Македонија
Ковачевски-Олчак: Филип Морис ги зголемува инвестициите во Тутунски комбинат Прилеп, пласман на македонското производство во странство
Премиерот Димитар Ковачевски, во рамките на работната посета на Њујорк се сретна со извршниот директор на Филип Морис, Јацек Олчак.
На состанокот е оценето дека Република Северна Македонија се развива во држава со атрактивна клима за инвестирање, по интеграцијата во НАТО и отворените перспективи за полноправно членство во ЕУ во динамичен процес, што обезбедуваат еден од клучните услови на инвеститорите, стабилна и предвидлива инвестициска клима.
Разговарано е за значајните инвестиции на компанијата Филип Морис во Тутунскиот комбинат АД Прилеп, во рамки на стратешкото партнерство на светски познатата компанија и комбинатот, при што е формирана заедничката компанија Филип Морис Тутунски Комбинат АД Прилеп (ФМТКП).
Истакнато е значењето на зголемените инвестиции на Филип Морис во модернизацијата на производството во Комбинатот, со што е отпочнато производство на зголемен број брендови од портфолиото на Филип Морис Интернешнл.
При тоа, од јули годинава е започнат и извоз на брендовите коишто покрај во земјава, сега се пласираат и во Ерменија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, а се очекува проширување на извозот и во Европската Унија.
На состанокот е разговарано и за планираните нови инвестиции во фотоволтаици. И е истакнато значењето на споделените знаења и експертизи. Со сето тоа, добивките на компанијата Филип Морис Тутунски Комбинат АД Прилеп се зголемуваат и конкретно се четирикратно зголемени во однос на 2019 и 2020 година.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за придонесот на Филип Морис Интернешнл во развојот на една од најстарите компании во нашата држава, Тутунски комбинат АД Прилеп, којашто годинава одбележува голем јубилеј – 150 години постоење.
„Успешната работа на Филип Морис Тутунски Комбинат АД Прилеп е значајна придобивка и во развојот на македонската економија и силна порака до странските инвеститори за поволната инвестициска клима во нашата држава“, оцени премиерот Ковачевски.
На средбата е разговарано и околу можности за натамошно унапредување на соработката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (локално над 25 l/m2) и со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност од денеска до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на денешниот ден и во четврток (над 25 l/m2 за 24 часа). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.
Македонија
Муцунски во Белград: Регионалното поврзување е клучно за забрзување на европската интеграција
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вечерва во Белград учествуваше на работна средба со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Фокусот на разговорите беше ставен на проширувањето на Европската унија, актуелните геополитички околности и предизвиците што произлегуваат од нив, како и на регионалната безбедност и неопходноста од засилено регионално поврзување и соработка.
Министрите уште еднаш ја потврдија важноста на ЦЕИ како стабилна платформа за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, унапредување на партнерствата и ефективно справување со регионалните предизвици.
Во своето обраќање министерот Муцунски ја нагласи улогата на регионалното поврзување и регионалните иницијативи како клучни алатки за забрзување на европската интеграција – најзначајниот процес за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој ја потврди целосната посветеност на Република Северна Македонија на европскиот пат, нагласувајќи дека тоа е геостратешка неопходност за стабилен, сигурен и просперитетен регион.

