Македонија
Османи: Воената агресија на Русија влијае на севкупната функционалност на ОБСЕ
На маргините на 78-то Генерално собрание на ОН, во својство на Претседавач со ОБСЕ, министерот Бујар Османи предводеше средба на ОБСЕ Тројката, во која покрај Северна Македонија, влегуваат и Финска и Полска, и Генералната секретарка на ОБСЕ.
Со министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, министерот за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау и Генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Шмид, Османи разговараше за актуелните состојби во Организацијата, претстојното Претседателство во 2024, но и за горливите предизвици на теренот во регионот на ОБСЕ.
Во контекст на ризиците предизвикани од руската воена агресија врз Украина, Османи посочи дека моменталната ситуација сериозно влијае на сите иницијативи во Организацијата, но и на севкупната функционалност на ОБСЕ. „Влегувајќи во последните неколку, исклучително клучни месеци од нашето Претседателство, имаме неколку отворени прашања што треба да ги решиме“, подвлече на средбата Османи.
Тој рече дека со назначување на новиот Специјален претставник за Украина, амбасадорот Марсел Пешко, се истражуваат и дополнителни опции за ангажирање на ОБСЕ во Украина, со цел да се одговори на потребите на луѓето на терен, а ја најави и својата втора посета на Украина како Претседавач со ОБСЕ.
„Треба да покажеме единство кон Руската Федерација дека оваа Организација треба да опстојува. Мора да зборуваме обединето и да настапиме со координиран пристап и заедничка стратегија за следните чекори во обидот за решавање на некои од овие отворени прашања“, истакна Османи.
На состанокот се дискутираше и за останатите предизвици во поширокиот регион на ОБСЕ, како состојбите во Молдавија, Ерменија и Азербејџан, како и Централна Азија.
Тој најави втора посета и на Молдавија, со цел да се сретне со Владата на Молдавија и авторитетите на Транснистрија, како и втора посета на Централна Азија во октомври, односно Киргистан, Таџикистан и Туркменистан, по неговата посета на Узбекистан и Казахстан како Претседавач со ОБСЕ во август.
Во однос на ситуацијата во Ерменија и Азербејџан, Османи повтори дека имаше продуктивни средби со министрите за надворешни работи на овие земји и истакна дека ОБСЕ треба да игра активна улога во намалувањето на тензиите и животите на засегнатите луѓе.
Со цел решавање на сите отворени и горливи прашања со кои се соочува ОБСЕ, Османи најави и засилен Постојан совет кон крајот на месецов, бидејќи, како што рече „сложената ситуација бара итно внимание и решавање“.
На крајот на средбата со ОБСЕ Тројката, Претседавачот Османи упати порака и дека до крајот на мандатот на Претседателство на Северна Македонија со ОБСЕ, фокусот ќе остане на теренските мисии, граѓанските организации и пред сè на луѓето, кои се крајните корисници од „производите“ на ОБСЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски најави лидерска средба на која би се зборувало за укинување на техничката влада
Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, на која би станало збор и за укинување на техничката влада.
Мицкоски изјави дека не би влегувал во процес на укинување на техничката влада без политички консензус, оценувајќи дека ваквите промени треба да се носат со согласност на сите релевантни политички чинители.
Тој потсети дека пред изборите раководството на СДСМ јавно се залагало за бришење на техничката влада и посочи дека допрва треба да се види дали таа позиција сè уште важи.
„Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно“, рече Мицкоски во интервју за „Алфа“.
Според него, доколку постои заедничка оценка дека техничката влада го кочи функционирањето на системот, има проблеми со уставноста и не остава доволно простор за маневрирање, тогаш таквите измени треба да се направат, но исклучиво со политичка согласност.
„Планирам од утре да упатам покана до сите лидери на политички партии или водства на коалиции што имаат пратеничка група во рамките на парламентот, да организираме една лидерска средба“, изјави Мицкоски.
На средбата би станало збор и за изборот на Народен правобранител и реформските закони поврзани со напредокот на државата кон Европската Унија.
„Да покажеме зрелост и да разговараме отворено на теми за кои немаме дијаметрално различни ставови. Сите велиме дека сме за Европската Унија, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија и од Канцеларијата на Европската комисија, ајде да седнеме и да разговараме“, порача Мицкоски.
Македонија
На Божиќ се роди Миха – првото бебе во 2026 година во Кочани
На Божиќ, 7 јануари, во раните утрински часови се роди Миха, првото новороденче во 2026 година во Кочани. Мајката Виолета од Оризари роди здраво машко дете, второ во семејството Димитровски од Оризари.
Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов денеска го посети Гинеколошко-акушерското одделение во Општа болница – Кочани, каде што со д-р Илчо Атанасовски, којшто го изврши породувањето и со директорката на болницата Катерина Мирчовска-Паниќ ѝ ја честитаа рожбата на мајката.
Градоначалникот им ги врачи традиционалните подароци на бебето и на мајката и им посака добро здравје и многу среќа во животот.
– Во моментите кога го славиме најголемиот христијански празник, раѓањето на нашиот Бог, Исус Христос се раѓа и нова надеж во Кочани. Ова не е симболика, ова е јасна порака со која, Господ Бог е со нас и со негова помош ќе се трудиме да го направиме тоа што многупати го кажавме, за повторно раѓање на Кочани и на кочанската болница. Од мое лично име и од име на Општина Кочани на малиот наш сограѓанин, му посакувам безгрижно детство, многу здравје и да биде гордост на неговите родители и на нашиот град Кочани. Ние како Општина ќе бидеме посредник меѓу централната власт и институцијата болница во Кочани за што е можно побрзо возобноување и повеќе инвестиции, како на кадровско така и на организациско поле – рече градоначалникот Грозданов.
На Гинеколошко-акушерското одделение и на дежурната екипа градоначалникот им врачи подароци и им посака успешна работа во 2026 година.
Доктор Илчо Атанасовски соопшти дека во 2025 година на Гинеколошкото одделение во Кочани се извршени 1600 прегледи и 230 хоспитализации. Бројот на породувања е помал во споредба со лани, но бројот на дијагностицирани карциноми е зголемен од 5 во 2024 на 16 во 2025.
Според директорката Паниќ-Мирчовска се очекува брзо кадровско екипирање на Гинеколошко-акушерското одделение со нови специјалисти, како и подобрување на медицинската опрема во кочанската болница.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:00 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е во прекин за секаков тип на возила, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ).
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.

