Македонија
Нов граѓански протест против состојбите во здравството: Не е скандал само Онкологија
Во понеделник во 18 часот пред Владата ќе започне уште еден протест против начинот на кој се води случајот со Клиниката за онкологија. Протестот од Влада ќе продолжи пред Зградата на ОЈО каде ќе се бара судска разрешница за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија, но и за обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово.
– Скорешните измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку ние тоа не го дозволиме, велат од граѓанската иницијатива.
Протестот в понеделник е организиран поради новиот скандал врзан со немањето евиденција на Клиниката за онкологија за починатите пациенти во домашни услови и требување на лекови за црн пазар, наместо за пациентите.
Клиниката за онкологија ги води како живи пациентите кои некогаш се лекувале таму, а потоа починале во домашни услови, објаснуваат од иницијативата и велат дека причината за ова е постоењето на два системи кои ја организираат работата со пациентите: „Мој термин“ и „УЛТРА“, но во ниту еден од нив не била регистрирана смртта на пациентите пуштени на домашно лекување.
– Системот „УЛТРА“ е местото каде се заведува каков лек примил секој пациент и по однос на заведеното се прават требувањата од одделот до аптеката. Согласно ова, за пациенти кои се починати дури и пред десеттина години, на нивното досие во „УЛТРА“ почнувале да се лекуваат други пациенти. Ако се земе предвид дека овој пропуст постои уште од првиот ден кога е воспоставен овој систем, и за проблемите и пропустите во истиот знаат од директорите на Онкологија до сите министри за здравство изминативе години, тогаш нема сомневање дека системскиот пропуст е намерен, велат организаторите на протестот.
Тие бараат брза и ефикасна правна разрешница и одговорност од сите што биле и се инволвирани во злоупотребите за кои биле користени лични податоци од починати лица.
Бидејќи барањето ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела не е исполнето, граѓанската група најавува интензивирање на протестите. Тие бараат истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев, како и проширување на истрагата на работата на Детска онкологија, а да се направи целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија.
Освен за скандалот со Онкологија, граѓанската група бара обелоденување на инфорамциите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово и одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

