Македонија
Напади врз Бугари и клубови, етикетирање на Бугарите како фашисти – Европската комисија против расизам со извештај за Македонија
Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) при Советот на Европа го објави својот извештај за Македонија, притоа во делот говор на омраза се осврна на етничките Бугари.
ЕКРИ во извештајот наведува дека бугарските соговорници се жалат на антибугарскиот говор во Македонија, а како типичен стереотип го навеле етикетирањето на сите Бугари како фашисти, но и прикажувањето на Бугарките како евтини проститутки.

ЕКРИ понатаму, како загрижувачки елемент ги оценува, како што се наведува, неколкуте напади врз лица што себеси се идентификуваат како Бугари и врз бугарски културни центри, со оглед на чекорите на властите за укинување на регистрацијата или распуштање некои постојни бугарски културни здруженија.
Се наведува дека бил предизвикан инцидент во клубот „Иван Михајлов“ во Битола од страна на пејач, кој потоа бил ангажиран да настапи на локална прослава. Во извештајот влезе и клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, односно инцидентот со употреба на огнено оружје.

Извештајот говори дека во ЕКРИ се свесни дека имињата на Иван Михајлв и Цар Борис Трети се контроверзни и провокативни, но со загриженост забележува дека во март 2023 година Централниот регистар на Северна Македонија го одби барањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид да го задржи своето име и дека го избриша од регистарот бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Во делот говор на омраза, покрај Бугарите, забелешки има и за односот кон ЛГБТИ-заедницата и Ромите. Се наведува дека недостига сеопфатна студија за дискриминација против ЛГБТИ-лицата или законска рамка за признавање истополови врски или адресирање промена на полот. Документот посочува дека многу Роми сè уште се соочуваат со тешка состојба со домувањето, како и дека стапката на опфатеност на ромските деца во образовниот систем и натаму е пониска во однос на онаа на припадниците на другите етнички заедници, особено кога станува збор за средното образование. Говор на омраза се регистрира и во секојдневната интеракција меѓу Македонците и Албанците.
Меѓу позитивните работи во извештајот посочено е формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Извештајот наведува и дека новиот Закон за спречување и заштита од дискриминацијата ги вклучува и сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита, како и дека Министерството за труд и социјална политика обезбедило финансиска поддршка за националната СОС-линија за помош на припадниците на ЛГБТИ-заедницата. Постигнување е и достигнувањето и подготовката и усвојувањето на новата стратегија за вклучување на Ромите 2022-2030 од страна на Владата.
ЕКРИ претходно објави извештај за Македонија во јуни 2016 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прекин на товарниот сообраќај на граничните премини, МВР ќе обезбеди непречен сообраќај за патничките возила и автобусите
Министерството за внатрешни работи – Оддел за гранични работи и миграција ја информира јавноста дека до Министерството за внатрешни работи е доставена најава за одржување на јавен протест од страна на асоцијацијата „Макам-транс“, кој е најавен да започне денеска (26.01.2026) од 12:00 часот. Според доставената најава, протестот е планиран да се реализира на следните гранични премини: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.
Протестот ќе се манифестира со ограничување на сообраќајот за товарни моторни возила, односно со затворање на коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено на сите гранични премини. Според најавата на организаторот, протестот е предвидено да трае до седум дена, со можност да биде прекинат и порано, доколку во меѓувреме дојде до надминување на причините поради кои е организиран.
Министерството за внатрешни работи, во согласност со своите законски надлежности, ќе преземе соодветни мерки и активности за одржување на јавниот ред и мир, како и за обезбедување на безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.
МВР апелира до граѓаните и до превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини, да ја следат официјалната комуникација и, доколку е потребно, да користат алтернативни гранични премини.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка, денеска температурата до 13 степени
Утрово најстудено било на Попова Шапка каде што се измерени 0 степени, 2 Лазарополе, Маврови Анови, 3 Тетово, Kрушево, 4 Прилеп, Претор, 6 Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Велес, Кавардарци, 7 Скопје-Петровец, Битола, 8 Берово, Крива Паланка, 9 Струмица, Виница, 10 Гевгелија, 11 Штип, Демир Капија.
Наврнат воден талог за изминатите 24 часа(во л/м2)
7 Попова Шапка, 5 Демир Капија, Гевгелија, 4 Тетово, Лазарополе, Пожар, Ѓуриште, Пожаране, 3 Охрид, Тополчаани, 2 Велес, Маврови Анови, 1 Скопје-Зајчев Рид, Битола, Берово, Кавардарци, Прилеп, Виница, Струмица.
Висина на снежна покривка до 07 часот (во cm)
30 Попова Шапка, 6 Маврови Анови.
Времето денеска
Облачно со повремени врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во централните и источните делови (над 30л/м2) проследени со ретки грмежи. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Максималната температура ќе достигне до 10 степени.
Македонија
150 минимални плати чинат часовниците на Мицкоски, велат од СДСМ
„Премиерот Христијан Мицкоски се најде на врвот на листата на политичари од земји членки на НАТО со најскапи часовници“, велат од СДСМ.
„Тоа што се најде на листата на државници со НАТО членки е благодарение на сериозната државничка политика на СДСМ, која се грижеше за интересите на Македонија, а не за лични интереси и купување скапи часовници. Да се прашуваше Мицко тогаш, денес ќе бевме руска провинција или кинеска колонија а не НАТО членка.

Согласно анкетниот лист за имотната состојба, Мицкоски има колекција од часовници вредни 60.000 евра.
Во Македонија минималната плата изнесува 396 евра, што значи дека часовниците на Мицкоски чинат колку 150 минимални плати.
Дванаесет години треба македонскиот работник да работи за да заработи толку пари колку што чинат часовниците на Мицкоски. 150 минимални плати! Без притоа за ништо друго да не троши пари.
Ова ли е четвртата економија во Европа како што вели Мицкоски?
Ова покажува „колку е саат“ во Македонија и за што се грижи владата. Македонија има најниска минимална плата во Европа. Во Црна Гора минималната плата е 600 евра, во Србија од 505-580 евра, во БиХ 525 евра, во Албанија 444 евра.
Додека македонските работници молат за леб Владата на Мицкоски им вели дека нема пари за поголеми плати. А доаѓањето на „економските работници“ кои веќе ги гледаме значи дека поголеми плати нема да има.
Пари има за скапи саати, тендери, нов авион, за туристички патувања како она во Давос, нема само пари за работниците. Тое е политиката на Мицкоски“, соопштуваат од СДСМ.

