Култура
Костадиновска-Стојчевска од Битола: Министерството за култура ги почитува филмските уметници во откривање на „непозното“
Многубројни гости со силен аплауз го поздравија македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски, по светската премиера на Фестивалот во Венеција, со кој вчеравечер во Центарот за култура во Битола беше отворен 44. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој годинава се одвива под мотото, „Прекрасното непознато“.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на свеченоста пред проекцијата на филмот им пожела добрeдојде на гостите во Битола, како што рече: „во градот кој по 44-ти пат, во чест на ’Браќата на светлината‘, Јанаки и Милтон Манаки, достоинствено и достојно ја чествува магијата на филмската камера“.
− Овој фестивал, кој ги негува вредностите на врвната визуелна уметност, е и чувар на споменот за љубопитните браќа Манаки, за кои дотогаш „непознатото“ било голем предизвик. Тој предизвик нè донесе до „Прекрасното непознато“. Затоа, и вечерва, и тука, со нескриено задоволство сакам да нагласам дека збирката на движното културно наследство ФОНД 580 „Браќа Манаки 1853 – 1964“, која се наоѓа во битолското одделение на Државниот архив, ја прогласивме за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата исклучително значење – истакна Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека збирката од над илјада и двесте артефакти е оригинално сведоштво за едно бурно време на Балканот и своевиден ракопис од европска важност.
– За историјата на светската кинематографија и да не зборуваме. Зашто браќата Манаки беа први на Балканот, меѓу првите во Европа. Македонската кинематографија им ја должи сета почит – кажа министерката за култура во Битола и додаде: – Филмската уметност е моќен медиум, најразбирливиот јазик кој лесно ги минува сите бариери. Тоа одамна го осознаа браќата Манаки. И влегувајќи во „свој“ филм, допреа до „Прекрасното непознато“. Онаму кон каде што одите и вие.
Костадиновска-Стојчевска му ја врачи наградата на оскаровецот Питер Бижу, кој е годинашен добитник на „Златна камера 300“ за животен опус, честитајќи им ги признанијата на сите годинашни носители на награди. Таа истакна дека Министерството за култура е и ќе биде почитувач и пријател на сите на кои овој „празник на филмот“ во Битола им е сè.
– Оттаму, радува ентузијазмот, страста на овој фестивал, од година во година, со децении, да ја надоградува љубовта кон добриот кадар. И тоа ја заслужува нашата почит – додаде Костадиновска-Стојчевска.
Годинашниот добитник за животно дело Питер Бижу е кинематограферот на антологиските филмски остварувања: „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Ѕидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „Ричард III“ и редица други. Бижу има работено со многубројни звучни режисерки имиња од светот на филмот, како и со Алан Паркер, со кого заедно работеа и на антологиското дело од 1982 година „Пинк Флојд: Sидот“, со чија нумера започна и ова 44. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.
Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, чиј добитник годинава е познатата македонска актерка и продуцент Лабина Митевска, традиционално ја додели претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија, Игор Иванов-Изи. На отворањето на Фестивалот се обратија и директорот на Фестивалот, Симон Мони Дамевски, и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
На 44. фестивалско издание што се одржува од 23 до 29 септември, добитник на специјалната „Златна награда 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е Шејмус Мекгарви, чиј ракопис стои зад „Покајание“ и „Ана Каренина“, за кои бил и номиниран за Оскар за најдобра фотографија (кинематографија). Специјален гостин оваа година е познатиот продуцент Иан Смит.
На Фестивалот ќе се прикажат 79 филмови, а од странство пристигнуваат 350 гости, за кои е подготвена дополнителна програма во која се содржани работилници, изложби, кабаре и многу дружење во Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Крива Паланка ги отвора вратите за „Невестинско поклонение“: Празник на носиите, обичаите и заедништвото на 1 март во Конопница
Во дворот на Црквата „Св. Теодор Тирон“ во село Конопница, во недела на 1 март 2026 година со почеток во 13 часот, ќе се одржи 16-тото издание на културната манифестација „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон“.
Настанот го организира Општина Крива Паланка во соработка со Здружението за рурален развој РЗР „Патник“. Манифестацијата е посветена на негување на македонските автентични носии, традиционалните обичаи и локалниот културен идентитет.
Програмата ќе биде збогатена со музички настап на Андријана Алачки и бендот на Гоце „Синтезис“.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, по повод манифестацијата изјави:
„Со вистинска радост и како вистински домаќини, ги отвораме вратите за сите добронамерници кои сакаат да го доживеат овој празник. Ветуваме дека ќе го зачуваме духот на традицијата, убавината на обичаите и автентичните носии, и заедно ќе ги пренесеме овие вредности на идните генерации.“
Од Општината ги повикуваат граѓаните и љубителите на културата да присуствуваат и заедно да го одбележат овој културен настан.
