Македонија
Аеромитинг на Стенковец по повод 100 години македонска авијација

На спортскиот аеродром во скопски Стенковец, денеска ќе се одржи голем аеромитинг по повод одбележување на јубилејот „100 години македонска авијација“, за чиј почеток се смета основањето на Аероклубот Скопје во далечната 1923 година.
Како што информираат од аероклубот во Стенковец, за настанот на кој ќе присуствуваат владини претставници и гости од земјата и регионот, подготвена е богата програма во која ќе учествуваат над 30 различни воздухоплови од земјава и странство како и падобранци од нашата земја и од пријатели на клубот од целиот регион.
Вратите за посетители ќе бидат отворени во 9 часот, а официјалната програма почнува во 11 часот.
Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации, најавуваат организаторите.
Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција, а посебна атракција ќе приредат двата суперсонични пресретнувачи МИГ-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така ќе биде дел од големиот Аеромитинг.
Влезот на аеромитингот ќе биде бесплатен за посетителите, но, бидејќи паркинг-местата се ограничени, на посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси кои тргнуваат во 8.30 часот, од пет локации во Скопје: Автокоманда кај ЈСП, Транспортен центар, Ѓорче Петров кај пазарот на вториот кружен тек, Бутел кај Еделпром и салата Борис Трајковски. Автобусите ќе возат во двата правци до 19 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Граѓаните плаќаат за чиста средина, а не за депонии и ѓубришта: Митески најави кривична против ЈП „Комунална хигиена“доколку не реагира за отпадот

Комуналните служби на Општина Аеродром само денеска собраа над 10 тони отпад (50м3) кои завршија во „Дрисла“, соопшти в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
„Ова не е еднократна акција – ова е наша секојдневна работа. Нашите општински служби се на терен, додека Градското комунално претпријатие кое треба да ја изврши оваа работа, е неажурно и немо. Доста е“.
Граѓаните, додава тој, плаќаат за чиста и уредна средина, а не за депонии и ѓубришта. Напоменува дека никој нема право да го загрозува здравјето и иднината на децата.
„Од утре продолжуваме уште поинтензивно.
Ако нема веднаш реакција од ЈП „Комунална хигиена“, како градоначалник ќе поднесам кривична пријава за загрозување на животната средина согласно член 218 од Кривичниот законик, и секојдневно ќе барам постапување од Обвинителството и МВР“, објави Митески.
Ова, како што истакна, не е политика, туку прашање на достоинство, здравје и иднина.
Македонија
Мицкоски: Народот е обединет и сплотен, не очекува убедлива победа за подобро и поубаво Сопиште

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на промоцијата на кандидатурата на Јане Мицевски за градоначалник на Општина Сопиште, како и на кандидатите за советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Народот е обединет и сплотен, не очекува убедлива победа за подобро и поубаво Сопиште.
Ветуваме реализација на многу проекти кои ќе ја подобрат инфраструктурата, ќе создадат нови можности за младите и ќе придонесат за економски развој и модернизација на општината. Заедно, со посветеност и транспарентност, ќе изградиме Сопиште какво што сите го посакуваме.
Јане Мицевски е вистинскиот избор за Сопиште“, објави Мицкоски.
Македонија
Николоски во Атина: во фокусот економската соработка меѓу двете земји и подобро регионално поврзување

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во дводневна работна посета на Атина, каде ќе оствари работни средби со високи претставници на Владата на Грција.
Во рамки на посетата, планирана е средба со вицепремиерот Костис Катзидакис, министерот за инфраструктура и транспорт Христос Димас, како и со алтернативниот министер за инфраструктура и член на Парламентот, Константинос Киранакис.
Исто така предвидена е средба и со менаџментот на пристаништето Пиреа.
На средбите предвидено е да се разговара за економската соработка меѓу двете земји, како и за подобро регионално поврзување.
Ќе се разговара и за изградбата на брзата пруга на коридорот 10, што многу ќе приоднесе за развој на трговијата и размената меѓу двете држави, а ќе преставува и главен крвоток за поврзување на грчките пристаништа со Централна Европа.
Во рамки на средбите планирано е да се отворат теми за унапредување на сообраќајот на Коридор 10 и 10 -д, зголемување на ефикасноста во патниот и железничкиот транспорт, за промовирање на ависообраќајот, како и унапредување на регионалната соработка.