Регион
Вучиќ го осуди убиството на полицаецот: Се побунија Срби од Косово не можејќи да го трпат теророт на Курти
Србите, а не луѓето од централна Србија како што лажеа, се револтираа и не сакаат повеќе да го трпат теророт на Курти. Од 3 ноември, кога Курти го разреши Ѓуриќ, тие ја користеа косовската полиција против Србите 62 пати, 22 ескалирачки потези во северот на Косово, 56 етнички мотивирани напади врз Србите. Беше само прашање кога, особено оние кои ги гони полицијата и кои постојано се движат по централната релација Србија-Косово, ќе се обидат да направат нешто за себе и за своите семејства. Не сакам да го оправдам убиството на албански полицаец, тоа е за осуда и тоа никому не му требаше во моментот кога сите сфатија дека Курти е главниот организатор на хаосот во Косово, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ.
„За само еден час и дваесет минути тие неколку десетици Срби беа целосно опколени, очигледно тоа е направено заедно со меѓународните сили. Беше извршен брутален напад врз нив и на почетокот се чудевме зошто КФОР не го направи тоа, ќе имаше помалку жртви. Според нашите информации со кои располагаме, потврдено е дека се убиени тројца Срби од Косово. Двајца од снајперски оган, кога не мораше да бидат ликвидирани. Двајца од нив се тешко ранети, а се стравува дека е убиено и четврто лице. Следевме, пресретнавме што прави албанската полиција, доказите ќе ви ги покажеме, можеби и на конференцијата, само го чекаме преводот“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија наведе дека прашање е дали едно лице ќе преживее само затоа што не сакале да му помогнат и дека имаат аудио снимки на кои албанската полиција се смее и вели „нека умре“.
„Група Срби од Косово и Метохија поставија два камиони како барикади во Бањска на северот на Косово, потоа пристигнува косовската полиција и се обидува да ги отстрани барикадите, по што доаѓа до конфликт во кој е убиен албански полицаец, а едно лице е рането“, изјави Вучиќ на првата медиумска конференција и додаде дека не се обратиле порано, бидејќи требало да има време да се испита што се случило и да се донесат одлуки што Србија ќе ги спроведе.
Како што додаде, иако секој ден во Брисел и Њујорк предупредувал дека сето ова може да се случи, малкумина сакале да слушнат.
„Курти е единствениот виновник за се. И дел од меѓународната заедница која му помага. Тој е единствениот што сака конфликти и војна, неговата животна желба е да не вовлече во војна со НАТО. Жал ми е што тамошните Срби паднаа на неговите провокации. Наше е да направиме се што можеме за да спречиме повеќе крвопролевање и да го зачуваме мирот. Но, ако некој мисли дека… За тоа подоцна, не е важно. Кога ќе донесеме одлука, ќе ве известиме. Знам на што се способни луѓето во гневот, но да бидеме паметни“, рече претседателот на Србија и истакна:
„Ние сме подготвени да разговараме. Но, за признавање – заборавете!“
Косовската полиција потврди дека се уапсени пет лица, од кои едно е директно поврзано со пукањето, додека четворица од нив се осомничени за логистичка поддршка. Според полицијата, кај нив биле пронајдени радио станици, муниција и значително количество оружје.
Рашко-призренската епархија соопшти дека група вооружени маскирани лица со оклопно возило влегле во манастирот и ја пробиле заклучената порта на манастирот. Ситуацијата во Бањскиот манастир моментално е мирна, а вооружените лица кои денеска ја пробија капијата го напуштија манастирот. Во моментов е забележано присуство на косовската полиција пред влезната капија и во дворот на манастирот, соопшти Рашко-призренската епархија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ се сретна со Макрон: Разменивме мислења за улогата на Србија и Франција во новиот свет што се создава
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска, за време на посетата на Индија, се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.
„На другиот крај на светот, во Њу Делхи, со пријателот Емануел Макрон секогаш срдечно и во добро расположение, особено по исклучителната вечера што ни ја приредија љубезните домаќини“, напиша Вучиќ на Инстаграм и додаде:
„Иако немаше време за сериозни и тешки теми, искористивме неколку моменти да размениме мислења за самитот во Индија и за местото и улогата на Србија и Франција во новиот свет на чие создавање сме сведоци.“
View this post on Instagram
Во текот на денот, претседателот Вучиќ имал почесно место на вечерата во Њу Делхи што ја организирал индискиот премиер Нарендра Моди. На свечената вечера за светските лидери, Вучиќ седел покрај францускиот претседател Емануел Макрон.
Регион
Хашим Тачи тврди дека е целосно невин и бара ослободување од Хаг, и другите тројца водачи на ОВК негираа вина
Четворица поранешни лидери на ОВК – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Кадри Весели – на кои им се суди пред Специјализираните совети во Хаг за воени злосторства, денеска во своите завршни зборови пред судскиот совет се изјаснија за невини и тврдеа дека обвиненијата на обвинителството против нив не се основани.
„Речиси три години во оваа сала ги слушавте обвиненијата на обвинителството. Ја слушнавте и вистината. Постои само една вистина. Јас сум целосно невин“, изјави Хашим Тачи, додавајќи дека жали за сите жртви без разлика на националноста.
Според Тачи, единствениот противник на него и на ОВК бил режимот на Милошевиќ.
