Македонија
Претседателот Пендаровски ја предводи државната делегација на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации
Претседателот Стево Пендаровски, од денеска до 22 септември 2023 година, ќе ја предводи државната делегација на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Претседателот Пендаровски на 22 септември 2023 година, петок, ќе се обрати на генералната дебата на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, што се одржува на тема „Обнова на довербата и повторно стартување на глобалната солидарност: Забрзување на акцијата за Агендата 2030 и нејзините цели за одржлив развој кон мир, просперитет, напредок и одржливост за сите“, известуваат од претседателскиот кабинет.
Во рамките на учеството на Генералното собрание на ОН предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на која претседателот Пендаровски ќе ја одликува Организацијата на Обединетите нации со Орден на Република Северна Македонија и ќе му го врачи одликувањето на генералниот секретар Гутереш.
Претседателот Пендаровски ќе има свое обраќање пред Советот за безбедност на отворената дебата на тема: „Одржување на целите и принципите на Повелбата на ОН преку ефективен мултилатерализам: одржување на мирот и безбедноста на Украина“.
Тој ќе присуствува на отворањето на политичкиот форум на високо ниво за одржлив развој под покровителство на Генералното Собрание и ќе се обрати на лидерскиот дијалог „Зголемување на активностите на клучните транзиции за да се забрза напредокот на целите за одржлив развој“.
За време на учеството на Генералното собрание на ОН, претседателот Пендаровски ќе оствари билатерални средби со шефови на држави, учесници на Генералното собрание.
Во состав на македонската државна делегација се заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
За време на работната посета на САД, претседателот Пендаровски ќе го посети Њу Џерси, каде што е предвидено да оствари средби со претставници на македонската заедница, а ќе го посети и Чикаго, каде што ќе присуствува на хуманитарната гала-вечера „Патишта кон просперитет“, во организација на бордот на директори на „Македонија 2025“ и ќе го одликува главниот извршен директор на „Боинг“, Дејвид Л. Калхун, со орден „8 Септември“.
За време на работната посета на САД, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

