Соопштенија
Возилата на БРАКО на саем во Бирмингем – закажани голем број презентации во повеќе британски општини

Софистицираните возила за чистење надворешни површини од брендот Грин Машинс, кои се произведуваат во фабриката на БРАКО во Велес беа изложени на Саемот за управување со ресурси и со отпад, кој се одржа во Бирмингем во Велика Британија (Resource & Waste Мanagement Еxpo – RWME).
„Брако и Грин Машинс се традиционално дел од оваа светски позната манифестација. Оваа година ги претставивме електричните модели 400 ZE и 500 ZE, како и унапредениот дизел модел 636 stage V. Закажавме презентации во повеќе британски општини, така што до крајот на годинава многу потенцијални корисници ќе имаат можност за директно запознавање со можностите и бенефитите од употребата на возилата од брендот „Грин Машинс“. Особен интерес привлече електричниот модел 400 ZE, кој се издвојува со иновативниот систем за рециркулација на воздухот“, посочува Благој Шалев, извршен директор на БРАКО, кој присуствуваше на саемот.
Посетителите на саемот беа информирани дека Грин Машинс не само што продава возила, туку нуди и нивно сервисирање и комплетно одржување преку повеќегодишни сервисни договори.
Шалев ги сподели и импресиите од средбите со претставници на локални власти и компании кои веќе се корисници на возилата на БРАКО.
„Имавме и одличен фидбек од општини и компании кои веќе ги користат нашите модели пришто ги истакнаа и придобивките од досегашното користење на моделите 500 ZE и 636 stage V, кои се сертифицирани за меѓународен квалитет од страна на меѓународното сертификационо тело TUV, со седиште во Германија. Велат дека возилата се ефикасни, ефективни и се токму она што им е потребно за да нивните јавни површини бидат кристално чисти, а притоа животната средина не се загадува со издувни гасови“.
На годинешното издание на саемот во Бирмингем „Грин Машинс“, заедно со уште други 500 изложувачи презентираа високотехнолошки решенија ,споделувајќи искуства и знаења за позитивните промени во животната средина.
Саемот е еден од врвните европски настани посветени на животната средина и еколошките услуги како платформа за забрзување на промените кон поодржливо општество.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Мециновиќ: Среќен сум со текот на кампањата и сè поверојатно е дека влегуваме во втор круг

Вчеравечер, во рамките на своите народни средби во Аеродром, Центар и Кисела Вода, кандидатотот за градоначалник на Скопје од партијата Левица, Амар Мециновиќ презентираше дел од програмата #СкопјеСЕГА и повторно потсети дека досега се третирале симптомите, наместо изворите на аерозагадувањето.
„Град Скопје го посочува прстот кон сиромашните, како тие да се виновни, наместо да работи на санкционирање на вистинските загадувачи. Мора да се зголеми бројот на инспекторите за животна средина, да се опремат со дронови за поефикасна работа на терен и да се унапреди соработката со Министерството за животна средина,“ истакна Мециновиќ.
Тој информираше дека градот, поради актуелната регулатива, нема надлежност без Министерството да врши инспекциски надзори над индустриските загадувачи, кои се најголем извор на аерозагадување.
Мециновиќ додаде: „Повторно ќе истакнам дека со решавање на проблемот со јавниот транспорт – кој, патем, е главен фокус во нашата програма, ќе се реши поголем дел од проблемите во Скопје, вклучително и аерозагадувањето.“
„Среќен сум со текот на кампањата и сè поверојатно е дека влегуваме во втор круг“ – заврши Мециновиќ.
Соопштенија
Тоневски: Во наредните 4 години ќе инвестираме во патната инфраструктура во Пробиштип

Патната инфраструктура е област во која никогаш нема крај, секогаш има потреба од изградба и реконструкција на уште една улица, секогаш има потреба од нови тротоари како на улицата „28 август“, „Партизанска“, на „Браќа Миладиновци“, на улицата „Кочо Рацин“ и на многу други локации, рече Тони Тоневски, кандидат за градоначалник на општина Пробиштип од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но Пробиштип не е само градот, во наредните 4 години ќе инвестираме во секое населено место. Асфалтерките ќе стигнат до секоја населба и секое село. Ќе го изградиме патот до Јамиште, Шталковица, Пестришино, Близанци, Кундино, Костомар, Горни Стубол. Ќе го прошириме и реконструираме патот до Свети Николе, преку Неокази и Мечкуевци, за да добиеме вистински регионален пат каков што доликува на нашата општина. На сите жители ќе им овозможиме нормален и безбеден пристап до нивните домови и села. Заборавени места повеќе нема да има. Направете го вистинскиот избор, за тебе за твоето место, за твојата иднина“, рече тој.
Соопштенија
Ливриниќ: Визбегово како уредна и поврзана населба со нови тротоари, градинка и мини плоштад

Кандидатката за градоначалник на Општина Бутел од СДСМ, Оливера Ливриниќ, оствари средби со жителите на населбата Визбегово, каде што разговараше за секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и ги претстави приоритетните мерки од својата програма за овој дел од општината.
„Во Визбегово кога врне и кога не врне е исто – тротоари немаме. Тоа мора да се промени. Мој приоритет ќе биде изградба на тротоари на сите улици и асфалтирање на улиците и нивните краци, за да имаме уредна и безбедна населба. Планираме и поставување лежечки полицајци на повеќе локации за да ја зголемиме безбедноста на пешаците“, истакна Ливриниќ.
Таа додаде дека грижата за животната средина и за животните мора да биде дел од локалната политика, најавувајќи изградба на стационар за кучиња и програми за уредување на јавните површини.
Како дел од визијата за поквалитетен живот, Ливриниќ најави и мини плоштад во центарот на населбата, опремен со урбана опрема – простор за дружење, културни настани и заедништво на жителите.
„Старото училиште ќе добие нова функција – детска градинка. Визбегово заслужува современ и безбеден простор за нашите најмали“, додаде таа.
Ливриниќ рече дека во соработка со Град Скопје, ќе биде воведена и нова автобуска линија Радишани – Визбегово – Карпош, со што ќе се подобри поврзаноста и ќе се намали сообраќајниот метеж.
„Визбегово ќе го направиме пример за тоа како една населба може да биде уредна, безбедна и пријатна за живеење. Ова не се ветувања, туку план кој заедно со жителите ќе го спроведеме“, порача Оливера Ливриниќ.