„Да не беа интервенциите на НАТО-силите, Косово никогаш немаше да биде слободно и независно“, рече Тачи.
Неговата одбрана наведе дека најголемиот грев на судењето е ако се ветува многу, а се исполнува малку, истакнувајќи дека обвинителството е виновно за тоа, бидејќи ветило многу, а не презентирало ништо.
Вториот обвинет, Кадри Весели, изјави дека неговото семејство и тој „постојано биле изложени на прогон од српската држава“, а дека се вратил на Косово затоа што „не можел да остане рамнодушен кон страдањето што неговиот народ го доживувал“.
Весели истакна дека неговите постапки биле хумани и дека неговата совест е чиста.
Поранешниот лидер на ОВК, Реџеп Сељими, во завршниот збор рече дека „Србија никогаш не ги криела своите намери кон Албанците“.
„ОВК не беше создадена од желба, туку од нужда. За мене е најголема чест да бидам соборец на Адем Јашари. Да, носев оружје. Оружјето за нас беше преживување. ОВК немаше друга цел освен слободата. ОВК беше ослободителна војска“, изјави Сељими.
Јакуп Красниќи изјави дека не смета оти обвиненијата против него претставуваат правда.
„Целиот свет знае дека НАТО интервенираше поради кривичните дела извршени врз косовските Албанци. Без таа меѓународна интервенција немаше да ја имаме нашата слобода, но таа немаше да биде остварена ниту без ОВК“, рече Красниќи.
Поранешните лидери на ОВК се соочуваат со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Косово во периодот 1998–1999 година. Според обвинението, тие биле дел од „заеднички злосторнички потфат“.
Изнесувањето на завршните зборови во Хаг започна на 9 февруари. Главната обвинителка Ким Вест тогаш изјави дека сведочењата и доказите презентирани во текот на постапката потврдиле дека кривичните дела биле извршени и дека обвинетите се одговорни за нив. Таа побара Судот да ги прогласи обвинетите за виновни по сите 10 точки од обвинението и да им изрече единствени казни од по 45 години затвор.
Регион
Кинеските брзи возови наскоро на релација Будимпешта–Белград
Новата ера во железничкиот сообраќај меѓу Унгарија и Србија би можела да почне за неколку недели со воведување модерни возови од кинеско производство на линијата Будимпешта–Белград. Во меѓувреме, на унгарската делница веќе се спроведуваат тестирања со големи брзини, а првите информации велат дека патувањата нема да бидат само побрзи, туку и значително поудобни, пишува „Дејли Њуз Хангари“.
Српската државна железничка компанија Србија Воз ги претстави возовите што ќе сообраќаат на новата линија. Секој воз има капацитет од 498 патници.
Внатрешноста повеќе наликува на модерни меѓуградски возови отколку на традиционални регионални линии, а на патниците ќе им бидат достапни кожни седишта, приклучоци за струја, светла за читање, простор со кафе-бар и бифе, како и автомат за самопослужување со кафе. Возовите на одредени делници ќе можат да достигнуваат брзина до 200 километри на час, јавува српската новинска агенција „Танјуг“.
Железничката линија Будимпешта–Белград е една од најголемите инфраструктурни инвестиции во регионот и се реализира во рамки на кинеската иницијатива „Појас и пат“. Српската делница е долга 183 километри, има два колосека и е целосно електрифицирана, што ја прави погодна и за патнички и за товарен сообраќај. Се очекува модернизацијата значително да го скрати времето на патување и да ја зголеми конкурентноста на железницата во однос на патниот и авионскиот превоз.
Работите се забрзуваат и од унгарска страна. Според „Вилаггаздашаг“, тековното затворање на пругата би можело да заврши кон крајот на февруари, што ќе овозможи воспоставување товарен сообраќај со брзина до 100 км/ч. Почетокот на патничкиот сообраќај се очекува во средината на март.
Тестирањето на пругата се одвива меѓу Шорокшар и Келебија. Тест-возовите постепено ја зголемуваат брзината – првиот ден возеле со 60 км/ч, а за само неколку дена достигнале 160 км/ч. За време на тестирањата возот накратко ја преминува границата кај Суботица, пред повторно да се врати во Унгарија.
Во инспекцијата е вклучена и подружницата на „Дојче Бан“, DB Systemtechnik, која користи специјализирани мерни возови. Еден од нив е брз мерен воз што може да ја проверува инфраструктурата при брзини до 280 км/ч, додека неговиот технички максимум изнесува 440 км/ч. Возот врши ласерски и камерски мерења, ја испитува геометријата на колосекот и ги анализира безбедносните параметри и удобноста на возењето.
Другиот, т.н. мерен воз со наклонета технологија, ја проценува состојбата на пругата во свиоци и на наклонети делови, ја надгледува интеракцијата меѓу пантографот и надземните водови и ја мери покриеноста со сигнал на мобилната мрежа.
Според актуелниот план, најпрво ќе започне товарниот сообраќај, а потоа и патничкиот. Доколку сè се одвива според планот, патниците веќе оваа пролет би можеле да патуваат со модерни, брзи и удобни возови меѓу Будимпешта и Белград, што ќе претставува практична железничка алтернатива на летот или патувањето со автомобил меѓу двете престолнини.