Култура
Фотографска изложба на Александра Костадиновска во КИЦ Белград
На 24 Февруари 2026 год. во 19 часот во Македонскиот културно – информативен центар во Белград ќе биде претставена самостојната изложба на фотографката Александра Костадиновска насловена „Осончена тишина“.
Фотографската серија која Костадиновска ја изложува пред белградската публика е приказна за личното искуство со универзалноста на светлината како симбол на нови почетоци, на топлина и на живот, раскажана преку 24 одделни фотографски наративи. Изложбата е реализирана во соработка со Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, а во рамките на проектот за патувачки изложби „МузеумЛинк“ под кураторство на Јасминка Намичева-кустос советник. Претставувањето пред белградската публика е благодарение на подршката од МКИЦ Белград и Министерството за култура и туризам, а изложбата вечерва ќе ја отвори директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Фотографиите на Костадиновска се креирани во корелација на тенката линија меѓу документарното и поетското. Во нејзините кадри се препознава смелоста да се напушти комфорната зона, но и тивката радост од прифаќањето на непознатото со осет за миговноста на моментот.
Архитектонските структури, крајбрежните перспективи, тишината на скаменетите дини или случајните сенки кои се проектраат на фасадите не се само регистрирани мотиви – тие се прераскажани во вид на лични записи, каде сонцето е водич, но и сведок. Тоа е визуелна приказна која го надминува поимот на класичен патепис. Тоа е серија фотографии што истовремено функционираат како интимен дневник, како документ на едно лично патување низ европските простори, и како универзална медитација за светлината – нејзината материјалност и нејзината нематеријална сила.
„Осончена тишина“ е и студија за времето: за утринската мекост на светлината, за попладневниот интензитет и за нежната златна нијанса на зајдисонцето кое отскокнува од мазната површина на водата. Секоја фотографија ја носи во себе идејата за минливоста но истовремено и постојаноста – моментот исчезнува, но светлината како чувство во нашата меморија останува.
Со својата суптилност и истовремено силна визуелна експресија, „ Осончена тишина“ претставува покана кон сите нас да ги забележуваме сопствените „сончево бакнати“ моменти – оние мали, минливи фрагменти што се претвораат во вечни спомени замрзнати во личната мемориска капсула.
Изложбата ќе биде поставена пред белградската публика до средината на месец март.
Во вториот дел од вечерашнава програма, предвиден е омаж за неодамна починатиот д-р Коста Балабанов (1929-2026), преку прикажување на неколку документарни филмови од некогаш исклучително популарниот телевизиски серијал „Закопана мистрија“
Д-р Коста Балабанов беше една од најистакнатите личности во македонската историја на уметност, конзерватор, научник, дипломат и културен деец, кој остави длабока трага во прочувањето, зачувувањето и меѓународната афирмација на македонската средновековна уметност.
Култура
Во Лондон доделени наградите БАФТА: „Една битка по друга“ прогласен за најдобар филм
Седумдесет и деветото доделување на наградите БАФТА се одржа синоќа во Лондон. За најдобар филм беше прогласен „Една битка по друга“ во режија на Пол Томас Андерсон, кој ја освои и наградата за најдобар режисер.
Иако наградите БАФТА за најдобар филм и најдобар режисер обично се делат помеѓу два одлични филма, овој пат обете награди ѝ припаднаа на акционата црна комедија.
Британецот Роберт Арамајо беше прогласен за најдобар актер за неговата улога во филмот „Се колнам“.
Во категоријата за најдобар актер беа номинирани и Тимоти Шаламет за неговата улога во филмот „Грешници“ и Леонардо Дикаприо за „Една битка по друга“.
Како што се очекуваше и заслужено, Џеси Бакли беше прогласена за најдобра актерка за нејзината изведба на сопругата на Шекспир во филмот „Хамнет“ во режија на Клое Жао.
Наградата БАФТА за најдобар спореден глумец му припадна на Шон Пен за неговата улога во „Една битка по друга“, додека наградата за најдобра споредна глумец ѝ припадна на Вунми Мосаку за нејзината улога во „Грешници“.
Најистакнат британски филм е „Хамнет“, додека наградата за најдобро сценарио му припадна на Рајан Куглер за филмот „Грешници“.
Најдобар филм прикажан на друг јазик е „Сентиментална вредност“, најдобар документарец е „Господин Никој против Путин“, додека „Зотрополис 2“ е најдобар анимиран филм.
Водител на 79-тото доделување на наградите БАФТА беше шкотскиот актер, водител и режисер Алан Каминг.

