Црна хроника
Тинејџер со украдено возило усмртил жена на тротоар во Скопје и побегнал
Обвинителството бара притвор за 18-годишник од Скопје кој на 30 август во период од половина час украл автомобил, прегазил пешак и избегал од местото на несреќата.
Скопското обвинителството спроведе истражна постапка против тинејџерот за одземање на моторно возило, тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и неукажување помош на лице повредено во сообраќајка.
На 30 август, од паркинг просторот пред зграда лоцирана на булеварот „3-та Македонска Бригада“ противправно одзел туѓо моторно возило со намера да го употреби за возење. Управувајќи го украдениот автомобил „Алфа Ромео“ со скопски регистарски ознаки, по булеварот „Борис Трајковски“, осомничениот не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.
„Автомобилот го управувал без возачка дозвола, а брзината на движење на возилото не ја приспособил спрема својствата на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, изгубил контрола над управувачот и со возилото излегол надвор од коловозот на тротоарот од десната страна, каде удрил во телото на пешак. Од ударот, оштетената која се движела како пешак по тротоарот, се здобила со тешки телесни повреди и подоцна починала.
По ударот, без да укаже помош на оштетената, осомничениот продолжил да вози, повторно изгубил контрола над управувачот од возилото и удрил во метална ограда. Го оставил возилото и пеш го напуштил местото, криејќи се од органите на прогонот“, информираа од Обвинителството.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и постојат особени околности што го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Државјанин на Турција нападнат на Бит Пазар, му било оштетено и возилото
Полицијата во Скопје постапува по пријава на државјанин на Турција со престој во главниот град, кој пријавил дека бил пресретнат и физички нападнат на подрачјето на Бит Пазар.
Како што соопшти СВР Скопје, според пријавеното, на 5 јануари околу 17:50 часот, бил пресретнат од лице со иницијали В.Ф. и уште едно лице, по што В.Ф. почнал да удира по неговото возило.
Според пријавата, подоцна повторно бил пресретнат од В.Ф. и уште едно лице, кои физички го нападнале и му го оштетиле возилото.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Скопјанец ја нападнал партнерката во возило во центарот на градот
Полицијата во Скопје го приведе 36-годишниот Д.Л. од овој град, по пријава за физички напад врз неговата партнерка.
Како што соопшти МВР, вчера околу 13:30 часот, мажот бил приведен по пријава дека на 4 јануари 2025 година, додека се движеле со неговото патничко возило на подрачјето на Центар, физички ја нападнал неговата 36-годишна партнерка.
По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
На автопатот кај Гостивар: Платиле гориво со сомнителни 50 евра, па биле приведени
Двајца мажи биле приведени поради сомнеж за фалсификување на пари, откако на бензинска пумпа кај селото Жеровјане платиле со банкнота за која имало сомнеж дека е лажна.
Се работи за С.С. (31) од Гостивар и Ч.Ј.Б. (24) од Турција кои биле уапсени вчера на автопатот Гостивар–Тетово.
Двајцата околу пладне со „цитроен“ дошле пред бензиската пумпа. Ставиле гориво и на вработениот му дале банкнота од 50 евра, за која се посомневал дека е фалсификувана.
Лицата биле задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот ќе им биде изготвен соодветен поднесок.

