услуга, која ќе одговори на потребите на граѓаните и ќе придонесе кон подобрување на развојот на децата со попреченост и нивна инклузија.
Од здружението „Едупрактика“ истакнуваат дека овој тип на центри во кои се предвидени комбинирани услуги, односно дневен престој за децата, како и индивидуални третмани што ги спроведуваат стручни лица, значајно го подобруваат напредокот на децата со попреченост и придонесуваат кон нивна социјализација и инклузија.
Инаку, во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги досега се поддржани разновидни услуги над 34 проекти што се спроведуваат во 41 општина. Покрај центарот за дневен престој за деца со попреченост, се обезбедуваат и услуги за помош и нега на стари лица во домот, дневни центри за стари лица и центри за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост. За давање на услугите засега се обучени 300 лица, а ќе бидат опфатени повеќе од 1.200 корисници, соопшти МТСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

