Македонија
Шансите за американска виза ви се нула ако сте од Микронезија – одбиени македонски баратели се 26 отсто
На официјалната веб-страница на американскиот Стејт департмент се објавени податоци за процентот на одбиени барања за виза за САД во 2022 година. Во објавената статистиката по држави од кои се примени барањата, се наведува дека лани биле одбиени 26,29 отсто од барањата од апликанти од Република Северна Македонија.
Во официјалниот документ се наведува дека речиси 20 отсто барања за виза за САД биле одбиени од Босна и Херцеговина, 5,56 отсто од Хрватска, 13, 47 отсто од Словенија, 19,45 отсто од Србија, 17, 93 од Косово, 27,55 од Албанија и 34 отсто од Црна Гора.
На објавениот список има и земји со нула проценти односно на оние на кои не им било одбиено ниту едно барање или дури не побарале виза. Тоа се Андора, Сан Марино, Северна Кореја, Монако и Маршалските Острови.
Од барањата за виза за САД биле одбиени и 3,66 отсто од Аргентина, Австрија– 6,97 отсто, Барбадос 6,55 отсто, Брунеи 5,41 отсто, Швајцарија 3, 05 отсто, Папуа Нова Гвинеја 4,93 отсто, Гватемала 5,45 отсто, Исланд 3, 24 отсто, Израел 2,27 отсто, Тајван 4,56 отсто.
Единствената земја на која се одбиени сите барања за американска виза е Микронезија со 100 отсто, а потоа следи Мавританија со 89 отсто.
Меѓу земјите со висок процент на одбиени визи се Сенегал со 66 отсто, Авганистан 52 отсто, Бурунди 69 отсто, Канада 58 отсто, Чад 69 отсто, Куба 56 отсто, Џибути 74 отсто, Науру 66 отсто, Гвинеја Бисао 61 отсто, Иран 54 отсто, Руанда 62 отсто, Јемен 56 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Системот за видеонадзор на сообраќајниците „Безбеден град“ е поставен во Скопје, Куманово и Тетово
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работна средба на Единицата за оперативно-технички работи при Бирото за јавна безбедност во чија надлежност е системот за видеонадзор на сообраќајниците познат како “Безбеден град“.
Во рамки на посетата министерот беше запознаен со работата на оваа организациска единица, тековните активности и проблеми од делокругот на нивната работа.
„Во тој контекст беше истакнато дека во моментот ваков систем е поставен само во Скопје, Куманово и Тетово, има недостаток на покриеност на многу значајни крстосници, а голем дел од камерите и опремата која се користи во овој систем е технички застарена, а дел и неисправна. Исто така бев информиран за наградбата на системот која е во тек, а која опфаќа замена на постојните камери со нови и проширување на системот со нови камери на точки кои досега не беа покриени. Водено, во фаза на тестирање е системот за автоматско евидентирање на сообраќајни прекршоци за чие целосно ставање во функција потребно е да се направат и соодветни законски измени“, издвои министерот Тошковски од средбата и додаде:
Во иднина треба во континуитет да се инвестира во овој дел, да се прошири и во другите градови низ државата, како и да се распредели дополнителен кадар со цел оваа организациска единица да работи непречено во текот на 24 часа, бидејќи е од круцијално значење за обезбедување на поволна безбедносна состојба.
Македонија
24 Мај – Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј е неработен ден за сите граѓани
Министерството за труд и социјална политика соопштува дека во согласност со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр. 21/98 и 18/07), 24 мај 2024 година (петок), Св. Кирил и Методиј – Денот на сесловенските просветители – е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на сите граѓани во Република Северна Македонија им го честита празникот Св. Кирил и Методиј – Денот на сесловенските просветители.
Македонија
Мицкоски – Дрекслер: Заложбите на владата на ВМРО-ДПМНЕ се евроинтеграциите, забрзан економски развој и борбата против криминалот и корупцијата
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Тимчо Муцунски оствари средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.
На средбата претседателот Мицкоски ги презентира заложбите што ВМРО-ДПМНЕ како идна влада ќе ги има, а тоа се евроинтеграциите, забрзан економски развој и борбата против криминалот и корупцијата.
„Потребно е Македонија да се стави на брза лента кон ЕУ, но и засилено да се забрза економскиот развој и да се подобри животниот стандард на граѓаните. Борбата против криминалот и корупцијата се клучни бидејќи Владата на СДС и ДУИ ја деградира државата по сите основи, а најмногу на тоа поле. ВМРО-ДПМНЕ ќе работи за сите граѓани на државата, а не како СДС и ДУИ до сега“, рече Мицкоски.