Македонија
Левица: Бугарската медиумска пропаганда засилено пенетрира во Македонија!

Левица во континуитет стручно елаборира за последиците кои ќе се случат со внесувањето на Бугарите во Преамбулата. Тоа поаѓа од македонскиот устав, кој е етнички (а не граѓански устав) и предвидува низа обврски, кои се во опсег од право на образование на својот јазик и писмо, преку основање на национални установи за унапредувањето на културата и финансирање на проекти од културата, па се до право на програма на Македонската Радио Телевизија и отворање на медиуми на бугарски јазик.
Во меѓувреме, бугарската фондација „Македонија“, предводена од докажаниот анти-македонист Виктор Стојанов, нуди бесплатно емитување на бугарски телевизиски канали во македонскиот етер и ги повикува сите заинтересирани да се пријават за доделување уреди за нивните смарт телевизори и таблети за да можат да ги следат бугарските канали.
Ова е продолжување на кампањата на Бугарија за медиумско присуство во Македонија и отворање на нови онлајн медиуми, а оваа таканаречена фондација е позната и по тоа што делеше примероци на „Голяма българска читанка“ на Кузман Шапкарев во населбата Аеродром во Скопје. Потсетуваме дека македонската телевизија во Бугарија и натаму е забранета!
Ваквото „влегување“ на бугарски телевизии, пренесување програми синхронизирани на бугарски јазик од домашните оператори, го оценуваме како класичен обид за пенетрирање на бугарската пропаганда во Македонија.
Во меѓувреме, бројот на лажни профили и бугарски фејсбук страници кои објавуваат бугарски пропаганден материја е драстично зголемен. Истото се однесува и на промената на историските статии на Википедија од страна на бугарската асимилаторска политика, но и на разните google сервиси кои најпрвин ви даваат опција на бугарски јазик.
Сето ова се користи како кампања за негирање на македонската нација и нејзината посебност, како и ревидирање на историјата по теркот на врховистичката пропаганда.
Затоа Левица во континуитет повикува дека потребен е итен прекин на преговорите со Бугарија, наместо замајување на јавноста дека може да се преговара под подобри услови. Оваа теза која ја застапува ДПМНЕ е крајно погубна и штетна за националните интереси, затоа што било каков исход со официјална Софија ќе биде пораз за Македонците.
Не може и не смее да се преговара со оние кои беа поразени во Втората светска војна – како дел од фашистичкото зло! – се вели во соопштението од политичката партија Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обвиение за омраза кон директорот на Фондот на Холокаустот на Евреите во Македонија: Извикувал нацистички поздрави и пцуел на германски јазик

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице за кривично дело предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Во спроведената претходна постапка, јавниот обвинител обезбеди докази со кои се потврдува основаноста на сомненијата дека обвинетиот го извршил делото кон припадник на еврејската заедница – директор на Фондот на Холокаустот на Евреите во Македонија.
На 26.12.2024 година, пред просториите на Фондот на улицата „11-ти Март“ во Скопје, додека оштетениот ги извршувал своите работни задачи, пред влезот поминал обвинетиот кој бил агресивен. Тој со гнев и омраза го свртел погледот кон оштетениот и започнал да гестикулира и да извикува нацистички поздрави, да пцуе и да упатува навредливи зборови на германски јазик.
Потоа се обидел да замине, но оштетениот веднаш пристапил кон полициското возило во близина и го пријавил. Кога полициските службеници му пристапиле на обвинетиот 59-годишник за да го легитимираат, тој продолжил да се заканува, па оштетениот почувствувал загрозување, несигурност и страв и се повлекол во просториите на музејот.
Македонија
Искршен штаб на СДСМ во Градско, партијата бара Тошковски веднаш да постапи

Синоќа се искршени стаклата на изборниот штаб на СДСМ во Градско. Според партијата, овој насилнички и вандалски чин го покажува стравот на власта од изборен пораз во Градско.
„Бидејќи нема што да им понуди на граѓаните ДПМНЕ прибегнува кон валкани методи и кршење на демократските стандарди. СДСМ порачува дека било какви обиди за заплашување на граѓаните или членовите се јалови и неуспешни. Му порачуваме на ДПМНЕ дека никој не им се плаши. Ги повикуваме јавно, барем еднаш, истрчајте чиста изборна трка, без подметнувања, без инциденти“, велат од СДСМ.
Од партијата бараат МВР и Панче Тошковски да не ги штитат насилниците, туку веднаш да постапат, без партиски директиви МВР да го расчисти случајот до крај и сторителите да одговараат.
„СДСМ ќе продолжи достоинствено, мирно и храбро да ја води кампањата затоа што оваа борба е за нашата држава, за нашиот дом, за Македонија. Од народната волја бегање нема а изборен пораз не се брани со камења, тоа досега требаше да го научите“, велат од СДСМ.
Македонија
Од почетокот на годинава 18.458 казни за возење без возачка дозвола

Во периодот од 1 јануари до 30 септември во рамки на континуираните полициски активности во делот на сообраќајот во сите Сектори за внатрешни работи, вклучително и активностите на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, санкционирани се 18.458 возачи кои учествувале во сообраќајот без возачка дозвола.
Притоа најмногу вакви прекршоци се евидентирани на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Струмица и Скопје, 3.275 и 3.202 прекршоци, понатаму на територија на СВР Битола санкционирани се 2.811 возачи за возење без возачка дозвола, на подрачје на СВР Тетово изречени се 2.086 мерки, а во СВР Куманово санкционирани се 1.660 возачи за управување без возачка дозвола.
Во првата недела од октомври, односно заклучно со 07.10.2025 година во рамки на сообраќајните контроли досега констатирани се 373 прекршоци за учество во сообраќај без возачка дозвола.
„Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа сите да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта за сите нас“, велат од МВР.